Македонија
Синдикална кошница достигнува 30.000 денари
NULL
Едно просечно четиричлено семејство за најосновните минимални потреби за живот, во кои покрај храната и пијалоците, се вклучени и останатите основни елементи, месечно треба да издвојува по 30.000 денари (околу 500 евра).До ваков податок дојде Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој денеска ја претстави Синдикалната минимална кошничка, чиј износ мерен врз основа на цените на најосновните продукти во Македонија во декември 2010 година, изнесува 29.199 денари. Претседателот на ССМ Живко Митревски истакна дека доколку се направи споредбена анализа со просечната нето исплатена плата од 20.633 денари, ќе се констатира дека просечната плата покрива околу 70 отсто од синдикалната кошничка.„Ако направиме дополнителна анализа ќе видиме дека само 9,1 отсто од вработените имаат плата од 21.000 до 30.000 денари, а само 2,3 отсто имаат плата над 30.000 денари“, изјави Митревски. Тој информираше дека типот на домаќинство кое што е земено како основа за изработка на оваа кошница е едно четиричлено семејство, со еден вработен, кое живее во сопствен дом од 50 квадрати и кое не поседува автомобил.„Синдикалната кошница според нас треба да содржи седум елементи. Покрај исхраната и пијалоците, таа треба да ги содржи и трошоците за домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравје“, рече Митровски.Тој посочи дека првата група на елементи, храната и пијалоците, комплетно е превземена од Државниот завод за статистика, при што таа се води како минимална, а не како просечна вредност.Во останатите шест елементи вметнати се најнеопходни трошоци по минимални утврдени количини и по минимални тековни цени, додека други трошоци за рекреација и образование не се предвидени, појасни Митровски. Според минималната кошница на ССМ, за храна и пијалоци се издвојуваат 12.342 денари (што е 42,27 отсто од структурата на кошницата), за домување 9.016 денари (30,88 отсто), за хигиена 2.096 денари (7,18 ), за превоз 2.326 денари (7,97), за облека 1.808 (6,19), за култура 1.070 (3,66) и за одржување на здравје 540 денари (1,85 отсто).Професорот на економскиот факултет Драган Тевдовски ја поздрави идејата за пресметување на синдикална кошничка, додавајќи дека таа ќе претставува мерило за стандардот на живот.„Досега стандардот на граѓаните се мереше само преку трошоците за исхрана и пијалоци, апсолутно дека мора во една потрошувачка кошница да се вклучат и сите други потреби, кои ќе ги отсликуваат реалните потреби на македонските домаќинства“, рече Тевдовски.Тој истакна дека потрошувачката кошница за исхрана и пијалоци на Државниот завод за статистика не е репрезентативна и не ги отсликува реалните потреби.„Треба да се има и в предвид дека синдикалната кошница ги пресметува минималните потреби за живот на едно четиричлено семејство. Тука не станува збор за нешто просечно, ниту пак за нешто луксузно“, рече Тевдовски.Претставникот на Државниот завод за статистика Васе Нонев укажа дека податоците што ги пресметува оваа институција погрешно се толкуваат и тие не треба да се земаат како некаков животен стандард за просечно четиричлено домаќинство.„Државниот завод за статистика ја објавува својата потрошувачка кошница со цел да покаже како влијанието на цените во текот на еден месец влијае на буџетот на едно просечно четиричлено семејство“, рече Нонев.Тој информираше дека содржината на просечната потрошувачка кошничка за храна и пијалоци е избрана врз база на истражување, што ги спроведува ДЗС во 5.400 семејства.„Таа ја преставува фактичката состојба за тоа како просечното македонското домаќинство ги троши своите средства“, рече Нонев.Во дебатата учествуваа и претставници на останатите синдикати, на организацијата на работодавачи и здружението на правници, кои го поздравија воведувањето на синдикалната кошница и оценија дека таа може да претставува своевидна основа за утврдување на минимална плата во Македонија. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

