Македонија
Волерс: Решавањето на спорот со името е ваша работа
Надминувањето на спорот со името е работа на Македонија и Грција, а САД можат да помогнат единствено со совет, рече новиот американски амбасадор во Скопје Пол Волерс, откако денеска со предавањето на акредитивните писма на претседателот Ѓорге Иванов официјално ја презеде функцијата.
Надминувањето на спорот со името е работа на Македонија и Грција, а САД можат да помогнат единствено со совет, рече новиот американски амбасадор во Скопје Пол Волерс, откако денеска со предавањето на акредитивните писма на претседателот Ѓорге Иванов официјално ја презеде функцијата.
Волерс изрази поддршка за процесот воден под покровителство на Обединетите Нации и посочи дека САД ќе го поддржат секое решение што ќе произлезе од разговорите меѓу Скопје и Атина.
“Очигледно е дека нашата позиција за името не се променила. Ние ја признавме Република Македонија. Сфаќаме дека е големо прашање. Ние го поддржуваме процесот воден под покровителство на Обединетите Нации и било кој резултат што ќе произлезе од разговорите меѓу Грција и Македонија, што заеднички ќе го договорат, ние ќе го поддржиме. Тоа не е прашањето ние треба да го решаваме, туку тоа е прашање што вие треба да го решавате, но ние ќе бидеме тука за помош и совет колку што можеме. Позицијата во врска со ова отсекогаш била истата“, рече Волерс.
Новиот американски амбасадор ги посочи областите во кои Вашингтон очекува напредок.
„Не би рекол дека има назадување на нивото на демократија. Мислам дека секогаш има прашања со кои треба да се соочите, имало отворени прашања и претходно, што значи дека ова не е нешто ново. Но, мислам дека има прашања што дефинитивно треба да бидат надминати и со кои мора да се соочите, во поглед на владеењето на правото, независноста на судството, независноста на медиумите – тоа се важни фактори во секоја демократија. Македонија не е ништо поразлична од било која друга земја и Македонија треба да се соочи со отворените прашања како секоја друга земја“, рече Волерс.
Слична порака Волерс упати и при предавањето на акредитивните писма на претседателот Иванов, кој му посака успех во работата, но го спомена и очекувањето на македонските власти за полноправно членство на земјата во НАТО на следниот самит што ќе се одржи токму на американско тло, во Чикаго.
„Вам ви е добро познат и проблемот со нашиот сосед, кој преставува пречка во интегративните процеси. Ние сме целосно посветени за што поскоро изнаоѓање на решение прифатливо за двете страни. Нашите граѓани ги трпат последиците од овој проблем кој Грција го има со нашето име, а кој е целосно неразбирлив, како од перспектива на времето во кое живееме, 21-от век, така и од аспект на сите мерки на добра волја кои Република Македонија до сега ги има превземено за да ги покаже своите најискрени добрососедски намери. Но, не сме обесхрабрени, сакаме и веруваме дека до решение можеме да дојдеме со заемна подготвеност, со заемно почитување и придржување до рамката на разговорите, зададена со резолуциите на ООН“, рече Иванов.
Волерс, кој вчера пристигна во Скопје, е дипломат од кариера кого Сенатот, на 2 август 2011, едногласно го потврди како амбасадор на САД во Република Македонија. Пред неговата номинација, тој беше заменик извршен секретар во Стејт департментот.
Волерс претходно служеше како директор на Канцеларијата за Кавказ и регионални конфликти во Бирото за европски и евро-азиски прашања, беше заменик шеф на мисија и вршител на должноста амбасадор во Амбасадата на САД во Скопје, беше заменик директор на Штабот на Извршниот секретаријат и виш надзорник во Центарот за операции.
Претходно во својата кариера, Волерс беше на дипломатски позиции во амбасадите на САД во Букурешт, Москва и Никозија. Во Вашингтон, во Бирото за политичко-воени работи, Волерс работеше на прашања поврзани со контрола на оружје, а беше и деск офицер за Бангладеш во Бирото за Јужна Азија.
Тој исто така работеше во Штабот на Извршниот секретаријат. Пред да дојде во Стејт департментот, амбасадорот Волерс служеше како офицер во Морнаричката авијација на САД. Има диплoмирано на Морнаричката академија на САД и докторирано на Универзитетот Вашингтон. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

