Свет
Нов дух за решавање на спорот со името
Македонските власти презентирале нов дух за надминување на спорот со името со Грција.Со ваква констатација пред јавноста излезе германскиот европратеник Јорго Шацимаркакис по денешната средба на премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Васко Наумовски со членовите на…
Македонските власти презентирале нов дух за надминување на спорот со името со Грција.
Со ваква констатација пред јавноста излезе германскиот европратеник Јорго Шацимаркакис по денешната средба на Премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Васко Наумовски со членовите на мeшовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија.
„Многу ми е мило што видовме позитивна посветеност кај премиерот Груевски за надминување на спорот со името. Многу ми е мило за оваа нова идеја и се надеваме дека престојните недели ќе донесат резултат и тоа е многу важна порака“, рече Шацимаркакис, без конкретно да ги наведе “новите идеи“ презентирани од македонските власти, но со јасна констатација дека доколку се спроведат во пракса, ќе дојде до надминување на спорот со името со Грција и до старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Европратениците побараа единство од македонските политичари во врска со прашањето со името.
„Ги повикуваме оние што донесуваат одлуки во Македонија поврзани со надворешниот свет да настапуваат во еден глас. Повикуваме да се изгради заеднички став меѓу Владата, опозицијата и другите делови од општеството и заеднички да се одреди позицијата на Македонија за прашањето за името и други прашања“, изјави словенечкиот европратеник и известувач за Македонија, Зоран Талер.
Делегацијата од Брисел недвосмилено потенцираше дека доколку не дојде до решавање на спорот со името и старт на преговорите со Унијата, тоа ќе има негативни последици врз Македонија и регионот.
„Неостварувањето на напредок нема да донесе проблеми само на вашата земја, туку на целокупното соседство и на Европската Унија како целина“, предупреди словенечкиот европратеник Алојз Петерле.
Од македонска страна, европратениците слушнале и цврста заложба за продолжување на реформите поврзани со европската интеграција.
„Во Европскиот Парламент гледаме, а се надевам и во иднина ќе гледаме цврст партнер за исполнување на сите услови со цел Република Македонија да стане полноправен член на Европската Унија“, изјави потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Васко Наумовски.
Европратениците навестија засилен притисок врз Скопје и Атина за надминување на спорот со името, констатирајќи дека „трпението на Европската Унија не е вечно“. Заеднички посакаа, наместо балканизација на Европа, да видат европеизација на Балканот. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со порака до демонстрантите во Иран: Продолжете да протестирате, помошта доаѓа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите во Иран и ги повика да продолжат да протестираат.
Тој ги откажа средбите со иранските претставници и рече дека американската помош е на пат.
„Ирански патриоти, ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ПРОТЕСТИРАТЕ – ПРЕЗЕМЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ!!! Запишете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите средби со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. ПОМОШТА ДОАЃА. МИГА!!! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој на својот профил на социјалните мрежи Truth Social.
фото/Depositphotos
Свет
Разрешен ураинскиот министер за одбрана
Украинскиот парламент, Врховната рада, го разреши министерот за одбрана Денис Шмихал од должноста, кој треба да ја преземе функцијата министер за енергетика.
265 пратеници гласаа за одлуката, додека пратениците од Европската солидарност и дел од партијата Холос (Глас) се воздржаа, пишува Украинска правда.
Шмихал беше назначен на функцијата министер за одбрана во јули 2025 година. На 9 јануари, парламентот ги прими оставките на Шмихал и Михајло Федоров, првиот вицепремиер на Украина и министер за дигитална трансформација.
Претседателот Володимир Зеленски се сретна со Шмихал на 3 јануари и рече дека очекува парламентот да го одобри неговото назначување на позициите вицепремиер и министер за енергетика.
фото/епа
Свет
Дел од персоналот на француската амбасада го напушти Иран
Неесенцијалниот персонал во француската амбасада го напушти Иран, потврдија за агенцијата „Франс Прес“ два извори запознаени со ситуацијата.
Според нив, персоналот го напуштил Иран во текот на претходните два дена, но не беше објавено колку луѓе заминале.
„Заштитата на нашиот персонал и нашите граѓани е приоритет“, изјави за АФП функционер на француското Министерство за надворешни работи.
Истовремено, три европски земји ги повикаа иранските амбасадори на разговори во врска со репресијата на режимот врз демонстрантите во Иран.
Холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил, изјави дека го повикал иранскиот амбасадор „за формално да протестира против прекумерната употреба на сила против демонстрантите, масовните произволни апсења и исклучувањето на интернетот“. Тој додаде дека потегот е направен во координација со европските партнери.
Финска, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори. Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави: „Иранскиот режим го исклучи интернетот за да може да убива и угнетува во тишина“.
Шпанската министерка за надворешни работи, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори.
Шпанското Министерство за надворешни работи побара од Техеран да ја прекине блокадата на комуникациите и да ги запре апсењата на демонстрантите.

