Македонија
Обединетото Кралство ја поддржува Македонија за влез во НАТО и ЕУ
Обединетото Кралство ги поддржува аспирациите кои Македонија ги има за влез во НАТО и ЕУ како и придонесот што армијата го дава во мисиите надвор од земјата.
Обединетото Кралство ги поддржува аспирациите кои Македонија ги има за влез во НАТО и ЕУ како и придонесот што армијата го дава во мисиите надвор од земјата.
Ова го изјави началникот на Генерал штабот на копнената војска на Обединетото кралство, Питер Вал при посетата на Армијата на Република Македонија (АРМ) и додаде дека е изненаден од тоа колку земјата е посветена во мисиите како во Авганистан.
„Ние ги поддржуваме вашите аспирации за Европската Унија и НАТО и задоволни сме и изненадени на еден начин тоа што вие понекогаш преземате повеќе работи од тоа што може да ги преземете со вашиот капацитет“, рече Вал.
Тој додаде дека ќе ја разгледа поканата од министерот за одбрана, Зоран Коњановски за обуката на нивните сили на воениот полигон Криволак.
„На средбата разговаравме за подготовките на припадниците на армијата на Македонија пред да се упатат на мисија. Разговаравме за можностите на воениот полигон Криволак кој е одлично место за обука на припадниците на армијата“, рече Коњановски.
Делегацијата на вооружените сили на Обединетото Кралство денеска имаа средба и со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов и со началникот на Генералштабот на Армијата, Мирослав Стојановски. /крај/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45 проценти за капитални проекти
Советот на Општина Центар на 43. Седница со 18 гласа „За“, воздржани 2 и ниеден против, го усвои буџетот за 2025 година.
Проектираниот основен буџет е рекорден, со вкупна сума од 1.086.250.000,00 денари. Од овој износ, дури 45% се наменети за капитални проекти, додека преостанатите 55% ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината.
Градоначалникот Герасимовски ја поздрави одлуката на Советот.
„Сакам да се заблагодарам на советниците и на администрацијата на општината за успешната реализација на многуте квалитетни проекти во текот на оваа година, во интерес на граѓаните. Со програмата и буџетот за следната година, верувам дека ќе имаме уште поголем број проекти што заедно ќе ги реализираме. Благодарност и за поддршката и гласовите што Советот ги даде за новиот буџет за 2025 година за да можеме да креираме буџет што ќе одговори на потребите на сите наши сограѓани”, изјави Герасимовски.
Буџетот за наредната година е развоен, реален и транспарентен, а приоритетните капитални проекти се: финализирање на реконструкцијата на спортската сала „Работнички“, изградба на нова општинска зграда со подземен паркинг, реконструкција на улиците во локалитетот Тасино Чешмиче, во населбата Капиштец и во реонот на Дебар Маало, реконструкција на улицата „50 Дивизија“, пренамена на улицата ,,Мирослав Крлежа” во пешачка зона и модернизација на јавното осветлување со воведување ЛЕД технологија и примена на современи техники за управување и надзор.
Во областа на образованието, обезбедени се средства за реконструкција на училиштата, набавка на униформи за учениците, информатичка опрема, како и за инсталирање фотоволтаични системи на три детски градинки.
Во делот на животната средина, акцентот е ставен на набавка на мерни сензори за бучава, мобилни уреди и мапирање на бучавата, а планирани се средства и за санација и поставување урбана опрема, реконструкција на игралишта, паркови и зелени површини.
Во сегментот социјална заштита обезбедени се средства за новиот проект „итно копче“ за помош во итни ситуации за повозрасни лица и пакет услуги за деца и жени жртви на насилство, како и превенција од дроги и зависности. Во програмата за култура, на барање на советниците додаден е проектот ,,Прошетка со граѓаните за запознавање на знаменитости на Центар“.
Во делот на спортот, обезбедено е финансирање на КК ,,Работнички” и организација на натпревари во рамките на Лига Центар, со цел да се поттикне спортската активност и да се создадат услови за развој на младите спортисти.
Во буџетот се предвидуваат финансии и за одржување на постоечката инфраструктура, сервисирање тековни потреби на граѓаните и редовните проекти од сите сфери кои се покажаа како успешни, меѓу нив: сервис за стари лица, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, Феникс награда, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно – оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Стојан Николов, потпретседател на Обединетата македонска дијаспора
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Стојан Николов, потпретседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
На средбата се разговараше за важноста на односите меѓу дијаспората и матичната држава, со посебен акцент на зајакнувањето на културните, економските и образовните врски.
Претседателката Силјановска-Давкова изрази поддршка, почит и благодарност за активностите на ОМД во промовирањето и зачувувањето на македонскиот идентитет и култура ширум светот.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна посветеноста кон дијаспората и можностите за отворање нови хоризонти за соработка и развој, што ќе се придонесе за зајакнување на македонското присуство и влијание на глобално ниво.
Во тој контекст, претседателката Сиљановска-Давкова ги претстави своите заложби за формирање Национален совет за соработка со дијаспората, што ќе работи на координирање, конкретизирање и продлабочување на врските со дијаспората во потрага по најдобри решенија за нејзино вклучување во научниот, образовниот, културниот, економскиот и друг развој на државата. Претседателката Сиљановска-Давкова изрази желба и подготвеност за вклучување на млади од дијаспората во работата на Советот за млади.
Таа ја истакна важноста на дијаспората за македонското национално ткиво, како негов неразделен дел, амбасадор во САД и неговите политички институции, лобист за македонската кауза и промотор на националната традиција.
На средбата беше изразена поддршка на реализацијата на проекти што ќе ги зајакнат врските на државата со нејзината дијаспора, со акцент на заедничката визија за иднината во која Македонците, без разлика каде живеат, ќе бидат обединети околу заложбите за промовирање на заедничката култура, јазик и идентитет и развојот на матичната држава.
Македонија
Објавени пет јавни повици за понуди за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави пет Јавни повици за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Првиот Јавен повик се однесува за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост над 3 хектари.
Додека пак другите четири Јавни повици се однесуваат за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари за различни региони и катастарски општини.
Понудите се поднесуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на Јавниот повик во дневните весници кои се издаваат во Република Северна Македонија, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Јавните повици се објавени и на веб страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.