Македонија
Започна државната матура, во сабота се полага мајчин јазик
Процесот на полагање државна матура започна во сабота и се одвива според предвиденото, без какви било пречки или застој во целата држава, информираа Мируше Амети, директор на Државниот испитен центар и претседателката на Државниот матурски одбор Весна Хорватовиќ по посетата на СУГС „Раде Јовчевски Корчагин” во Скопје, пренесува МИА.
„Тука сме во „Корчагин” за да видиме како почна процесот на полагање на државната матура со првиот испит – мајчин јазик. Одбравме да дојдеме во гимназијата, која седум години наназад покажа едни од најдобрите резултати на државната матура. Можеме да кажеме дека се се одвива како што е предвидено, не само во оваа гимназија, туку и во сите средни училишта во нашата држава. Испитниот материјал е дистрибуиран навреме, сите тестатори и набљудувачи се на своите позиции и учениците со најголема концентрација и внимание го решаваат тестот”, изјавила Хорватовиќ.
Таа додала дека испитниот материјал е доставен навреме и сите лица кои го следат процесот на државна матура се на своите места и досега нема никакви најави ниту пак информации за пречки и застој или проблеми во процесот на овој прв ден од државната матура.
„Испитот по мајчин јазик што денеска се полага трае 240 минути. Секој ученик има право во овие минути да го решава тестот. Тестот се состои во пишување есеј, кој треба да изнесува од 300 до 500 зборови. Есејот е на тема од материјалот што се учи или имаат можност да пишуваат на тема која е слободно зададена, имаат прашања повеќечлен избор и прашање со надополнување. Другите испити имаат различна минутажа. Значи, само мајчините јазици македонски, албански и турски се полагаат во 240 минути. Предметите математика на основно и напредно ниво, како и странските јазици англиски, француски, германски и руски, естетика и филозофија се полагаат со 180 минути, а останатите предмети кои оваа година како новитет се предизборен предмет се полагаат по 2,5 часа”, рекла Хорватовиќ.
Во учебната 2013/2014 година, вкупно 18.370 пријавени кандидати во сабота полагаат мајчин јазик, прв од четирите матурски испити, неопходни за продолжување на образованието на некоја од високообразовните институции, а резултатите се очекуваат 30 дена по тестирањето, почнувајќи од денеска.
На 11 јуни матурантите ќе полагаат англиски, француски, германски или руски јазик, на 13 јуни математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација со сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Барањата ги пренесуваме во целост:
1. Мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 г., да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време. Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот (пр. AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување.
2.Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со МЖСПП, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на УСЈЕ покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Safe city“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани.
3.Да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
4.Важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат и заострат во однос на сегашните стандарди.
5.Целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
6.Акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.
7.Запирање на активностите на рудникот за лапорец.
8.Најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.
9.Поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста
Македонија
Таткото на загинатата Надица во „Пулс“: До последен здив ќе се борам за правда за моето дете
Александар Наунов, татко на Надица која го загуби животот во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред јавноста, испраќајќи емотивна порака за загубата на својата ќерка и барањето одговорност за, како што рече, системските пропусти што довеле до трагедијата.
Наунов истакна дека маршот е посветен на „ангелите“ кои ги загубија животите, а неговото обраќање дојде еден ден пред 28 декември, датумот кога неговата ќерка Надица требаше да го прослави својот 18-ти роденден.

Тој се присети на последните моменти поминати со своето дете, кога семејството заедно ручало и зборувало за подготовките за роденденската прослава – музиката, гостите, фустанот и соништата што Надица ги имала за иднината.
„Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но на 16 март сè згасна“, рече Наунов, додавајќи дека со загубата на ќерката, нивниот дом бил исполнет со тишина која, како што рече, боли повеќе од секој крик.
Во своето обраќање, таткото на Надица директно ја посочи корупцијата, немарот и институционалните пропусти како причини за трагедијата, нагласувајќи дека неговата ќерка „не заминала по Божја волја“, туку, како што рече, била „земена од систем што требало да штити, а не да убива“.
Наунов истакна дека од денот на трагедијата неговиот живот е борба за правда и дека нема да престане да зборува и да се бори додека одговорните не сносат последици.
„Сакам правдата да биде гласна, колку што беше тивка нивната совест“, порача тој, додавајќи дека единствената негова молба е да има сила да го дочека денот кога ќе може да каже дека правдата е задоволена – не само за неговото дете, туку и за сите деца кои ги загубија животите.
Маршот за правда продолжува како симбол на барањето одговорност и вистина за трагедијата во Кочани, а семејствата на загинатите најавуваат дека нема да се откажат од својата борба сè додека, како што велат, љубовта кон нивните деца не се претвори во праведна разрешница.
Македонија
Претседателката упати порака за мир, а Дедо Мраз со хеликоптер стигна пред дечињата на припадниците на АРМ
Со видеоконференциска врска која ги премости километрите меѓу татковината и меѓународните мисии, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, традиционално беше одбележан претстојниот почеток на новата година. Додека децата на македонските мировници во странство ги примаа своите новогодишни пакетчиња, државниот и воениот врв упати пораки на благодарност до припадниците на Армијата во Косово, Босна, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.
Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, им посака успешна работа на мировниците во странство.
– Се чини дека никогаш на светот, мирот не му бил потребен повеќе, а вредноста на нашите мировници и македонската Aрмија никогаш не била повидлива. Ви посакувам успешно да продолжите гордо да ја претставувате Армијата, затоа што имате што да претставите, рече таа.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски додаде дека ова средба има особена тежина и значење бидејќи, како што рече, „нѐ обединува како семејство“.
– Како денеска сме физички оддалечени, оваа средба има особена тежина и значење бидејќи нѐ обединува како семејство. Ви благодарам за вашата служба во името на мирот, безбедноста и сигурноста на секој еден од нас, нагласи министерот.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски е уверен дека секој од мировниците ја извршува задачата крајно професионално и се заблагодари на поддршката од претседателката Сиљаноска-Давкова и Министерството за одбрана.
– Уверен сум дека ја извршувате вашата задача крајно професионално и стојам зад секој од вас. Со вашата енергија давате посебна суштина. Знам дека некои од континентите веќе се подготвуваат да се вратат и верувам дека на самиот праг на старата година ќе имаат можност да се спојат со нивните најблиски, порача тој.
Контингентите од мисиите, исто така, во добро здравје упатија честитки и пораки за новата година.

Традиционално, и оваа година, дечињата го пречекаа Дедо Мраз со хеликоптер, на тренинг центарот за пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

