Македонија
Околу 200 бадникови огнови во Општина Аеродром

На околу 200 локации во Општина Аеродром вечер ќе бидат запалени традиционалните бадникови огнови
Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, претседателот на Советот, Виктор Камиловски и други претставници на Општина Аеродром денеска, спроти ТЦ „Бисер“ присуствуваа на подготовките за вечерашнава прослава на големиот христијански празник Бадник.
„Ова е една од локациите каде што се палат поголеми бадникови огнови на територијата на општината, поради што дојдовме да им дадеме поддршка на организаторите и на другите верници што го слават Бадник“, изјави градоначалникот Коневски, додавајќи дека е горд што Општина Аеродром најмасовно го одбележува овој православен празник како општина со 98 отсто православни христијани од својата популација.
За време на викендот, Општина Аеродром во знак на поддршка подели околу 200 кубни метри дрва за бадниковиот оган на сите куќни совети што поднесоа барања.
Вечерва се очекува на околу 200 локации на територијата на Општина Аеродром во чест на Христовото раѓање да гори бадниковиот оган и сите оние кои ја почитуваат оваа традиција можат да се приклучат кон обичаите поврзани со прославувањето на големиот христијански празник.
Општина Аеродром и во иднина ќе продолжи да ја негува македонската православна традиција на палење бадников оган.
На огнот спроти Т.Ц. Бисер, ќе присуствува и градоначалникот Коневски и претставници на општината, а се очекуваат свештени лица од Македонската православна црква.
Подоцна градоначалникот Коневски ќе го посети и огнот во близина на поликлиниката Јане Сандански во населбата Аеродром, а ќе им се придружи и на бадникарите во населбата Реонски центар Аеродром за да им го честита празникот и да им посака бериќет во претстојната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вардариште е канцер“ – граѓаните утре повторно на протест во Ново Лисиче

И вечерва, како и во претходните денови, жителите на Ново Лисиче и Аеродром се жалат дека се чувствува мирис на изгорено во воздухот и не се дише.
По денешниот протест и кратката блокада кај мостот „Киро Глигоров“ поради дивата депонија Вардариште, граѓаните најавија дека утре повторно ќе излезат на улица. На денешниот собир видлив беше и транспарент со порака, „Вардариште е канцер“, а од институциите беше побарано без меѓусебни обвинувања да ја преземат одговорноста.
Следниот протест е закажан за утре, во 18 часот кај паркчето „Авионче“ во Ново Лисиче. Организаторите апелираат на масовност и истрајност, убедени дека само така може да се издејствува конечно решение за проблемот со Вардариште.
Претходно денес, О2 Иницијативата упати јавен апел до кандидатите за градоначалници и советници во Град Скопје, Аеродром и Гази Баба, барајќи итни решенија за санација на депонијата.
„Доста е со молк, одлагања и префрлање на одговорност! Вардариште не е тема за кампања – тоа е закана за нашето здравје и иднината на Скопје,“ порачуваат од иницијативата, нагласувајќи дека очекуваат конкретни обврски и јавно дадени ветувања од сите кандидати.
Во апелот се наведени три приоритетни барања: Итна изработка на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, со што Општина Гази Баба треба без одлагање да ги донесе потребните детални урбанистички планови; Привремени мерки додека проектите не стартуваат, како запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор; Транспарентност и отчетност, со редовно известување за секој чекор, конкретни активности и прецизни рокови.
Од иницијативата потсетуваат дека станува збор за прашање кое не смее да се третира како обично предизборно ветување.
Во неделата голем пожар избувна во близина на Вардариште во Скопје, при што половина град остана без електрична енергија 5 часа.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градончалници

СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градоначалници, со што досега објавени се вкупно 60 кандидатури.
За градоначалник на Пробиштип, партијата го кандидира Драган Анастасов, Драгослав Симоновиќ е кандидат за градоначалник на општина Градско и Борче Гиевски за Зелениково.
„Сите кандидати се чесни, одговорни и посветени луѓе, кои ќе го дадат својот максимум во интерес на граѓаните. Преку изборните програми кои се подготвуваат заедно со граѓаните, со стручни лица и експерти во различни области СДСМ ќе понуди издржани решенија за секоја општинина и ќе претстави нова визија за развој на локалните заедници“, велат од партијата.
Македонија
Јасно и гласно кажав дека не сум се сретнал со Груевски, ВЛЕН манипулира, рече Османи

Бујар Османи, потпретседател на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, ги демантираше тврдењата за наводна средба со Никола Груевски за обезбедување пратеници за поддршка на уставни измени.
„Во недостаток на идеи и очекуван пораз на изборите, манипулациите на ВЛЕН продолжуваат во однос за наводна моја средба со Груевски со цел обезбедување на пратеници за подршка на утавни измени. Јасно и гласно кажав дека таква средба немало. Тоа што се служат постојано со лаги и повторување на сите невистини нема да им помогне во кампањата“, рече Османи.
Додаде и дека дговорот на овие оцрнувања ќе стигне на 19 октомоври.