Македонија
Цаноски го повикува градоначалникот на Гази Баба на јавно соочување
Пратеникот и лидер на ПЕИ, Фијат Цаноски, чиј комплекс „Космос“ од минатата недела се руши, го повикува градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, јавно на било кој медиум да ги соочат фактите
Пратеникот и лидер на ПЕИ, Фијат Цаноски, чиј комплекс „Космос“ од минатата недела се руши, го повикува градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, јавно на било кој медиум да ги соочат фактите во врска со изградбата на „Космос“, за кои Цаноски тврди дека е законска, а Трајковски дека е незаконска.
„Доколку не се осмелите и не сакате јавно и отворено да ги чуете нашите ставови и да ја видите реално целата документација која е правен доказ за законитоста на целиотпроект, на јавноста ќе и станат јасни Вашите намери. Г-дине Трајковски, со Вашите невистинити тврдења дали се обидувате повторно да ја одработите кампањата за следните локални избори? Сепак, желбите и намерите се една работа, а реалноста друга, бидејќи во Р.Македонија постојат закони и Устав кои ни Вие не можете да ги избегнете“ се вели во отвореното писмо на Цаноски до медиумите.
Доколку Трајковски не сака јавно соочување, Цаноски најавува соочување меѓу нив двајцата на суд.
Според Цаноски, градоначалникот презентира однапред напишани ставови, изнесува невистини и манипулира со јавноста.
Наспроти Трајковски кој вчера тврдеше дека Цаноски почнал со градба во декември, а испратил основен проект и измени на проектот во јули, Цаноски тврди дека решението за локациски услови е од ноември минатата година, протоколот за регулациона, градежна и нивелациона линија со определување на површина за градба и одобрението за градба се од декември 2010 година со потпис од градоначалникот Трајковски.
„Мојата инвестиција во проектот “КОСМОС” во Општина Гази Баба каде што Градоначалник сте Вие, е 60.000.000 евра. Во секоја демократска држава, ваквитеинвеститори се почитувани и посакувани во локалната единица“ вели Цаноски.
Трајковски вчера соопшти дека и измените и дополнувањата на основниот проект кои што ги доставил пратеникот Цаноски во јули не биле во согласност со Законот за градба и Деталниот урбанистички план.
Сите активности кои што ги презел инвеститорот, фирмата „Фине“, биле откако инспекторката констатирала нерегуларности при изградбата и „флагрантни отстапувања и кршења и на основниот проект и на Деталниот урбанистички план и на Законот за градење“. Општината донела решение со кое што се одбива барањето на инвеститорот за измени и дополнувања на основниот проект.
Комплексот “Космос“ почна да се руши минатата недела бидејќи целиот објект, според општина Гази Баба, бил надвор од рамките на проектот што го добил одобрението за градба што го издале службите на Општина Гази Баба.
Целата градба била повисока за метар и 43 сантиметри во однос на апсолутната кота којашто била измерена од геодетска фирма.
Комплексот се градеше покрај Вардар кај мостот “Близнак“, во непосредна близина на Универзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Предвиден беше како луксузен станбено-деловен комплекс со 562 стана. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.

