Свет
Територијата на Либан под оган од сириска страна
Врз пограничниот регион на Либан, каде што се сместуваат бегалците од областите погодените со немирите во Сирија, било стрелано од сириска територија, при што едно лице загинало а уште пет се повредени, јави Agence France-Presse, цитирајќи извор во безбедносните служби
Како што пренесува агенцијата, инцидентот се случил на контролниот пункт Ал Бокаја на либиско-сириската граница. Сириските бегалци од градот Тел-Калјах, ја преминале границатa и се упатиле кон градот Вади-Калед во Либан, кога се нашле под оган од страната на Сирија. Во нападот загинал еден Сириец, а пет лица меѓу кои и либански војници биле повредени. Според AFP, стотици луѓе во саботата бегале во соседен Либан од сирискиот пограничен град Тел-Калјах, кој е опкружен од сириската војска. Според медицински лица во градот, откако протестите се раширија имало жестока реакција на сириските безбедносни сили кои убиле најмалку четири лица. Претседателот Бушар ал-Асад кој владее авторитарно преку неговата партија Баат е на власт од 2000-та кога на функцијата го наследи неговиот татко. Тој на почетокот од бунтот во март најави можност за политички реформи, но потоа ја активираше војската за да го задуши бунтот. Протестите на опозицијата во Сирија продолжуваат и покрај владината амбициозна програма за реформи, покажана особено со укинувањето на вонредната состојба којашто беше воведена уште во 1963 г. што беше едно од главните барања на опозицијата. Во блиска иднина се очекува да бидат укинати и уставните одредби според кои владејачката Баат партија е „владејачка и водечка сила во општеството“. Сириските власти за речиси двомесечните немири ги обвинуваат „криминалните групи поддржани од надворешни сили“. Според официјални информации, досега во судирите загинале околу 150 луѓе, додека опозицијата тврди дека оваа бројка е над 800.Според официјалните податоци на сириските власти, пак, од почетокот „на насилството предизвикано од платеници против безбедноста на граѓаните и татковината“, загинале 70 цивили и над 80 војници и полицајци.Протестите со кои се бараат демократски реформи во Сирија започнаа во средината на март. Армијата и безбедносните сили на Сирија вршат постојан притисок врз демонстрантите растурајќи ги нивните митинзи низ градовите на земјата. Во петоците инаку се одржуваат најмасовните демонстрации на опозицијата.Масовните демонстрации во Сирија започнаа во областа Дера’a. Директен повод за тоа беше апсењето на група ученици кои по ѕидовите испишувале анти-владини пароли. Нивните сограѓани масовно излегоа на улиците барајќи ослободување на момчињата. Подоцна, протестот се прошири на уште неколку други региони на земјата, а особено беа масовни во градовите Латакија, Банијас, Хомс и Хама, како и во некои предградија на главниот град Дамаск.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ воведува апликација за пријавување сајбер-насилство кај младите
Младите во Европската Унија наскоро ќе можат преку посебна апликација да пријавуваат сајбер-насилство, најави еврокомесарката за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, во Стразбур.
Апликацијата е дел од Акцискиот план за борба против кибернетичкото злоставување, претставен на Меѓународниот ден за побезбеден интернет. Виркунен изјави дека „сите жртви и сведоци на злоставување мора да знаат каде можат да се обратат за помош“, поради што ќе се воведе алатка на ниво на ЕУ.
Таа повика земјите-членки да изработат национални планови и да воспостават заедничка дефиниција за сајбер-насилство, со цел подобра споредба на податоци и поефикасна заштита на младите.
Европската комисија потсети дека со Актот за дигитални услуги од платформите се бара повисоко ниво на приватност и заштита на малолетниците, додека со Актот за вештачка интелигенција се забранува манипулација и измама на корисниците.
Европратениците повикаа на поголема одговорност на социјалните мрежи.
Свет
Витакер: Трамп и Зеленски ќе го потпишат мировниот договор кога ќе дојде време
Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека мирот во Украина е поблиску од кога било досега, иако сè уште не е утврдено кога украинскиот и американскиот претседател ќе го потпишат мировниот договор за ставање крај на руската агресија.
Витакер рече дека договорот ќе биде потпишан „кога ќе дојде време“ и дека верува оти завојуваните страни се блиску до постигнување мир.
„Постојано го повторувам тоа, не само затоа што верувам во тоа, туку и затоа што внимателно ги следам преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, изјави тој.
Додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога тоа ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Сметам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но истовремено да обезбедиме Украина и натаму да има, преку програмата ПУРЛ (програма преку која европските членки на НАТО од САД купуваат оружје за Украина) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се брани“, рече Витакер.
САД очекуваат земјите-членки на НАТО во наредните два дена да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина.
Витакер посочи дека трите земји кои досега купиле најмногу американско оружје за Украина преку програмата ПУРЛ се Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Украина вети дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди долари за купување вооружување за украинските вооружени сили во рамки на истиот програм.
Свет
По новите документи, министерот призна: Бев на островот на Епстин со сопругата и децата, не посведочив незаконско однесување
Американскиот министер за трговија Хауард Латник призна за време на сведочење пред Сенатот дека го посетил озлогласениот приватен остров на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Признанието доаѓа и покрај неговите претходни тврдења дека ги прекинал сите контакти со Епстин откако првпат се сретнале во 2005 година, објави „The Hill“.
„Ручав со него додека со брод поминувавме низ таа област за време на семеен одмор“, изјавил Латник. Тој нагласил дека сопругата и децата биле со него за време на посетата во декември 2012 година и дека не бил сведок на никакви сексуални злосторства кои, според наводите, се случувале на приватниот остров.
„Бев на островот со семејството“
„Сопругата беше со мене, како и нашите четири деца и дадилки. Таму беше и уште еден пар со своите деца. Ручавме на островот. Тоа е вистина, поминавме околу еден час и си заминавме – сите заедно“, сведочел Латник пред сенаторите, додавајќи: „Не се сеќавам зошто отидовме таму.“
Неколку демократски сенатори ги доведоа во прашање неговите претходни тврдења дека го прекинал контактот со Епстин пред повеќе од 20 години. Тие посочија дека неговото име повеќепати се појавува во документи поврзани со Епстин, кои неодамна ги објави Министерството за правда.
Некои од документите упатуваат дека Латник го посетил островот во 2012 година, откако Епстин се изјаснил за виновен за поттикнување малолетничка на проституција. Електронски пораки покажале дека Латник бил поканет на островот во декември 2012 година, а помошничката на Епстин подоцна напишала: „Ми беше драго што ве видов.“
Сенаторот Крис Ван Холен изјави дека новообјавените документи ја доведуваат во прашање веродостојноста на Латник како сведок пред Конгресот.
„Наслутивте дека сте го прекинале секој контакт со Џефри Епстин по средбата во 2005 година во неговиот стан. Како што знаете, документите покажуваат сосема поинаква слика“, рекол Ван Холен.
Претходно тврдеше дека немал контакт
Латник претходно изјавувал дека бил вознемирен од карактерот на Епстин уште при првото запознавање во Њујорк, кога, како што рекол, Епстин давал сексуални алузии.
„Во следните 14 години, колку што се сеќавам, го сретнав уште двапати. Двапати. Шест години воопшто не го видов. Шест години подоцна повторно се сретнавме, па една и пол година подоцна – и никогаш повеќе“, сведочел Латник. „Од милиони документи, има можеби десет мејлови што ме поврзуваат со него. Во 14 години немав никаква врска со него“, рекол тој.
Но Ван Холен оценил дека новите информации не се совпаѓаат со претходните изјави.
На директното прашање дали навистина го посетил приватниот остров на Епстин, Латник признал дека бил таму.
„Не видов сомнително однесување“
Министерот инсистирал дека не видел никакво сомнително или незаконско однесување.
„Единственото што го видовме – јас, сопругата, децата и другиот пар со нивните деца – беа вработени кои работеа за господинот Епстин на островот“, рекол тој.
Ван Холен истакнал дека посетата се случила откако Епстин веќе бил осуден за поттикнување малолетничка на проституција. Сенаторот прашал и за документ што сугерира дека Латник присуствувал на вечера со Вуди Ален во резиденцијата на Епстин во 2011 година.
„Не“, одговорил Латник, додавајќи дека пронашол документ што наведува средба во мај во 17 часот, „но не вечера или нешто слично“.

