Македонија
Околу 350 доверители побаруваат 24 милиони евра од А1 телевизија
Домашни и странски компании, новинари и актери се појавија денеска како доверители на испитното рочиште на собранието за доверители за А1 телевизија.
Домашни и странски компании, новинари и актери се појавија денеска како доверители на испитното рочиште на собранието за доверители за А1 телевизија.
Меѓу нив се и Маре Стоилова поранешна дописничка во А1 телевизија, но и шест актери Марин Бабиќ, Марија Кондовска, Диме Илиев, Лазе Манасков, Трајанка Илиева и Атанас Таневски, кои работеа на синхронизација на турската серија „Шехерезад“.
Кај стечајниот управник на А1 телевизија, Ацо Петров во предвидениот рок се пријавиле вкупно 350 доверители со вкупни побарувања од 24 милиони евра.
Поранешната дописничка на А1 телевизија, Стоилова, која ја тужела А1, вели дека телевизијата и’ должи едно големо извинување бидејќи тврделе дека никогаш не работела таму. Стоилова морала да набавува преку интернет документи за да потврди пред судот дека работела таму.
„Ми должат едно огромно извинување за компромитација на мојата личност, а и јас им должам извинување затоа што не заслужував да работам во А1, бидејќи таму требаше да работи новинар кој добро истражува, а јас никогаш не истражив и не дознав навреме дека не сум била новинар кој е соодветно платен и третиран како работник. Јас бев многу горделива и напуштив. Затоа што напуштив, Велија кажа дека неговиот збор ќе биде последен. Потоа зборуваше дека сум барала рекет, сум имала преголемо задолжување за гориво. Ги собираа луѓето од селата и ги мамеа за тутунарската револуција и на крај за тоа гориво требаше ние да платиме“, вели Стоилова.
Три ипол години се водела судската постапка меѓу Стоилова и А1 телевизија. Според конечната судска пресуда, Стоилова треба да наплати од А1, еден милион денари.
„Не верувам дека и тоа ќе го добијам. Материјалната сатисфакција не ми е битна, но битно ми е што зборот на судот остана последен, а не на Рамковски“, рече Стоилова.
Собранието на доверители денеска беше одложено по барање на стечајниот управник, Ацо Петров поради големиот број на стигнати пријави од страна на доверители и обемната документација која ја доставиле. Петров до 28 ноември треба да ја изготви табелата со побарувањата на доверителите. Околу 250 од вработените во А1 телевизија се јавиле како доверители.
„Рано е да се каже колкави се шансите, колку вработените ќе бидат обештетени. Сите доверители имаат исти третман, освен државата и НЛБ Тутунска банка, коишто согласно Законот за стечај имаат приоритетни побарувања, Тутунска банка има побарување обезбедено со залог којшто е воспоставен пред отворањето на стечајната постапка. Државата побарува 670 милиони денари“, изјави Петров.
Како најголеми доверители се јавуваат Управата за јавниот приходи и НЛБ Тутунска банка, а покрај нив пријавени се ПИОМ, Македонски телеком, Т-хоме, Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“, ЕВН Македонија, како и странски фирми, повеќето од Србија, но и „Ворнер Брос Продукција“ од Лос Анџелес./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

