Македонија
ФЗОМ ветува доволно лекови на рецепт
Фондот за здравствено осигурување од петокот склучи договори со дополнителни 37 аптеки со што вкупната бројка изнесува 740 аптеки, соопштија денес од Фондот
Фондот има нов правилник за прераспределба на квоти на аптеките со кој се овозможува пореална распределба на парите по аптеки.Во соопштението од Фондот се вели дека за директна поткрепа на овој начин на дистрибуција, ФЗОМ одвои дополнителни 300 милиони денари на веќе одобрените две милијарди денари што претставува историски најголем буџет за лекови на рецепт во Македонија, а со цел максимална снабденост со лекови по аптеките.Скапите лекови не се сметаат во овој износ на квота.„ФЗОМ се надева дека осигурениците набрзо ќе ја почувствуваат оваа новина и повеќе нема да слушаат изговори од аптеките дека немаат квота за лек на рецепт“, велат од Фондот.Разликата во правилниците се состои во тоа да претходно парите се прераспределуваа по Подрачни служби, и отпосле по аптеките во Подрачната служба. Поради различниот број на аптеки по Подрачни служби и населението кое го покриваат постоеше голема разлика во реализацијата на квотите.„За надминување на ваквите состојби ФЗОМ во соработка со фармацевтската комора договори повеќе парите да не се распределуваат по подрачни служби на ФЗОМ туку Македонија да биде една територијална единица каде парите директно ќе се распределуваат по работни единици на ПЗУ АПТЕКИ а како критериуми ќе останат бројот на вработeни тимови и реализацијата на квотите“, се вели во соопштението на Фондот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Очекуваме во март дечињата да бидат згрижени во новата градинка Пролет
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека во месец март очекува дечињата од населбите Пролет и Маџир маало да бидат згрижени во новата градинка Пролет која е прва изградена градинка по пет децении на територија на општината.
„Во март годинава, се надевам децата од Центар да бидат згрижени во оваа предучилишна установа која е изградена по највисоки светски стандарди. Изградбата е комплетно завршена, а на крајот на 2024-та година беше направен и технички прием. Иако во Центар немаме листи на чекање за упис на дечиња во градинките, ќе им го олесниме секојдневието на родителите од населбите Пролет и Маџир маало кои своите деца ги носат во градинките во другите населби“, вели Герасимовски.
Новата градинка Пролет е енергетски ефикасна, која ќе обезбеди опфат на 173 деца, сместени во 9 занимални. Во градинката поставен е лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето, како и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попречености. Градинката има вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни и целосно е финансирана од Општина Центар во висина од околу 2.5 милиони евра.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со драстично намалување на загаденоста
Загадениот воздух во градовите низ државата е сериозен проблем кој бара системски и долгорочен пристап за негово решавање. И првите резултати од преземените системски мерки би се почувствувале за некој период од среден рок, од неколку години, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на долгорочна и системска стратегија која реално ќе го намали загадувањето.
За да се направи тоа, меѓу другото, потребно е промена на начинот на затоплување на домовите, а тоа подразбира наместо фосилни повеќе користење на еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување.
За да се смени начинот на загревање на домовите, потребно е да се изградат гасни централи. Новиот начин на затоплување на домовите, истовремено, треба да биде достапен за сите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на изградба на такви гасни централи, а веќе има и заинтересиран инвеститор, а тоа е инвестиција за која реализација потребни се неколку години за да профункционира.
Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста и тоа ќе обезбеди, меѓу другото, и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството.
Жално е што поранешната седум годишна влада предводена од СДС и ДУИ не водеше сметка за амбиенталниот воздух и не направи ништо за намалувањето на загадувањето.
Барем нешто да направеа сега, по седум години, веќе ќе ги чувствувавме првите резултати и Скопје немаше да биде лидер на неславните европските и светски листи по загаден воздух“, се вели во партиското соопштение.
Македонија
Утрово магла и облачно време, во текот на денот ќе биде сончево со температура до 15 степени
По котлините во поголем дел од денот ќе биде тивко со појава на магла или ниска облачност. Во останатите делови сончево и релативно топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 15 степени, јавува УХМР.
Во Скопје претежно облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во петок кон крајот на денот и во деновите од викендот ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер, во сабота врнежите постепено ќе преминуваат во снег и во повисоките, а во недела и во пониските места. Локално се очекуваат пообилни врнежи.