Македонија
Руската амбасада со реакција до Утрински весник за написите за Пуси Рајот
Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, преку отворено писмо упати реакција до Утрински весник за написите поврзани со случајот на групата Пуси Рајот.
По написите во весникот „Путин jа претвора Русиjа во репресивна држава“, „Панкерки против Путин“, „Пуси рајот како во стариот комунизам“, рускиот амбасадор констатира дека „западните и македонските јавни гласила, изјавите на политичарите и на општествените дејци кои се поврзани со пресудата за учесничките на групата Пуси Рајот покажуваат неинформираност и се со површен приод на нивните автори“.
„Крајно неморални се и обидите да се претстави Пуси Рајот како жртва на политички репресии. Како прво, дури и при најбогата претстава, невозможно е пресудата да се нарече одмазда на претседателот Путин (ваквата интепретација особено им се допаднала на некои новинари). На крајот на краиштата, додека ‘панк-пејачките’ некако се обидуваа да се однесуваат пристојно според прифатените правила на пристојното општество, кон нив немаше никакви санкции, освен парични казни. А, токму Владимир Путин беше централната личност на нивната критика, бидејќи, според нивното мислење, тој е, цитирам: ‘симбол на патријархални погледи и на сексизам’. И сега темата за политички монтирана пресуда одново се дискутира, иако во текстот на пресудата се вели дека не постојат никакви претензии за содржината на перформансот на ‘Пуси Рајот’. Постојат жалби само за тоа каде и во кој облик ‘пан-пејачките’ ги обнародиле своите апели“, вели амбасадорот Шчербак во реакцијата до Главниот и одговорен уредник на Утрински весник, Соња Крамарска.
Изборот на Храмот на Христос Спасителот за т.н. панк-молебен, тие го објаснија со тоа што поглаварот на РПЦ, патријархот Кирил, го поддржал претседателот Владимир Путин. Но, токму Путин, по својата убедлива победа на изборите, го поддржаа водачите на сите религии во Русија, без исклучок! Така се наметнува и прашањето: што би се случило со ‘Пуси Рајот’ или со нивните поддржувачи, доколку тие би извршиле слично сквернавење во синагога, џамија или во хиндуистички храм? Впрочем, обидите да се навредат чувствата токму на православните верници и, во поширока смисла, чувствата на христијаните, се прават и сега од страна на адвокатите на Пуси Рајот. За тоа се зборува и во колумната на почитуваниот г. Чулев ‘Панкерки против Путин’, каде тој пишува за намерата на правниците да побараат ‘докази за постоењето на Богородица!’. Вам ваквото понижувачко барање ништо не ви кажува? Се враќаме ли на времето на прогон на христијаните, како што тоа се правело во епохата на Римската Империја или во периодот на гонењето на православната црква за време на болшевиците? Дали е возможен таквиот пристап во нашето време – време, кога терминот ‘човекови права’ доби конкретна правна смисла? Ако се придржуваме за вистинските вредности, за кои се зборува во друг материјал на ‘Утрински весник’ – ‘Пуси рајот како во стариот комунизам’, тогаш треба да се придржуваме и до слободата на совеста, т.е. слободата да се има какви било уверувања, вклучувајќи ги и религиозните, и да се почитуваат правата на верниците“, вели Шчербак во реакцијата.
„Како трето, сосема непристојно изгледаат обидите на некои медиуми да го уверат читателот во тоа дека Пуси Рајот имаат право, кога се подвлекува тоа дека во нивна одбрана застанале Мадона, Елтон Џон, групата КИСС итн. Секако, сите тие се мошне големи творечки личности и групи, кои оставиле своја трага во поп-музиката. Но, ако зборуваме отворено, тоа сосема не значи дека тие можат да претендираат за улогата на беспрекорни морални авторитети. И многу е тажно што овој свет засекогаш го напушти Мајка Тереза!“, вели рускиот амбасадор.
„Ќе бидам отворен и ќе кажам дека јас лично не би сакал некогаш бесни девојки, накитени со маски-гаќи, да направата баханалија пред олтарот на храмот Климент Охридски или во Мустафапашината џамија. Сигурен сум, г-ѓо Крамарска, дека и Вие не го посакувате тоа. Дали тоа ќе биде така, зависи од позицијата на секој од нас, вклучително и од весникот Утрински весник“, прашува рускиот амбсадор.
„Во секој случај, според резултатите на судскиот процес, руската јавност ја очекува прославата на правдината. Ќе биде ли ублажена пресудата или, напротив, ќе биде ли таа посурова, ќе реши судот. И јас сум уверен дека тоа ќе биде прослава на правото, а не «Пуси Рајот», што за мнозинството луѓе во Русија и надвор од неа стана синоним за творечка и морална деградација на личноста… “, се вели во рекацијата од руската амбасада. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

