Македонија
Земјотрес во Албанија, почувствуван во Македонија

Земјотрес со епицентар во Албанија, во подрачјето на Поградец изутрината е почувствуван и во Македонија
Земјотрес со епицентар во Албанија, во подрачјето на Поградец изутрината е почувствуван и во Македонија.
Ова денеска го соопшти скопската сеизмолошка опсерваторија, додавајќи дека земјотресот, што се случил во 2 часот и 28 минути, бил почувствуван во Охрид, Струга и Битола со интензитет од четири степени поред европската макросеизмичка скала, а во подрачјето на Прилеп со три степени.
Епицентарот на земјотресот бил на 145 километри југозападно од Скопје во епицентралното подрачје Поградец./крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Институциите до работодавачите: Да се работи од далечина каде што е изводливо, работниците да не бидат надвор од 11 до 17 часот

Министерството за економија соопшти дека во согласност со усвоената Информација за спроведување на мерки од Фаза 3 на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението (2025 – 2030), активно ги координира и имплементира препораките за заштита на работниците и подобрување на работните услови во летниот период.
Во услови на екстремни топлотни бранови, Министерството ги повикува сите работодавачи во јавниот и приватниот сектор да ги применуваат следните мерки:
-Одложување на работните активности во најтоплите часови од денот, од 11 до 17 часот, особено за работници кои се изложени на директна топлина;
-Воспоставување можности за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо;
-Обезбедување на соодветни микроклиматски услови во работните простории, со температура до 25°C, освен каде што природата на работниот процес тоа не го дозволува;
-Ослободување од работни обврски на бремени жени и лица над 60 години, доколку не се обезбедени соодветни услови за работа, со исклучок на вработените во критична инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
Министерството за економија и труд ќе продолжи да ги следи и координира активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и останатите релевантни институции.
Овие мерки, како што се додава, имаат за цел да ги намалат ризиците од топлотен стрес и други здравствени последици за вработените, како дел од националниот одговор на предизвиците од климатските промени и екстремните временски услови.
Министерството ја повикува јавноста и бизнис секторот на соработка и одговорност во спроведувањето на препораките за заштита на работниците и обезбедување безбедни и здрави работни услови.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Хаг оствари средби со претседателот на Чешка и со премиерите на Естонија и Белгија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на НАТО самитот во Хаг, оствари средби со претседателот на Чешка, Петр Павел, премиерот на Република Естонија, Кристен Михал и со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер.
На средбите соговорниците изразија задоволство од одличната билатерална соработка и партнерство во различни области и поддршка за евроинтегративниот пат на државава.
Заблагодарувајќи му се на претседателот Петр Павел, за принципиелната и доследна поддршка на Чешка, Сиљановска-Давкова укажа на тековните предизвици и политички мотивираните обиди за блокирање на европскиот пат на државава. Таа ја потенцираше неопходноста од заштита на националниот идентитет и истакна дека прашањата поврзани со идентитетот, или толкувањето на историјата не можат да бидат дел од преговарачката рамка на ЕУ. Претседателот Павел рече дека земјава може да смета на континуирана чешка поддршка во текот на евроинтегративниот процес.
Повторувајќи го јасниот став против билатерализацијата, Сиљановска-Давкова рече дека длабоко ја цени принципиелната поддршка на Естонија за политиката на проширување на ЕУ и нагласи дека овој процес има стратешка и геополитичка важност. Естонскиот премиер Михал посочи дека државава добро ги исполнува Копенхагенските критериуми. Тој изрази подготвеност за помош во процесот на македонската евроинтеграција.
Прашањето за деблокирање на евроинтегративниот пат беше во фокусот и на средбата со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер, кој истакна дека членките на ЕУ треба да имаат појасен и поискрен став во однос на проширувањето. Тој нагласи дека интеграциите мора да се одвиваат според напредокот и спроведените реформи на државата аспирант за членство.
Македонија
Адвокатот на Ѓорчевски: Нема одговор зошто беше киднапирана и убиена Вања, и зошто се инсистираше татко и’ да е дел од постапката

Владимир Туфегџиќ – адвокатот на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски ја коментираше денешната ослободителна пресуда за неговиот клиент, велејќи дека нема простор за победничка еуфорија, а судот донел законска одлука, но празна по својата суштина и без одговорите на клучните прашања. Во процесот, според зборовите на Туфегџиќ, не е даден одговорот на прашањето зошто е киднапирана и убиена Вања, како и зошто се инсистирало нејзинниот татко да биде дел од постапката и покрај тоа што против него немало докази.
Адвокатот побара одговор од институциите зошто не го спречиле ниту криминалниот план за киднапирање на луѓе којшто, според исказот на осудениот Манев, обвинетите го скроиле уште од 2022 година. Туферџиќ праша дали дали вмешувањето на Ѓорчевски во овој случај било обид за дефокусирање од она што би требало да биде предмет на истрагата. Побара одговор од надлежните зошто четворицата обвинети со план за киднапирање луѓе кои копале дупки низ државата за таа цел, не биле детектирани навремено.
Александар Ѓорчевски во моментот не размислува за поднесување кривични пријави. Туферџиќ рече и дека судија на претходна постапка има доставено барање за обезбедување на медицинска документација за констатирани повреди од вршењето тортура кон Александар, на 16 февруари 2024 година. По ниту едно од тие барања не било постапено, ниту пак, јавниот обвинител го проследил ова известување до надлежното Јавно Обвинителсто кое треба да постапува за сторени кривични дела на полициските службеници.
Обвинителството од друга страна соопшти дека ќе се жали на ослободителната пресуда за Ѓорчевски. Обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска по изрекувањето на пресудата дека иако немале докази какви што сакаат да имало, неспорен факт е дека само родителите знаеле дека детето ќе оди само во училиште, а двајца од обвинетите кажале дека дознале од таткото, преку Палевски, пред потоа да ја сменат изјавата. Обвинителката вели дека кога го смениле исказот, двајцата обвинети не понудиле ниту еден разумен факт и околност зошто го сториле тоа, а за тврдењето дека се вршела тортура над нив, обвинителката рече дека тоа не е реално, ниту се докажало.
Кривичниот суд пресуди доживотен затвор за Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов за грабнувањето и за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинение.