Македонија
Иницијатива за поголема заштита на авторските права
Деветнаесет македонски медиуми коишто имаат веб страници, ги договорија заедничките принципи на работа во однос на заштита на нивните авторски и сопственички права
Сите медиуми потписници на иницијативата за поголема заштита на спомнатите права постигнаа согласност од пет точки со кои се регулираат условите кои треба да придонесат за заштита од неовластено пренесување на нивните содржини на други сајтови и портали, како и други електронски медиуми, а овие принципи претставуваат еден вид стандарди на однесувањетоСо оваа иницјатива, нејзините потписници се согласуваат во најкус можен рок да постават импресуми на своите веб страници наведувајќи дека содржината е заштитена.Исто така, потписниците на иницијативата се согласни дека содржината објавена на веб страниците е пазарен производ заштитен со авторски и други сродни права и оти секое користење за какви и да се цели, е единствено можно преку директен договор со издавачот.Со иницијативата се одредуваат и условите според кои порталите кои ги реобјавуваат содржините како агрегација на информациите, тоа ќе можат да го прават доколку секое преземање биде направено по претходен договор со издавачот, при што се одредува и формата на преземање, којашто предвидува преземање на веста со наслов и поднаслов во должина до 180 карактери, а оригиналните фотографии да се преземаат во димензии не поголеми од 90×90 пиксели. Покрај тоа, преземената вест треба да се отвора со еден клик во нов прозорец на прелистувачот, во кој читателот ќе биде однесен со директен URL до сајтот од каде е преземена информацијата, и тоа без присутната рамка на сајтот – агрегатор. Потписниците на иницијативата постигнаа согласнот и дека кога ќе пренесе туѓа информација од веб страна, тоа да биде коректно сторено со пренесување и на линкот што води до изворот на информацијата, а истото ќе се бара и од оние што ги пренесуваат содржини на овие медиуми. Притоа, се остава правото на поинакво пренесување на вестите и другите содржини производ на медиумите потписници на оваа иницијатива, доколку за тоа е направен договор меѓу издавачите, односно сопствениците на медиумите од една страна и електронските платформи, односно сопствениците на агрегаторите и другите веб страници што ги пренесуваат оригиналните содржини, од друга странаСо оваа инцијатива се опфатени и радиостаниците кои пренесуваат заштитени информации од издавачите, кои ќе мора да псотигнат договор со издавачите. Тие, според иницијативата, немада имаат потреба од договор само доколку во своите говорни содржини пренесуваат наслов и поднаслов од информација објавена од издавачите, а притоа целосно и коректно го нагласат изворот односно медиумот со целата негова веб адреса или доколку во говорната содржина прават прилог, најчесто наречен „преглед на печат“.Медиумите, потписниците на иницијативата на овој начин ја прокалмираа својата цел за воведување ред и правило во однос на заштита на авторските и другите сродни права, пред се, во интернет просторот. Непочитувањето на овие стандарди, пак, ќе биде предмет на индивидуална или групна заштита на авторските права согласно законските прописи на Република Македонија, се предвидува со оваа инцијатива, којашто е многу потребна за надминување на хаосот кој моментално владее во македонскиот медиумски простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

