Свет
Земете и носете си го пластичниот експлозив
Василиос Пападопулос, сопственикот на фабриката за оружје „Сувенир“ од
Самоков, испратил писмо до кичевскиот суд, до стечајниот управник Тодор Пашоски
и до МВР во кое бара државата да си ги земе назад 2,5-те тони пластичен
експлозив што претходно ги купил од „Сувенир во стечај“.
НЕРВОЗА КАЈ СОПСТВЕНИКОТ НА
„СУВЕНИР“
Александар Божиновски
Василиос Пападопулос, сопственикот на фабриката за оружје „Сувенир“ од
Самоков, испратил писмо до кичевскиот суд, до стечајниот управник Тодор Пашоски
и до МВР во кое бара државата да си ги земе назад 2,5-те тони пластичен
експлозив што претходно ги купил од „Сувенир во стечај“.
– Писмото на 5 март годинава е испратено до мене. Тој требаше да плати 10.000
евра за количествата муниција и експлозиви што останаа во фабриката, но тоа до
денес не го стори. Поради тоа му е поднесена тужба на суд. Сега се откажува од
експлозивот – вели Пашоски.
Стечајниот управник, иако полицијата му поднесе кривична пријава, веќе неколку
месеци се ангажира за решавање на проблемот со „Сувенир“. Фабриката се уште не
работи.
Во МВР велат дека се уште не примиле такво писмо од Пападопулос, но
потенцираат:
– Прво тој експлозив не е наш, туку на Армијата. Не можеме туку така да го
земеме, за таков експлозив потребни се посебни услови за чување. Доколку сакаат
да го вратат треба да дојдат кај нас, да се договориме кога и како, и од кого
ќе биде преземен – објаснува Иво Котевски, портпаролот на МВР.
Фабриката во Самоков лани во февруари била продадена на Гркот Василиос
Пападопулос за 500.000 евра, но 120 поранешни работници се уште не се на
вратени на работа, како што предвидува договорот. Поради ова се бара
поништување на продажбата. Во купопродажниот договор, двете страни, државата и
Пападопулос е предвиден ангажман на ревизори, но се уште не е ангажирана
ревизорска куќа. Две досега ги одбиле понудите за ревизија.
МВР во петокот поднесе кривична пријава против Пашоски и проценителот Коста
Ацески токму поради продажбата на пластичниот експлозив. Полицијата обвинува
дека 2,5 тони пластичен експлозив бил продаван на непостојна фирма за 100
денари од килограм, иако вредел 17 пати повеќе, и дека не бил платен.
Пашоски е осомничен и дека без пари на Гркот му дал 51 полуавтоматска пушка, 45
автоматски, како и 57 пушкомитралези и 16 пиштоли во јуни лани. Притоа, овојпат
на новата фирма „Сувенир индустри“ оружјето било дадено без да се направи
процена на вредноста и без согласност на Одборот на доверители на фабриката.
Според, судски извори, ова оружје, наводно не било дадено на Пападопулос. Постоело
писмо, испратено до МВР и до Министерството за економија, во кое се бара
државата да се погрижи за овие 169 парчиња оружје. Се шпекулира дека еден вод
од полициските командоси „Тигар“ во февруари лани биле испратени да ги земат
овие пушки, но ненадејно и без образложение, стигнала наредба да ги остават
пушките во „Сувенир“ и да се вратат во касарна.
Гркот
се жалел кај Ставревски
Василос Пападопулос, преку грчката амбасада, побарал средба со
вицепремиерот за странски инвестиции, Зоран Ставревски за да се пожали затоа
што Владата не му дозволувала да работи.
Ова ни го потврдија во грчката амбасада.
– Ние не посредуваме за средби на бизнисмени со Владата. Но, имаме информација
дека вицепремиерот испратил свој претставник до Пападопулос за да се договори
средба.
Ивица Боцевски, портпаролот на Владата, потврди дека Ставревски веќе се сретнал
со Пападопулос.
Игор Маџаровски, претставникот на Пападопулос, вчера не се јавуваше на
мобилниот телефон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Истрага за странските викенд-снајперисти во Сараево: „Носеа пушки што личеа како за лов, ги таргетираа децата“
Обвинителството во Милано повторно ја активира истрагата за т.н. викенд-снајперисти – странци кои за време на опсадата на Сараево биле платени да пукаат врз цивили. Како дел од постапката, италијанските обвинители побараа увид во сведочењето на американскиот пожарникар Џон Џордан од 2007 година дадено пред Хашкиот трибунал.
Џордан тогаш изјавил дека видел вооружени мажи што не личеле на локални жители и дека биле придружувани од водичи. Тој опишал дека носеле комбинација од цивилна и воена опрема и пушки што личеле на ловечко оружје. Според него, снајперистите често ги таргетирале најмладите во семејствата – деца што оделе со возрасни или девојчиња.
Италијанското Обвинителство, предводено од обвинителот Алесандро Гобис, ја проширува истрагата и врз можни италијански државјани што учествувале во вакви злосторства. Во постапката се вклучени и документи од поранешната италијанска разузнавачка служба СИСМИ, која, според сведочења, имала сознанија за присуство на странски платеници во Босна и Херцеговина.
Истрагата се води за евентуално намерно убиство извршено со суровост и злобни мотиви, како и за идентификување на организаторите на викенд-турите и лицата што плаќале за учество.
Опсадата на Сараево траеше од април 1992 до февруари 1996 година, при што градот беше секојдневно изложен на гранатирање и снајперски напади.
Свет
Лавров: Се надеваме дека Вашингтон нема да преземе акции за ескалација на конфликтот во Украина
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено доцна во средата изјави дека се надева оти Вашингтон нема да преземе акции што би го ескалирале конфликтот во Украина, објави „Ројтерс“.
Лавров рече дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој долго време се залага за дијалог со Русија, се обидува целосно да ја разбере позицијата на Русија во врска со Украина и покажува посветеност на наоѓање трајно мирно решение.
„Сметаме на здравиот разум и на преовладувањето на оваа позиција во Вашингтон и на тоа тие да се воздржат од дејства што би можеле да го ескалираат конфликтот на ново ниво“, изјави Лавров, цитиран од руската државна новинска агенција ТАСС.
Неговите коментари првично биле дел од интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“. ТАСС објави дека весникот одбил да го објави интервјуто.
Лавров тврди дека Трамп признал оти една од причините за руските постапки е проширувањето на НАТО и распоредувањето на инфраструктурата на пактот во близина на руските граници.
„Всушност, ова е она за што рускиот претседател Владимир Путин и Русија предупредуваат во последните 20 години“, рече рускиот врвен дипломат. И инсистира дека Европа работи против американските чекори кон наоѓање мирно решение.
Свет
Зеленски воведе санкции за својот соработник Миндич по корупцискиот скандал со енергетскиот сектор
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес потпиша указ со кој се воведуваат лични економски и други санкции врз Тимур Миндич, обвинет дека е мозок на корупциска шема во енергетскиот сектор, како и врз Олександр Зукерман, бизнисмен и близок соработник на Миндич, објавија „Укринформ“ и АФП.
Миндич е косопственик на „Квартал 95“, студио што го коосноваше Зеленски за време на неговата актерска кариера. Санкциите против 46-годишниот Миндич вклучуваат замрзнување на неговите средства.
Синоќа, владата во Киев ги објави оставките на министрите за енергетика и правда поради нивната наводна вмешаност во скандалот.
Истражителите се сомневаат дека Миндич, клучен доверлив човек на Зеленски, ја оркестрирал шемата за кражба на 100 милиони долари, што ја налути јавноста во време на чести прекини на електричната енергија поради руските напади.
Украина долго време има сериозни проблеми со корупцијата, а борбата против неа е клучен услов за нејзините напори за приклучување кон Европската Унија.
Зеленски претходно побара оставка од министерот за правда Герман Галушченко, поранешен министер за енергетика за кој истражителите се сомневаат дека добил лична корист во шемата, како и од сегашната министерка за енергетика, Свитлана Гринчук.
Не се поднесени обвиненија против ниеден од нив, а Гринчук не е наведен како учесник во шемата.

