Македонија
Се реконструираат улиците во Топанско поле
Општина Чаир започна со целосна реконструкција на сите улици во населбата Топанско поле.Реконструкцијата се одвива на вкупна површина од 1,5 километри и чини над 10 милиони денари.
Општина Чаир започна со целосна реконструкција на сите улици во населбата Топанско поле.Реконструкцијата се одвива на вкупна површина од 1,5 километри и чини над 10 милиони денари. При денешната посета на градежните работи, градоначалникот на Чаир, Изет Меџити рече дека осветлувањето на улиците е веќе завршено и дека останува само да се завршат работите околу зелените површини. Според Меџити, проширувањето на улицата Цветан Димов останува приоритет на општина Чаир, а главните проекти за проширување на улицата се во завршна фаза „Проширувањето на улицата е еден од приоритетите кои и остануваат на општина Чаир заедно со градот Скопје. Главните проекти се веќе при крај за проширување на улицата „Цветан Димов“, но потегот продолжува и на улицата „Кристијан Тодоровски Карпош“. Идејата е тие да се поврзат со обиколницата на град Скопје и на тој начин да биде подобра комуникацијата на Чаир со другите населби“ – изјави Меџити. /крај/к.с.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштен во работа новиот 𝟦𝟢𝟢/𝟣𝟣𝟢 кV трансформатор во ТС Битола 𝟤: „Клучен чекор за енергетската стабилност“
АД МЕПСО официјално го стави во полна функција 400/110 кV трансформатор во трансформаторската станица (ТС) Битола 2. Ова претставува пресвртница во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападна Македонија и за целиот национален енергетски систем.
Пуштањето во функција на новиот трансформатор го зајакнува клучниот дел од енергетската инфраструктура, враќајќи ја сигурноста во регион што беше изложен на сериозни ризици. Благодарение на проактивната интервенција на новото раководство, решен е еден од најголемите системски проблеми и се обезбеди стабилност на енергетскиот систем каде што беше најпотребна.
Со ставањето во функција на новиот 400/110 kV трансформатор, целосно ќе се обнови енергетскиот систем ТС Битола 2, значително намалувајќи го притисокот врз преносната мрежа. Ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци и ќе обезбеди непречено производство на електрична енергија во РЕК Битола, кој е клучен снабдувач на електрична енергија во државата.
„Ова не е само техничка надградба – ова е обезбедување на стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните на Југозападна Македонија“, истакна генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи.
„Наследивме систем на работ на колапс, но со фокус, итност и експертиза, испорачавме решение кое ја враќа стабилноста, довербата и отпорноста.“
Проектот, првично започнат во 2023 година, но занемарен од претходното раководство, беше оптоварен со доцнења и пропусти. Под водство на новото раководство, проектот беше оживеан и забрзан за да одговори на итните потреби на регионот. Успешното испорачување и монтажа на трансформаторот вклучуваше навигација низ логистички предизвици, сложени транспортни рути и неповолни зимски услови. Без оглед на пречките, техничките тимови на МЕПСО работеа неуморно за да осигураат дека опремата е инсталирана и подготвена за работа.
„Граѓаните заслужуваат резултати, а не изговори. Со пуштањето во функција на овој трансформатор, докажавме дека кога постои волја, постои и начин. Продолжуваме да работиме неуморно за изградба на посилен и поотпорен енергетски систем за иднината на Северна Македонија“, нагласуваат од МЕПСО.
Ова достигнување е само почеток на сеопфатниот план на МЕПСО за модернизација на енергетската инфраструктура во нашата држава. Компанијата останува посветена на зајакнување на националната мрежа, елиминирање на наследените слабости и обезбедување сигурно снабдување со електрична енергија за сите граѓани.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Скопје
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва 6 јануари 2025 година во 18 часот и 44 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар се наоѓа 25 километри северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML2.5.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во градот Скопје и северозападните делови на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
СВР Тетово: Во Маврово е воведен кружен тек, но поради непочитување на правилата во текот на вчерашниот ден настанаа проблеми во сообраќајот
Секторот за внатрешни работи Тетово ја известува јавноста дека сообраќајот во Маврово е нормализиран и се одвива без проблеми. Согласно годишниот план за постапување во зимски услови, на подрачјето на Маврово е воведен кружен тек на движење на возилата за да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Но, поради непочитување на правилата и препораките, во текот на вчерашниот ден настанаа проблеми во одвивањето на сообраќајот.
За да се надминат проблемите и да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во Маврово, ОВР Гостивар дополнително ангажираше дваесетина полициски службеници од другите полициски одделенија за да со физичко регулирање на сообраќајот се надминат проблемите, што беше и направено.
СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сите правила и прописи во сообраќајот, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници во врска со поставениот сообраќаен режим и да се движат согласно предвидените правила, да не тргнуваат во правец на Маврово и Попова Шапка со летни гуми и без соодветна зимска опрема, затоа што на тој начин го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Апелираме до возачите да придонесеме сите заедно за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, велат од СВР Тетово.