Македонија
Иванов – Грција ја доведува во заблуда меѓународната заедница
Безбедноста на Европа е незамислива без стабилна Југоисточна Европа, изјави денеска во своето обраќање пред учесниците на безбедносната конференција во Минхен македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов
Безбедноста на Европа е незамислива без стабилна Југоисточна Европа, изјави денеска во своето обраќање пред учесниците на безбедносната конференција во Минхен македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.
Тој додаде дека рецептот за стабилност во регионот е многу едноставен, брз прием на целиот регион во евроатлантските структури, политички одлуки со визија, со долготрајна полза.
Иванов во своето обраќање се задржа и на наметнатиот спор за нашето уставно име од страна на нашиот јужен сосед, поради кој Грција го спречи приемот на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт, и покрај позитивната препорака од ЕК го спречи и одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
„Значи, втора блокада во краток временски период. Тоа ли е придонес кон европската безбедност и просперитет? Ако аргументот на Грција беше дека Македонија претставува безбедносно прашање, со тоа што се вика Република Македонија, тогаш зашто Грција го спречи нашиот влез во НАТО? Зошто Грција се осмели да прекрши меѓународен договор, Времената спогодба од 1995-та и не дозволи Република Македонија да влезе во НАТО со привремената референца која се користи во ОН? Тоа ќе беше најголемата гаранција на Грција дека Македонија не е безбедносна закана кон ниту еден сосед? запраша Иванов
Тој додаде дека Република Македонија прави се, активна е и дава иницијативи да се дојде до решение кое ќе се заснова врз меѓународното право и принципи, решение во рамките на Резолуциите на Светската организација, решение во кое нема да има победници и поразени и ја обвини Грција дека ја доведува во заблуда меѓународната заедница.
„Но, не прифаќаме да се рушат индивидуалните човекови права со присила и уцена“, нагласи шефот на македонската држава, додавајќи дека условот кој ни е наметнат за да продолжиме по патот на нашата евроатлантска интеграција, не вклучува само одрекување од името на нашата држава, туку и одрекување од индивидуалните човекови права на граѓаните, правото на човеково достоинство и правото на самоидентификација.
Иванов во своето обраќање пред безбедносната конференција во Минхен се осврна и на Охридскиот договор, значителното учество на Македонија во мировни мисии, добрососедските односи, кои почиваат на заеднички интереси и регионален развој.
„На нашиот регион денес му е потребно она што јас би го нарекол Pax Europana. Затоа што самата европска идеја е мировен проект. Сега е повторно моментот, преку Балканот, европската идеја да продуцира мир“, порача шефот на македонската држава Иванов пред учесниците на безбедносната конференција во Минхен. /крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) АKT СДСМ ја претстави новата платформа против корупција МИЦКО: Пријавувајте!
„Антикорупцискиот тим на СДСМ, АКТ ја претставува новата дигитална платформа за борба против корупцијата и криминалот. Македонски Истражувачки Центар за Корупција и Организиран Криминал или скратено МИЦКО (https://micko.mk/). Платформата е посветена на истражување и архивирање јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во Македонија“, кажа Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
„Ние ги собираме, анализираме, организираме сите информации од различни извори како би обезбедиле транспарентност и информираност на граѓаните, на јавноста.
Што правиме?
Истражуваме случаи. Длабински прегледуваме тендери, медиумски објави или случаи на корупција, вклучително и проверени судири на интерес и останати сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, локалните и државните институции.
Ги архивираме податоците, креираме регистар на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, овозможувајќи лесен пристап и пребарување.
Промовираме транспарентност: Делиме анализи и известувања како граѓаните но и новинарите, експертите, невладините организации можат да дадат придонес.
На платформата против корупцијата веќе се објавени досегашните бомби на АКТ.
Случајот со една фирма со двајца вработени основана лани која добила тендери од 9 милиони евра.
Случајот со фирма која добила 161 тендер вредни 5,3 милиони евра.
И секако скандалот за преземањето на Алта Банка, со сомнителен капитал, кој НБРМ го дозволила под сомнителни околности.
Од денеска платофрмата е активна и целосно оперативна, на ваше располагање.
Ги повикуваме сите граѓани, невладини организации, истражувачи, новинари, медиуми, да ни се приклучат.
На платформата има можноста граѓаните да пријават корупција и криминал – директно.
Има посебен дел, простор за да се внесат информации и директно да се прикачат документи. Секој граѓанин може да пријави, дури и анонимно.
Почитувани граѓани, пријавувајте! Ние сме вашиот глас. Заедно се бориме против корупцијата и криминалот. Сите ќе одговараат, од прв до последен! Ова е заедничка борба за државата, за правдата“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Македонија
Граѓански организации за борба против корупцијата бараат итно донесување на Законт за заштита на укажувачи
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара итно донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи.
„Платформата на граѓански организации за борбата против корупцијата изразува сериозна загриженост поради бавниот процес на донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи. Иако Платформата активно учествуваше во работната група формирана од Министерството за правда и беа одржани 15 состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година, процесот и понатаму неоправдано доцни“, се наведува во соопштението.
Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија нотира дека Законот за заштита на укажувачите сè уште треба дополнително да се усогласи со ЕУ acquis и да обезбеди соодветни механизми за спроведување. Се предупредува дека индивидуите кои пријавуваат неправилности може да се соочат со вознемирување, отказ или други последици, што ја поткопува ефективноста на Законот. Според Платофмрата, ова укажува на сериозната потреба од итно донесување на Предлогот на Закон кој е подготвен, но две години не е во процедура за донесување.
„Сметаме дека со носењето на вакво законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата, а за што креаторите на политики и носителите на јавни функции искажуваат недвосмислена заложба“, се наведува во соопштението.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.

