Македонија
Западот очекува подобрување по жалбата од ЕВН
Западноевропски држави и САД се надеваат на големо подобрување од досега посведеноченото, во процесот по најавената жалба од ЕВН
Западноевропски држави и САД се надеваат на големо подобрување од досега посведоченото, во процесот по најавената жалба од ЕВН на првостепената пресуда да плати отштета од 160 милиони на ЕЛЕМ.
Амбасадорите на Франција, Холандија, Швајцарија, Австрија, Германија и САД во писмо до македонскиот премиер Никола Груевски предупредуваат дека евидентната не фер постапка во спорот меѓу двете енергетски компании (ЕЛЕМ во владина сопственост и ЕВН), странските инвеститори ќе ја разберат како порака – „Не доаѓајте во Македонија“.
„Се надеваме дека брзо ќе не информирате за напорите што ќе ги преземе Владата на Македонија да воспостави судски систем, кој е транспарентен, заштитен од владино влијание и фер“, му пишуваат амбасадорите на македонскиот премиер во писмото од 30 април, од кого набрзо очекуваат одговор.
Амбасадорите изразуваат загриженост дека и покрај напредокот на Македонија во другите области „Судството изгледа дека нема волја или нема капацитет да пресудува деловни спорови на независен, фер, законски конзистентен и ефикасен начин“.
Невиден и особено штетен пример за ова, според амбасадорите е справувањето на судот во Скопје во спорот меѓу ЕВН и ЕЛЕМ, се наведува во писмото испратено од швајцарската амбасада во Скопје.
Амбасадорите го известуваат премиерот дека нивните набљудувачи на судењето известиле „за цела серија пристрасни одлуки, како и обиди да се изиграат адвокатите на ЕВН“.
– Вклучувајќи смена на судијата без никакво образложение, измени во судницата во последен момент, состаноци во канцеларијата на судијата – што може да се протолкува како обид да се сокријат одредени дејствија од очите на јавноста – па дури и лични интервенции од страна на судијата, со цел да се натера ЕВН да се согласи на договорно решение, се наведува во писмото до Груевски.
– Главниот судија ги одбиваше доказите на ЕВН без да понуди издржано правно објаснување и со очигледна пристрасност. Конечно, судот ја донесе пресудата без претходно изјаснување по барањето на ЕВН за смена на судијата врз основа на конфликт на интереси, се наведува во писмото потпишано од шесте амбасадори./крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја утре делови од Аеродром, Кисела Вода и Сарај
Без електрична енергија утре ќе бидат дел од корисниците од општините Аеродром, Кисела Вода и Сарај, а задутре корисниците од општина Карпош.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, без напојување со електрична енергија, утре од 7:00 до 16:00 часот ќе бидат корисниците од улиците „Божин Николов“, „Хаџи Трајко“ и „Горно Лисиче“, во делот кон селото Долно Лисиче.
Од 8:30 до 16:00 часот, корисниците од објектите во околината на Езеро – Треска во Сарај, а од 11:00 до 15:00 часот без струја ќе бидат корисниците од дел од улицата „Милан Мијалковиќ“.
Во вторник, 24 декември, од 19:00 до 12:00 часот без струја ќе бидат корисниците од дел од улицата Струшка во Општина Карпош.
Македонија
Дел од Сопиште без вода, цистерна ќе кружи низ улиците
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираше дека поради дефект на водоводна цевка во близина на Црквата Св. Мина во населба Сопиште, водоснабдувањето е прекинато за дел од корисниците.
Почнувајќи од 18:00 часот без вода се: улица 1, непарните улици 3, 5, 7 и 9, како и парните улици 8, 10, 12, 14 и 16.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.
Од Јавното претпријатие информираат дека е обезбедена цистерна со питка вода која вечерва и утре ќе кружи низ овие улици во населбата.
Македонија
Три метларки од БРАКО за почисто Кавадарци
,,За почисто Кавадарци” и ,,Произведено во Македонија” се натписите на новите возила метларки кои почнаа да го чистат Кавадарци. Општина Кавадарци набави три метларки-свипери од домашно производство, односно од марката Грин Машинс на БРАКО и со оваа набавка, машинскиот парк на комуналното претпријатие сега е зголемен со три нови возила, кои се ефикасни и економични, а предност е што одржувањето и сервисирањето го обезбедува самиот производител кој се наоѓа во Велес.
Директорот на Грин Машинс, Ангел Анѓушев, при предавањето на возилата на комуналното претпријатие во Кавадарци, се заблагодари на довербата на градот, и потенцираше дека иако Грин Машинс продава во 50 држави низ целиот свет и дека годинава само во еден голем светски град се продадени 40 возила, сепак овие три возила во Кавадарци и значат многу на компанијата и на нејзините вработени затоа што ќе работат и ќе чистат дома, во Македонија.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев нагласи дека општината секогаш вложува во модерни решенија за подобри услуги за граѓаните и дека е прва општина по главниот град која во 2018г започна со машинско метење на градските улици.
(ПР текст)