Македонија
И по три години, останува мистерија трагедијата кај Блаце

И по три години од уривањето на армискиот хеликоптер Ми- 17, кога загинаа 11 македонски мировници, семејствата сè уште ги бараат причините за несреќата.
Дел од семејствата на загинатите и претставници на Министерството за одбрана денеска положија цвеќе на местото на несреќата кај катлановско Блаце. Дел од семејствата пак не присуствуваа на одбележувањето на тригодишнината револтирани од неефикасната истрага.
Министерот за одбрана Зоран Коњановски не присуствуваше, на негово место беше неговиот заменик Емил Димитриев.
Димитриев истакна дека Министерството за одбрана е во постојана комуникација со семејствата на загинатите припадници. Во врска со истрагата Димитриев рече дека Министерството го доставило целиот материјал кој може да биде употребен во истрагата до сите наделжни институции.
Министерот за одбрана, Зоран Коњановски пак, присуствуваше на свеченото испраќање на 149 припадници на АРМ во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
Во Штип Коњановски изјави дека МО го чека обвинителниот извештај од истрагата за хеликоптерската несреќа. И Коњановски рече дека Министерството за одбрана ги собрало сите материјали и направило комисиски записник. Документите биле предадени на Обвинителството и сега се чека нивниот извештај.
Судот и Обвинителството го ангажираа британскиот експерт Едвард Пули за да ги разгледа извештаите за несреќата. Пули дојде во мај минатата година, но уште не завршил со својата работа.
По несреќата на Блаце беа изготвени два контрадикторни извештаи. Државната цивилна комисија одговорност бараше во армијата и непочитување на наредбите, додека воената комисија сметаше дека грешки има и во контролата на летање.
Армискиот хеликоптер „Ми-17“, во кои се превезуваа 11-те припадници на ВИНГ-от, се урна на 12-ти јануари 2008-ма година при враќањето од мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.
Тогаш загинаа Потполковник Тони Спасовски , Заставник Тони Давитковски, Постар водник Јанко Шириќ, Водник Александар Тасковски,Водник Александар Васиќ, Мајор Горан Ристовски, Десетар Златко Велјановски, Капетан Бране Ивановски, Водник Мики Ивановски, Заставник Славчо Василев, Капетан Игор Ѓоревски. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.
Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.