Македонија
Најмногу 200 евра за болничко лекување во странство

Пациентите кои имаат потреба да се лекуваат во странство ќе плаќаат најмногу 200 евра за болничко лекување.
Владата на минатата седница ја усвои информацијата на Фондот за здравство со која се дефинираат процедурите, механизмите и буџетот за реализација на мерката Најмногу 200 евра за болничко лекување во странство, соопшти портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.За некои интервенции во странство се потребни и повеќе стотици илјади евра, односно лично учество на пациентот и до неколку десетици илјади евра, но од оваа година пациентот ќе плаќа само 12 000 денари, а остатокот од трошокот колкав и да е ќе го плати државата.
„Новина е формирањето на работна група во ФЗО од стручни лица, доктори по медицина, кои за секое лекување изготвуваат резиме за комисиите, во кое дава осврт на сегашната здравствена состојба на осигуреникот, како и минатите заболувања и неговиот третман во здравствените установи во Република Македонија, како и Комисија за стручен надзор од одделни медицински дејности во Министерството за здравство, што ќе е од помош за процесот, и ќе овозможи механизам со кој ќе се обезбеди соодветно користење на средства, и нивна алокација на лицата на кои им се најпотребни“ изјави Ѓорѓиев.
Уште една новина од оваа година е тоа што пациентите на кои не може да им се даде услуга во јавното здравство, сега доколку е можно, нема да требаат да одат во странство на лекување, туку таа услуга ќе може да ја спроведат во приватните болници во Македонија, „Филип Втори“ и „Систина“ клиничка болница – за здравствени услуги кардиоваскуларна хирургија, детска кардио- хирургија, „Систина“ офталмологија и „Европска очна болница“, операција на катаракта по Фако метода, витректомија, аблација на ретина и замена силиконаско и „Ремедика“.
ФЗО ќе плаќа по цени за странско лекување и ќе очекува токму таква здравствена услуга. Тоа се дефицитарни интервенции во јавното здравство, кои поради спецификата на работата и кадарот пак ги има во приватното здравство.
Исто така Владата ги задолжила МЗ и ФЗО, врз основа на Листа на здравствени услуги за кои најчесто осигурениците се упатуваат на лекување во странство, да направат анализа со посебен осврт на за потребите и опциите за вложувања во опрема и едукација на соодветен кадар во здравствените установи како би се овозможило истите да се вршат во Република Македонија.
Во изминатите 6 години на лекување во странство оделе помеѓу 200 и 400 лица. Во 2012 година околу 200 лица. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костовски: Голема нервоза во белата палата, клеветите не поминуваат

Во реакција на својот профил на Фејсбук на прес-конференцијата на Бране Петрушевски, кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Мартин Костовски, порача:
„Голема нервоза во белата палата. Го извадиле Бране – човекот кој е директно против сиромашни работници и повисоки плати – да врти стари лаги и да ме клевети. Ама не кажа дека за истиве клевети веќе има и судска одлука – Бране изгуби во прв степен и треба да ми плати 2.500 евра отштета, пари кои веднаш ќе ги донирам. Клеветите не поминуваат, вистината во Куманово излезе на виделина.
Најголемиот криминалец е токму нивниот измеќар – Максим Димитриевски. Тој што сега им се клања, за да го спасат од одговорност. Нека продолжат вака, народот на Куманово гледа и добро знае. Следи голема казна на локалните избори. Народот не паѓа на коалициски математики.
А на Бране не може јас да му бидам крив што не е кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, никој во партија не го сака ниту за измеќар. Седи си во Парламент и троши си ги парите, народот веќе ништо не очекува од такви како тебе.“ – напиша Костовски.
Македонија
Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети – целта беше отворање јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.
Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.
Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.
„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.
Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Подготвен сум да го воскреснам Скопје

Орце Ѓоргиевски изјави дека кандидатурата за градоначалник на Скопје е еден од најголемите предизвици досега, изразувајќи благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за континуираната поддршка – и за време на мандатот во Кисела Вода, и сега.
„Свесен сум во каква состојба се наоѓа Градот – девастиран и сив. Но, подготвен сум по изборите да го воскреснам Скопје и да стане град на достоинствен живот“, рече тој.
Ѓоргиевски најави дека ќе остане близок до граѓаните, како и досега, дека ќе ги слуша нивните барања и дека не се гледа како „салонски политичар“. Најави теренски посети и креирање на програма за решавање на најгорливите проблеми – сообраќајниот хаос, валканите улици и дивите депонии.
Ги повика сите граѓани да го поддржат, без оглед на партиската или верската определба, додавајќи дека за него постојат само скопјани кои го сакаат или не го сакаат својот град.