Македонија
Цела Комисија за надзор ќе проверува како бил следен Бошкоски
Цела Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи ќе оди во МВР за да провери како бил следен лидерот на Обединети за
Цела Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи ќе оди во МВР за да провери како бил следен лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски.
Ваква одлука со три гласа „за“ и два гласа „против“ донесоа членовите на Комисијата откако не можеа да се договорат дали во Работната група која што ја формираа, мнозинство ќе има власта или опозицијата. Но неизвесно е дали и членовите од власта ќе учествуваат во увидот, бидејќи гласаа против оваа одлука.
Претседателот на Комисијата, Тито Петковски на почетокот на седницата го измени заклучокот, наместо да се одредува составот на Работната група да се донесе заклучок сите членови од Комисијата да направат увид во следењето на Бошкоски.
Власта се спротивстави на овој заклучок, тие останаа на тврдењето дека Работната група треба да биде составена од двајца членови од парламентарното мнозинство и еден член од опозицијата.
Пратеникот од ДУИ, Талат Џафери смета дека со тоа што власта ќе биде мнозинство во Работната група ќе се направи еден баланс, со оглед на тоа што во Комисијата мнозинство има опозицијата.
„Треба да се согласиме дека мнозинство треба да биде власта за да можеме да направиме рамнотежа во работата на Комисијата. Податоците кои што ќе бидат презентирани да не можат да се искривуваат од страна на мнозинството во Комисијата“ рече Џафери и додаде дека претходно во телефонски разговор со претседателот на Комисијата, Петковски разговарале за тоа власта да има мнозинство во работната група и начелно тој немал ништо против овој договор.
Петковски признава дека разговарал со сите членови на Комисијата за нивниот предлог, но вели дека тој нема мандат да го смени заклучокот на Комисијата.
„Министерката ни одговори на нашето барање по 40 дена, вие од парламентарното мнозинство тактизирате два месеца . Бидејќи не може да се договориме кој да биде во Комисијата, сите ќе појдеме во Министерството. На 6 јуни МВР официјално изјави дека врз лидерот на ОМ биле применети посебни истражни мерки“ вели Петковски.
Павле Саздов од ВМРО – ДПМНЕ изјави дека не верува дека членовите од опозицијата спроведуваат искрена политика и ги обвини дека спроведуваат партиски инструкции. Според него, во извештајот на Јанкулоска јасно стоело дека не биле прислушувани телефонските разговори на Бошкоски.
Петковски тврди дека Комисијата има обврска да провери како бил следен Бошкоски.
„Вие немате намера оваа Комисија да функционира, очигледно има нешто што Комисијата не смее да го види“ рече Петковски.
„Вие имате мнозинство во Собранието, нема потреба од никаков баланс“ вели Николче Ацески од НСДП.
„Никаде власта не ја врши контролата сама врз себе. Никој не прејудицира дека ќе најдеме нешто незаконско. Никој не прејудицира дека МВР не си ја вршело работата како што треба . Ние сакаме да направиме контрола. Со вашите опструкции само покажувате дека има нешто што сакате да го сокриете како владејачко мнозинство“ изјави Тања Томиќ од СДСМ.
„Јас лично како пратеник немам доверба во МВР. Причините се многубројни. За случајот „Сопот“ се формираше работна група и се утврдија многу пропусти од страна на МВР“ рече Орхан Ибраими од ДПА. Петковски уште денеска ќе испрати барање до Јанкулоска за увид во целокупната документација.
Работната група се формираше за да направи увид во целокупната документација за тоа како бил следен лидерот на ОМ, незадоволни од одговорот кој го испрати Министерството за внатрешни работи до Комисијата за следењето на Љубе Бошкоски.
Во него, како што тврдеше Петковски, немало никаков одговор на прашањата на комисијата, во кој период е следен и прислушуван Бошкоски, дали следењето продолжило и за време на предизборна кампања, дали МВР располага со налог од надлежен судски орган за примена на посебни истражни мерки и од кој датум е и кои се причините за барањето на посебни истражни мерки и каков вид истражни мерки се наредени.
На гласањето за формирање на Работната група, ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, а ДУИ беа воздржани.
Лидерот на Обединети за Македонија беше уапсен на 6 јуни под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за избори кога и да се одржат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата е подготвена да настапи на парламентарни избори кога и да се одржат – годинава, следната година, па дури и на редовните избори во 2028 година.
Филипче посочи дека работа е на премиерот да каже што мисли, но оцени дека, поради, како што рече, катастрофалното водење на државата, убеден е оти ќе има предвремени парламентарни избори.
Според него, не е важно дали изборите би се одржале на пролет, на есен или кон крајот на годината, бидејќи СДСМ е подготвена за изборен процес во секое време.
Македонија
Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога општеството ќе биде зрело за тоа.
Филипче истакна дека слободната волја на граѓаните и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар, нагласувајќи дека се неопходни суштински реформи по европски стандарди, особено во областа на правосудството.
Според него, дури кога реформските закони ќе бидат донесени, целосно имплементирани и ќе почнат да се применуваат во судството, обвинителството и полицијата, ќе се создадат услови за укинување на техничката влада.
Филипче нагласи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон европските стандарди.
„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, истакна Филипче, додавајќи дека во овој момент не постојат услови за укинување на техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии изјави дека постигнале согласност за укинувањето на техничката влада.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.
На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.

