Македонија
Тодоров: Повредените патници се во стабилна состојба, една жена е приклучена на апарати
Сите повредени патници во сообраќајната несреќа што се случи во вторникот (13-ти мај) кај Сарамазалино помеѓу воз и автобус, а кои беа пренесени во болниците во Скопје, Велес и Штип се во стабилна здравствена состојба. Само една пациентка на Клиниката за неврохирургија во Скопје сè уште е приклучена на апарати за дишење, но состојбата и се подобрува, информираше во среда министерот за здравство, Никола Тодоров.
„Од вкупно 12 лица кои вчера беа донесени во Ургентен центар Скопје, во овој момент осум се во болница, а четири веднаш се пуштени дома. Општа оценка е дека сите се во стабилна здравствена состојба”, информираше Тодоров.
Директорот на Клиниката за неврохирургија Александар Чапаровски изјави дека двајцата пациенти примени на оваа Клиника се во стабилна состојба, а жената која беше примена со тешка повреда на белите дробови сè уште е приклучена на апарати.
„И кај пациентката што е примена на интезивна нега со тежок потрес на мозокот и со повреда на белите дробови има подобрување и има тенденција да се буди. Контролните анализи што ги правевме денеска се добри така да се надевам дека подобрувањето ќе продолжи и понатаму. Ќе ги преземеме сите можни мерки за да им помогнеме. Пациентката сè уште е на апарати за дишење, меѓутоа има тенденција да се буди”, изјави Чапаровски и додаде дека повредената е на возраст од околу 60 години.
На Клиниката за трауматологија се примени пет пациенти, а двајца од нив се оперирани вчера. Директорот на Клиниката, Славчо Стоименски, изјави дека утре ќе биде опериран уште еден пациент, а зафатот ќе се изврши на седмиот торакален пршлен. Четвртиот пациент има скршеница на првиот лумбален пршлен, а една пациентка е примена со фрактура на клучната коска. Стоименски изјави дека сите се во стабилна здравствена состојба.
Што се однесува до болницата во Велес, таму се лекуваат шест пациенти на хирургија, а дома се пуштени три лица, меѓу кои и трудницата и сите се во добра здравствена состојба. Министерот Тодоров информираше дека во штипската болница во моментов болнички се згрижени четири пациенти, од кои двајца на одделението за ортопедија, двајца на хирургија и сите се во стабилна здравствена состојба.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

