Економија
Медведев предупреди на опасност од руска стагнација

Рускиот претседател Дмитриј Медведев во петокот предупреди дека Русија може да се соочи со стагнација доколку не успее да се осовремени.
Рускиот претседател Дмитриј Медведев во петокот предупреди дека Русија може да се соочи со стагнација доколку не успее да се осовремени. Според Reuters, излагањето на актуелниот руски претседател Дмитриј Медведев, содржело прикриена критика на владеењето на неговиот претходник сега премиер на Руската Федерација, Владимир Путин, потенцирајќи го делот од говорот на претседателот во кој било наведено дека земјата мора да го избегне владеењето на само еден човек. Во отворените изјави за кои вложувачите изјавиле дека звучат како предизборен говор пред претседателските избори во 2012 година, Дмитриј Медведев рекол дека Русија мора да се модернизира без оглед на тоа кој ќе биде на власт и дека мора да ја намали доминантната улога на државата во стопанството. Надевајќи се на привлекување на странските вложувачи, рускиот претседател и’ порачал на владата да ги преиспита своите планови за приватизација до 1-ви август, за да се забрза продажбата на државната сопственост и притоа рекол дека Русија мора да го намали своето потпирање на високите цени на нафтата кои изминатава декада ја досега ј обезбедуваа стабилноста.При своето излагање на Меѓународниот стопански форум во Санкт Петербург, Медведев предупредил и дека „стабилноста би можела да прикрие уште еден период на стагнација“.„Да, имавме развој поврзан со зголемувањето на улогата на државата во стопанството. Беше важно да се стабилизира ситуацијата по хаосот од 1990-те. Но сега потенцијалот на тој пат е исцрпен.. Таков стопански модел е опасен за иднината“, изјавил Медведев.Иако Медведев и Путин потенцираат постојано дека спроведуваат исти политики, актуелниот претседател направи невообичаен потег опишувајќи ги реформските планови со фразата „мојот избор“, забележува Reuters.„Мојот избор е поинаков. Со руското стопанство мора да доминираат приватното претприемништво и приватните вложувачи. Државата треба да ја штити сопственоста и изборот на оние коишто свесно ги ризикуваат своите пари и реномето. Ако се’ почне да функционира на знак од Кремљ, тоа значи дека системот е неодржлив и мора да биде организиран околу една личност. Тоа е лошо. Тоа значи дека системот мора да биде променет“, рекол рускиот претседател. Западните аналитичари сметаат дека овој говор ќе предизвика нагаѓања за разидување меѓу претседателот Медведев и премиерот Путин кои се4 уште не се изјаснуваат кој од нив ќе се кандидира од заедничката партија Единствена Русија за претседателски избори кои треба да се одржат во март идната година.Како што пренесуваат руските медиуми, пак, Медведев се задржал на корупцијата и централизацијата коишто според него ја забавуваат Руската Федерација во развојот. Притоа се потенцира делот од говорот во кој рускиот претседател се осврнал на напорите да се подобри квалитетот на живото на Русите /крај/ро/рн/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Стабилната грејна сезона е приоритет, институциите во редовна координација

На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.
Економија
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и на Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Славески – Сецуко: во фокусот унапредување на соработката во областа на дигитализацијата, јакнење на финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија, Кавахара Сецуко.
На средбата беа разменети мислења за актуелните економски движења во светот, предизвиците со кои се соочуваат централните банки при зголемена неизвесност, како и искуствата од спроведувањето на монетарната политика и одржувањето на финансиската стабилност.
Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на соработката меѓу Народната банка и институциите од Јапонија, особено во областа на дигитализацијата во финансискиот сектор, јакнењето на финансиската вклученост и унапредувањето на вештините и капацитетот на човечките ресурси. Во таа смисла, беше истакната подготвеноста за размена на знаења и добри практики, имајќи го предвид јапонското искуство и експертиза во овие области.
Гувернерот Славески и амбасадорката Кавахара Сецуко се согласија дека постои простор за натамошно зближување и институционална соработка, којашто ќе придонесе за унапредување на економските односи меѓу двете земји.