Македонија
Мајка Тереза – лик и дело еден век
„Мајка Тереза не сакаше да зборува за своите дела. Таа му служеше само на Бога. Затоа и ние не зборуваме за нашата работа. Ние само му служиме на Бога“, ни рече главната сестра од Редот на Мајка Тереза,
„Мајка Тереза не сакаше да зборува за своите дела. Таа му служеше само на Бога. Затоа и ние не зборуваме за нашата работа. Ние само му служиме на Бога“, ни рече главната сестра од Редот на Мајка Тереза, при нашата денешна посета по повод одбележувањето на сто годишнината од раѓањето на најпознатата хуманистка.
Четири сестри од Редот на мисионерката секојдневно ја продолжуваат нејзината мисија прехранувајќи и згрижувајќи ги најсиромашните со молитва, во една куќа во населбата Кисела Вода.
„Останав без работа. Дојдов во ситуација од црква да земам леб“ – ни рече еден од бројните Скопјани кои секојдневно доаѓаат во куќата на сестрите по неколку парчиња леб.
Мајка Тереза е родена на 26 август 1910 година во Скопје во семејството Бојаџиу каде живее до својата 18 годишна возраст, кога одлучува да му служи на Бога и да замине за Индија. Не го заборава родното Скопје. Овде навраќа неколку пати и при третата посета на родниот град ја основа мисијата со четири сестри.
Денеска Скопје и целиот свет ја одбележува 100 годишнината од нејзиното раѓање. По тој повод во Собранието се одржа свечена седница на која претседателот Трајко Вељановски во својот говор истакна дека Мајка Тереза останува пример за несебична посветеност на хуманоста. Нејзината животна посветеност и грижата за сиромашните и болните ја става во редот на најголемите хуманисти во човековата историја.
„ На прашањето што е по националност, Мајка Тереза одговара дека е Скопјанка која му припаѓа на целиот свет. Токму во овие зборови се гледа дека сите ние прво сме луѓе, божји деца, без разлика на која нација и вера припаѓаме“ – рече Вељановски.
Во Собранието денеска беше доделена и државната награда „Мајка Тереза“, која оваа година им припадна на писателот Халил Зендели и на педијатарот Олга Јотовска.
Одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на големата хуманистка продолжува и вечерва со изложба на фотографии насловена „Мајка Тереза – Мајка на сиромашните, од хрватскиот фотограф Звонимир Атлетиќ во Спомен куќата со почеток во 20 часот, а во 18 часот во Католичкиот катедрален храм „Пресвето срце Исусово ќе се служи Понтификална света литургија.
Сестра Тереза од Лорето станува Мајка Тереза од Калкута, посветувајќи го целиот живот на Бога во служба на најсиромашните. Како признание за својата работа во текот на својот живот ќе добие преку 700 награди и признанија, вклучувајќи ја и Нобеловата награда за мир во 1979 година. Целиот свет ќе се запознае „жената мала по стас, но со џиновско срце“
Во 1950 година ја основа Конгрегацијата на Мисионери на љубовта, чија главна цел е „да се сакаат оние кои од никого не се сакани“. Мисијата започната со 12 сестри денес брои преку 4800 сестри во 757 мисии во 145 земји низ целиот свет, како засолниште за лепрозните, бездониците, сирачињата, болните од сида, бегалците, ментално болните, хендикепираните.
Со утринска миса во Калкута денеска низ светот почна прославата на 100 годишнината од раѓањето на Светицата на сиромашните.
Мисијата ја предводи кардиналот Телесфор Плацудус Топо, а се служи во седиштето на конгрегацијата на Мисионерките на љубовта која Мајка Тереза ја основа во 1950 година и каде е закопана во 1997 година.крај/кс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

