Македонија
Да се работи од 7 до 15 часот, препорача Владата
Државните органи и јавните претпријатија и установи, од утре да го организираат работното време во траење од 7 до 15 часот, а Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време во истиот период од 7 до 15 часот.
„Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 7 дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во Република Македонија“, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на Влада.
Работното време градинките треба да се организираат во периодот од 7 до 17 часот. Градинките не треба да практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено после 11 часот.
„Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници“, рече Ѓорѓиев.
Препораките се донесени поради мето-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи дека и денеска на целата територија на Македонија е зафатена од високи температури.
Два региони, Скопскиот и Струмичкиот денеска се во портокалова фаза и за нив и денеска важат вчера објавените мерки, за намалување на ризиците од високите температури за лицата кои се наоѓаат на отворен простор, дома, на своите работни места, покрај езерата, реките и базените или на планините
„Согласно истите информации од УХМР, во текот на утрешниот ден, четири региони од Републиката, Скопскиот, Струмичкиот, Пелагонискиот и Езерскиот ќе влезат во портокалова фаза, при што состојбата на Топлотен бран почнува да важи на целата територија на Републиката, и соодветно препораките на Владата од утре важат на целата територија на Република Македонија“, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на Влада.
Владата препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се – бремените жени и на лицата над 60 години.
„Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници“, рече Ѓорѓиев.
Одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Ги потсети граѓаните во текот на екстремно топли денови, да останат во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, па се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
Термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.
Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.
Здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број на лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.
По потреба и на дневна основа, Комисијата за топлотни бранови при Министерството за здравство ќе предлага мерки и активности за минимизирање на овие ризици, посебно за најранливата категорија на граѓани во деновите кои доаѓаат./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

