Македонија
Спасов: Бесплатно зимување за 1.000 деца од социјално загрозени семејства
Вкупно 1.000 деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, како и деца со посебни потреби за време на зимскиот распуст годинава ќе имаат можност да ја користат бесплатната услуга за одмор и рекреација и шест дена да уживаат во убавините на рекреативниот туристички центар Пелистер.
За ова денеска информираше Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој истакна дека секое дете треба да има можност да ужива во благодетите на летниот или на зимскиот одмор.
„Целта на проектот е социјално интегрирање на овие деца за време на летниот и зимскиот распуст, за што Министерството за труд и социјална политика целосно ја презеде обврската за покривање преку буџетските средства“ истакна Спасов.
Од министерството информираат дека услугата на бесплатен одмор и рекреација за деца опфаќа 5 полни пансиони и едукативни, забавни и спортски активности. Превозот на децата ќе биде бесплатно организиран, а децата со пречки во развојот имаат право на придружник.
„Oваа услуга може да ја користат деца од семејства корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и деца корисници на посебен додаток , односно децата – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2013/2014 година“, додаде Министерот.
Граѓаните барањата ќе можат да ги поднесуваат во просториите на надлежните Центри за социјална работа до 3 јануари 2014 година, односно до пополнување на предвидениот број на корисници.
За реализација на овој проект министерството ќе обезбедени средства во износ од 11.637.000 денари./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Освен улиците и спомениците низ Скопје видоа вода
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски синоќа на неговиот официјален фејсбук-профил објави нови фотографии од акцијата за чистење на централното подрачје на главниот град, плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар, што ја започна веднаш по преземањето на функцијата.

-Нашето убаво Скопје! Чисто и достоинствено!, напиша Ѓорѓиевски на фејсбук.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна вечерта по примопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши вечерва.

Согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот, деновиве со механизација и рачно се чистат коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Македонија
АХВ уништи околу 37 тони небезбедна храна со поминат рок која се продавала без декларација
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна.
Како што соопшти денеска Агенцијата, биле запленети и уништени јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години.
За сторениот прекршок на операторот му е изречена мерка привремена забрана за работа и парична казна, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот.

АХВ информира дека во изминатата недела биле спроведени вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети. Поради утврдени недоследности – нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителени обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично, операторите со храна и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени привремени забрани за вршење дејност.
-Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништенa, наведува АХВ во соопштение.
Македонија
„Супорт Кочани“ собра 11 милиони денари од донации за настраданите од „Пулс“, државата им наплати 1 милион денари данок
Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, се вели во објавата на „Супорт Кочани“ на нивниот фејсбук-профил.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.

