Македонија
Уставниот суд ќе ја проверува законитоста на „Сончев град“
Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за ја провери законитоста на проектот „Сончев град“.
Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за ја провери законитоста на проектот „Сончев град“. Урбанистичкиот план за изградба на локалитетот во општина Сопиште судиите од Уставниот суд сметаат дека е донесен на нетранспарентен и незаконски начин и денеска ќе поведат постапка, а во меѓувреме е забрането да се врши било какво дејство поврзано со локацијата. Постапката пред Уставниот суд ја поведува компанијата „Санс Сити“, односно официјалниот газда на површината од 147 хектари, каде што треба да се гради елитната населба Сончев град. „Јасно е дека на Македонија и на нејзините граѓани им се потребни инвестиции, но притоа потребно е да се запазат сите процедури и закони и тоа не важи само за проектот Сончев град. Не само Уставниот суд, туку и другите институции имаат одговорност да ја проверат работата“, смета пратеникот Сулејман Рушити од Нова демократија. Според него во Република Македонија се трошат огромни пари на кампањи и лоби групи за привлекување на странски инвестиции, а од друга страна, како што рече, на терен инвеститорите се соочуваат со безброј пречки поради кои го напуштаат пазарот Пратеникот Андреј Жерновски од ЛДП смета дека проектите најавени од Владата не се реализираат и сите од далеку „смрдат“ на криминал и корупција. „Ние уште на почетокот на овој проект реагиравме и се сомневавме во криминал. Прво во тендерот беше услов 150 милиони евра обрт, ден потоа се намали на 100 милиони, а на крај обртот воопшто не беше ни услов за фирмата која ќе го добие тендерот. Тоа го отвара сомневањето дека се работи за наместен тендер. Кој би дошол во земја каде однапред се знае кој е победникот на тендерите?“, посочи Жерновски. Тој истакна дека премиерот Никола Груевски треба да го смени министерот за транспорт и врски, а доколку тоа не го направи, ќе покаже дека е дел од, како што рече, криминалниот проект. Истовремено Жерновски побара да се прекине со градежните работи на терен. „Ова е само еден од многуте погрешни потези на оваа Влада, а од државата ни направи градежна депонија. Груевски насекаде поставува потемкини села, какво што беше и вчерашното поставување на камен темелник за слободна зона. Се тоа е празно ветување“, изјави пратеничката Соња Мираковска од НСДП./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

