Македонија
Комисијата за финансирање и буџет не се одржа, Груевски апелира буџетот да се донесе

Комисијата за финансирање и Буџет во недела не се одржа иако, како што тврди опозицијата, била најавена уште од саботата.
Пратениците на СДСМ наидоа на затворени врати на Комисијата, а претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ги информирал дека немало ниту писмено ниту усно известување за закажување на продолжение на Комисијата.
И на официјалната интернет страница на Собранието стои дека за во недела нема закажано пленарни седници и седници на работни тела.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски изјави дека власта ја блокира расправата и дека не е заинтересирана буџетот да се донесе низ демократска постапка.
„Власта преку нејзиниот извршител, лицето Трајко Вељановски, ги затвори вратите на комисијата за финансирање и буџет. Денеска дојдовме да работиме, и во недела, како што тоа го правиме во изминатите денови, за да донесеме вистински буџет. Власта и лицето Трајко Вељаноски тоа не го дозволија“ изјави Ивановски.
Според Ивановски, можно е владата на седница да донесе нов предлог буџет.
„Од вчера започна да се спроведува партиско-полицискиот пуч во оваа држава. Од вчера и денес, се спроведува сценариото во кое што спротивно на Уставот, спротивно на Закон за Собрание, спротивно на Деловникот на Собрание власта треба да го донесе буџетот на шверцерски, шпионски и незаконски начин, денеска, во недела и утре, лицето Трајко Вељановски, извршителот на ова сценарио на сила да го вметне буџетот на утрешната седница. Овдека, ова што се случува, овој партиско-полициски пуч, веќе не станува збор само за Устав, само за закон, само за деловник или само за буџет“ додаде Ивановски.
Премиерот Никола Груевски пак од Прдејци, Гевгелија апелираше опозицијата да престане на овој начин со манипулирање со луѓето, со ставање во неизвесност на она што може да се случува следната година.
„Доаѓа Нова година, луѓето наместо да се опуштени, да се подготвуваат за дочек итн., многу од нив живеат во грч дали ќе има плати, пензии, субвенции следната година, дали ќе се догради некоја болница што е започната итн., така што апелирам ако не го сакаат Никола Груевски или ако не го сакаат ВМРО-ДПМНЕ тоа е една работа, нека се расправаат со нас, нека не напаѓаат, нека плукаат… Тоа е политичка битка, јас ќе се бранам, ќе одговорам на се и ќе објаснам за се како и што работам. Ставање во залог на два милиони граѓани навистина е некоректно од страна на опозицијата и штетно за земјата и за самите граѓани, изјави Груевски.
Инаку, како што јавува Канал 5 во 16 часот, Владата ќе одржи седница за буџетот за 2013-та бидејќи, според Деловникот, буџетот утре треба да се најде на пленарна седница на која пратениците имаат рок на општа расправа да го изгласаат до 31. декември./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Старата чаршија ќе стане вистински културен и економски центар на Скопје

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, директорите на Националниот конзерваторски центар и на Музејот на Северна Македонија, како и претставници на еснафот, денеска претстави еден значаен проект, кој претставува голем чекор за оживување на Старата скопска чаршија.
„Почнуваме со чистење и уредување на подземниот паркинг на Музејот на Македонија со капацитет за 60 возила и надворешниот простор за уште 60 други. За 10 дена, овој паркинг ќе биде функционален и во служба на посетителите, еснафот и вработените во институциите овде. Ова е само првата точка од една поголема визија за трансформација на Чаршијата“, изјави Меџити.
Меџити потенцира дека проектот за Чаршијата не завршува само со отворањето на паркингот кај Музејот, туку опфаќа и други конкретни мерки, како поставување подземни контејнери за поефикасно управување со отпадот, целосна реконструкција на калдрмата на улиците Самарџиска, Ковачка, Петар Михов, Сарачка и делумно Папуџиска, како и поставување подземни кабли заедно со замена на оштетената мрежа на цевките.
„Старата чаршија ќе биде подостапна, почиста и поатрактивна за туристите, граѓаните и за бизнисите. Таа ќе стане жив културен, економски и туристички центар, каде што историјата ќе се почитува, но воедно ќе коегзистира со модерноста. Тоа била и останува мојата визија за Чаир“, изјави Меџити.
Македонија
Османи: Преку Филков, Мицкоски пушти пробен балон

Ексминистерот за надворешни работи и кандидат на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, реагира на изјавите поврзани со Бадентеровото мнозинство оценувајќи дека тие се дел од стратегијата за демонтирање на Охридскиот рамовен договор.
Османи смета дека премиерот намерно им дозволува на министрите да даваат изјави како пробен балон, со цел да ја нормализира темата во јавноста, а потоа излегува со негирања. Тој оцени дека молкот на коалициската партија „Влен“ е шокантен и дека тоа ја потврдува нивната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека ваквите изјави се во спротивност со извршната наредба на американскиот претседател, според која доведувањето во прашање на Охридскиот договор е против американските интереси.
Министерот за правда Игор Филков претходно изјави дека Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, па можеби е дојдено време да се ревидира. По изјавата, Мицкоски коментира дека Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој е дел од Уставот.
Скопје
Фестивал на улична храна и на музика во срцето на Аеродром

Во паркот „Авионче“ од 5 до 8 септември ќе се одржи првиот фестивал на улична храна во Општина Аеродром (AERO Street Food Festival), при што ќе биде понудено уникатно гастрономско и музичко доживување за сите генерации.
Фестивалот се очекува да обедини 12 познати брендови за храна (Jojo’s BBQ, Oljo’s, Fat Kitchen, Sorelle Focaccia, Lora’s Sushi, Bistro 64, 15 за 12, Milkey, Destan, Smash Burger, La Pizza и Ноа Гирадико) со богата понуда од четири различни кујни: А – американска, Е – европска, Р – регионална и О – ориентална. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат специјалитети од уличната гастрономија, но и автентични традиционални јадења, проследени со богат избор на пијалаци.
Покрај храната, фестивалот секоја вечер од 17:30 до 00:30 часот ќе нуди музичка програма со настапи на врвни изведувачи (Рингтонс, Southpark, Breakdown band, Goce SAF, DJ Aleksandar Jordanov, DJ Marko, DJ Micov, DJ Shime, DJ Mono, DJ Foodieman, DJ Guardian и DJ Fico).
Програмата ќе биде збогатена и со интерактивни активности за публиката како натпревари во брзо јадење, квизови, трки и други забавни предизвици со награди, што ќе го направи фестивалот атрактивен за младите и семејствата.
„Првиот фестивал на улична храна во нашата општина е одлична можност да се афирмира урбаната култура и заедништвото преку храната, музиката и позитивната енергија. Убеден сум дека паркот „Авионче“ во септември ќе биде новото омилено место на жителите и посетителите на Аеродром“, изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Фестивалот во срцето на Аеродром се организира со поддршка од Општината, а влезот за сите посетители е бесплатен.