Свет
Разак: Авионот се урнал, нема преживеани на летот МХ370

Сите докази покажуваат дека авионот на летот МХ370 се срушил и дека никој од 239 патници не го преживеал падот, соопшти денеска компанијата „Малезија ерлајнс“.
„Последните докази од истрагата покажаа дека авионот се срушил во јужниот дел од Индискиот Океан”, им порачала авио – компанијата на семејствата на исчезнатите.
Последните информации за судбината на летот МХ370 на семејствата на исчезнатите им биле соопштени на итен брифинг и истите им ги соопштил премиерот на Малезија, Наџиб Разак, кој на кратката конференција за новинари истакнал дека во незапаметена потрага до сега за авион биле употребени до сега некористени методи.
„Врз основа на новите податоци, со длабока тага и жалење заклучивме дека летот МХ370 завршил на југот од Индискиот Океан”, рекол Наџиб, кој не сакал да одговара на новинарските прашања.
Премиерот навел дека врз основа на новите, до сега некористени методи во ваков вид истрага, било заклучено дека летот МХ370 летал на јужниот коридор и дека неговата последна позиција била забележана во Индискиот Океан, западно од Перт.
„Оваа информација ја споделуваме со јавноста од почит кон семејствата на исчезнатите лица”, рекол Наџиб.
Тој апелирал до медиумите во овие тешки и тажни моменти да ја почитуваат приватноста на семејствата на настраданите во несреќата. За утре најавил нова прес – конференција на која како што истакнал ќе ги изнесе деталите за овој трагичен настан.
Претходно, семејствата на настраданите биле повикани на итен брифинг, а во салата во која Наџиб Разак им ја соопштувал веста биле присутни и медицински екипи./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел е подготвен за итно ослободување на заложниците, вели Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека „Израел е подготвен за итно примање на сите наши заложници“, според соопштение од Канцеларијата на премиерот, откако беа објавени информации дека ослободувањето на заложниците од Газа може да се случи уште вечерва.
Во меѓувреме, израелски функционер за јавниот радиодифузен сервис Кан изјави дека армијата очекува заложниците да се вратат во Израел до моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе пристигне во Израел утре во 9:20 часот наутро.
– ИДФ ги заврши подготовките за ослободување на заложниците и проценува дека сите ќе бидат ослободени пред пристигнувањето на Трамп, изјави изворот.
Медиумите на хебрејски јазик, повикувајќи се на неименувани израелски претставници, јавија дека Ерусалим добил индикации дека Хамас сака да го забрза ослободувањето на заложниците во Газа за вечерва, јави Тајмс оф Израел.
Свет
Папата Лав дели дека договорот за примирје во Газа даде искра на надеж во Светата земја

Папата Лав Четиринаесетти изјави дека договорот за примирје во Појасот Газа „даде искра на надеж во Светата земја“.
Тој ова го кажа во обраќање за време на неговата неделна молитва пред десетици илјади верници собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
– Ги охрабрувам сите вклучени страни храбро да продолжат по патот што го избраа, кон праведен и траен мир што ќе ги почитува легитимните аспирации на израелскиот и палестинскиот народ, изјави поглаварот на 1,4 милијарди католици во светот.
Агенцијата за цивилна заштита на Газа, која е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако првата фаза на прекинот на огнот стапи во сила претходниот ден.
– Повеќе од половина милион лица се вратиле во Газа (Сити) од вчера, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана, службата за спасување која работи под надлежност на Хамас.
На снимки објавени од светските медиуми се гледаат Палестинци кои се враќаат во градот Газа, многумина од нив веејќи палестински и египетски знамиња.
Свет
(Видео) Жестоки судири на авганистанско-пакистанска граница

Жестоки судири синоќа избувнале на границата меѓу Пакистан и Авганистан, откако талибанците извршиле напад врз пакистански воени пунктови, јавуваат светските медиуми.
Екслацијата, како што пишува „Гардијан“ повикувајќи се безбедносни претстаници од двете земји, доаѓа по воздушниот напад што пакистанските сили го извршија оваа надела. Силите на талибанскиот режим во Авганистан, како одмазда вчера почнале со напади врз пакистанските трупи долж границата, тврдејќи дека зазеле два гранични пункта во јужната провинција Хелманд, информација што ја потврдиле локалните власти.
Пакистанските безбедносни претставници ги потврдиле судирите со талибанците на неколку гранични локации, наведувајќи дека нивните сили возвратиле енергично.
„Вечерва, талибанските сили почнаа да пукаат кон неколку гранични точки. Ние возвративме со артилерија на четири локации по должината на границата. Нема да толерираме никаква агресија од авганистанските талибанци на нашата територија. Пакистанските сили одговорија со силен оган, ефикасно таргетирајќи неколку авганистански гранични пунктови“, изјавил претставник на пакистанската влада за „Гардијан“.
Пакистанската армија, како што се наведува, употребила артилерија, тенкови, како и лесно и тешко оружје во своите контранапади.
Ескалацијата доаѓа откако во четвртокот беа пријавени две експлозии во авганистанскиот главен град Кабул и уште една во југоисточен Авганистан. Министерството за одбрана, управувано од талибанците, го обвини Пакистан за кршење суверенитетот на земјата во врска со овие два напади.