Свет
Армијата сакала без пари да го добие пластичниот експлозив
Министерството за одбрана се откажало од огромните количества муниција и експлозиви што останале како готов производ по продажбата на фабриката „Сувенир“ на грчкиот газда Василиос Пападопулос, потврдија извори на „Време“.
СЕ ПОЗАПЛЕТКАНА ПРОДАЖБАТА НА „СУВЕНИР“
Александар Божиновски
Министерството за одбрана се откажало од огромните количества муниција и експлозиви што останале како готов производ по продажбата на фабриката „Сувенир“ на грчкиот газда Василиос Пападопулос, потврдија извори на „Време“.
Како што објавивме врз основа на документацијата, два и пол тони пластичен експлозив, десет тони барут, околу 10.000 куршуми, близу 740.000 парчиња каписли и уште многу други производи кои не биле предмет на продажбата на „Сувенир“, дополнително му биле продадени на гркот Пападопулос за 10.000 евра. Експертите оваа сума ја оценија како шокантно ниска, анализирајќи дека готовите производи вредат барем 600.000 евра. Самата фабриката била продадена за 500.000 евра.
Но, изворите на „Време“, потврдија дека во Министерството за одбрана била формирана комисија на чело со првиот логистичар Нелко Менкиновски, која утврдила дека производите не и се потребни на Армијата.
Менкиновски, инаку е во притвор како еден од осомничените во случајот „запленето армиско оружје“.
На стечајниот управник, потоа му било побарано сета муниција да им ја даде бесплатно. Ова се случувало во првата половина на минатата година.
Изворите, претпоставуваат дека МО се откажало од овие производи, поради втората листа на која се наведени бомби и експлозиви за уништување. Наводно, уништувањето било многу скапо, а МО не сакале тоа да го платат. Сепак, експертите сметаат дела тие бомби и експлозиви не се толку стари за да не можат да се употребуваат.
Дознаваме дека, првин, Пападопулос понудил само 5 илјади евра за производите, потоа 7 илјади, а на крајот стечајниот управник Тодор Пашоски се исценкал за 10.000 евра, плус ДДВ.
Тој вчера не беше расположен за коментар.
Владо Бучковски, тогашниот премиер, во неофицијален разговор за „Време“ информираше дека во случајот „Сувенир“ имало многу караници меѓу стечајниот управник и грчкиот инвеститор.
Ова ни го потврдија и нашите извори наведувајќи дека Пашоски бил гневен на Пападопулос, затоа што не се придржувал на купопродажниот договор за фабриката, а кој меѓу другото предвидувал реактивирање на линијата за муниција, како и вработување на 120 работници до крајот на минатата година. Ова особено, затоа што стечајниот управник станал мета на неосновани обвинувања за приватизацијата од поранешните вработени, велат изворите.
Пашоски, деновиве ги реализирал своите предупредувања и ја ангажирал ревизорската куќа „Европски ревизорски центар“, која треба да испита дали двете страни се придружувале на купопродажниот договор. Според клаузулите на тој договор, Пападопулос треба да плати казна за неисполнување на одредбите или пак договорот да биде поништен.
Гркот се колнел дека ќе проработи фабриката
Василиос Пападопулос, сопственикот на „Сувенир“, бил на состанок со доверителите и стечајниот судски совет, кој се одржал во понеделникот во Основниот суд во Кичево.
Тој им се колнел на судиите дека фабриката ќе проработи, дека ќе ги вработи работниците. Се правдал дека МВР и Министерството за економија се уште не му ги давале дозволите за работа. „Време“ веќе еден месец се обидува да добие коментар од него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

