Македонија
„Форум во заедницата“ инструмент за учество на граѓаните во локалната власт
Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Швајцарската амбасада денеска го промовираа новиот инструмент на демократско учество на граѓаните во локалната власт, преку вклучувањето на „Форумот на заедницата“, во општинските статути. На конференцијата беше промовиран и прирачникот „Форум на заедницата во 11 чекори“, кој треба да им помогне на општините да ги организираат форумите на поедноставен начин, а на граѓаните да се запознаат со процедурата во вклучувањето и директното учество во проблемите од локално значење.Институционализирањето на форумите во општинските статути веќе се спроведува во 29 општини,а во Скопје засега го спроведуваат само три општини, Аеродром, Ѓорче Петров и Чаир.Претседателот на Зелс Коце Трајановски истакна дека општините во Македонија се првите и единствените на Балканот и пошироко кои го спроведуваат овој проект по искуството на Швајцарија „ Со овој проект граѓаните учествуваат во приоритетите на општините и на градот Скопје, во една форма во која што можат нивните сугестии да бидат задолжување за општината. На овој начин се одбираат најприоритетните проекти и се споделува одговорноста за донесените одлуки меѓу општината и граѓаните. Општината добива со тоа што ги слуша потребите на граѓаните, а тие знаат најмногу што треба да се направи во нивната средина“ – рече претседателот на Зелс Коце Трајановски.Швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото истакна дека Швајцарија е заинтересирана за успехот на процесот на децентрализација на Македонија. „Убедени сме дека вклучувањето на граѓаните во процесот на децентрализација ќе и помогне на општинската администрација да ги искористи своите ограничени човечки ресурси во решавањето на проблемите“ – изјави амбасадорот Лазарото. Берово е една од општините кои преку организирани форуми на граѓаните веќе издвои средства од буџетот и ги спроведе проектите за реконструкција на улицата Маршал Тито и реконструкција на централното градско подрачје плоштадот Димитар Беровски.„Одлучивме следната година да ставиме на располагање три милиони денари. Толку изнесува данокот на имот кој го плаќаат граѓаните на нашата општина, тие во т.н „Форум за поубаво Берово“ да одлучат што е најпотребно. Преку неколку работилници граѓаните одлучија да се обезбеди возило за собирање на комуналниот отпад, а останатите пари ќе бидат наменети за уредување на третата фаза од плоштадот“ – рече градоначалникот на Берово, Драги Наџински. крај/к.с
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

