Свет
Јозеф Фрицл на суд ги призна силувањето и инцестот
Австриецот Јозеф Фрицл кој 24 години во подрум ја криел својата ќерка, на суд го призна силувањето и инцестот, но ги одрече убиството и ропството
Судењето на Фрицл започна утрово. Тој се товари со обвинение дека 24 години ја држел својата ќерка во подрумот од својата куќа, при што постојано ја силувал. Судењето е обезбедено со силни мерки на безбедност и голема медиумска покриеност.Тројцата судии и осумте поротници ќе решаваат за вината на Фрицл, кој е обвинет за убиство, држење во ропство, противправно одземање на слободата, силување, тешки закани, принуда и родосквернавење.По најавата од неговиот адвокат Рудолф Мајер, Фрицл го призна силувањето, инцестот и злоставувањето, но ги отфрли обвиненијата за убиство и ропство. Судењето треба да трае пет дена, а пресудата се очекува на 20 март. Мајер смета дека судењето може да заврши и порано, а се очекува дека Фрицл ќе добие казна доживотен затвор.Жртвите на Фрицл, ќерката и нејзините деца, нема да излезат пред судот. Ќерката Елизабет, која има 42 години, во текот на истрагата дала искази, а видеоматеријалите со нејзините искази и испитувања во вкупно траење од единаесет часа, на поротата и’ служат како важна основа за донесувањето на одлуката.На отворањето на постапката, судијката Андреа Хумер нагласи дека обвинетиот Јозеф Фрицл има право на коректна и фер постапка, а судот е обврзан на најстрога објективност. На прво место, според судијката, треба да се земат предвид правата на жртвите. Не е дозволено да се известува за нивните страдања само поради ниските интереси на човековиот сензационализам.Фрицл кој има 73 години влезе во судницата покривајќи си го лицето со голема сина фасцикла. Тој при влегувањето во судницата не одговори на ниедно новинарско прашање. Почетокот на судењето на „австрискиот монструм“, како што го нарекуваат сите светски медиуми, го проследија повеќе од 200 новинари од целиот свет, а над судската зграда е одредена зона за забрането летање. На 28 август 1984 година, 18-годишната Елизабет Фрицл била намамена од нејзиниот татко да појде во подрумот од семејната куќа. Таму тој ја заклучил, ја дрогирал, ја врзал со лисици и ја малтретирал цели 24 години. Вистината за мачните случувања кои се одвивале сите тие години во подрумот без прозорец, заклучен со врата со шифриран код кој го знаел само тој, беше откриена кога болната Кирстен, 19-годишната ќерка од инцестниот однос меѓу Јозеф и Елизабет, минатата година била однесена во болница во Моствиертел поради напад на бубрег. Истрагата започна по барање на докторот Алберт Рајтер, бидејќи му требале дополнителни информации за да и’ помогне на болната девојка.ДНК-анализата потврди дека Јозеф е татко на децата на својата ќерка, иако тој на сите им тврдел дека Кирстен ја нашол оставена на куќниот праг, а му ја оставила нејзината мајка Елизабет која всушност живее во бизарна секта. Лекарот не му поверувал и тргнал во потрага по Елизабет, што на крај довело до неверојатното откритие. Јозеф Фрицл тврдеше дека ќерката ја заклучил во подрум за да ја заштити од дрога и лошо друштво, бидејќи, според неговите зборови, таа била многу непослушно дете.Елизабет во подрумот забременила осум пати, родила седум деца, од кои едното починало неколу дена по породувањето. Татко и’ го запалил телото на детето. Првите неколку месеци Елизабет била заврзана со јаженце за кучиња, будејќи Јозеф се плашел оти ќе побегне.Целото време додека ја држел во ропство, Фрицл и’ се заканувал на Елизабет дека ќе го претвори подрумот во гасна комора. Сите тие години тој глумел грижлив и добар татко. Сестрите и браќата на Елизабет имале се’ што можеле да посакаат, без воопшто да се посомневаат што всушност се случува во нивниот дом. Фрицл почнал да го гради подрумот уште во 1978 година, а дозвола за тоа побарал под изговор дека сака да има место на кое би можел да го засолни семејството во случај на нуклеарна војна. Тогаш Елизабет имала 12 години, а татко и’ веќе една година почнал со злоставувањето. Неговата сопруга Розмари цело време тврди дека не знае што се случувало во нејзината куќа, не излегува во јавност поради стравот од реакцијата на луѓето, а во меѓувреме се иселила од нејзината семејна куќа во Амстетен и во моментов живее кај родителите и привремено кај некои пријатели.Преку неговиот адвокат, Фрицл пратил порака дека се кае, а исто така веќе се знае дека утре ќе ја признае вината за сите точки од обвинението, освен убиството на новороденчето во 1997 година. Тој рекол дека во затворот го мачи несоница, а исто така се наоѓал во „тешка депресија“. Чувар во затворот рекол дека Фрицл цело време зборува дека сака да ги види жена му и Елизабет и да се увери дека децата се добро. Меѓутоа, неговите желби нема да бидат исполнети, бидејќи Розмари и Елизабет изјавиле дека не сакаат веќе никогаш да го видат.Истражната постапка не пронајде докази дека и мајката била вмешана во случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Заврши првиот ден од преговорите меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби
Украинскиот преговарачки тим го заврши првиот ден од трилатералните разговори со Русија и САД во Абу Даби, насочени кон решавање на руско-украинската војна, објави Дијана Давитјан, портпаролка на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, пренесува „Украинска правда“.
„Преговорите се завршени за денес“, рече Давитјан, додавајќи дека е закажано да продолжат утре.
Украинската делегација во Абу Даби ги вклучува Рустем Умеров; Кирил Буданов, шеф на претседателската администрација, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица; Давид Арахамија, претседател на парламентарната група на партијата Слуга на народот; Андриј Хнатов, началник на Генералштабот на вооружените сили на Украина; и советник на кабинетот на претседателот Олександр Бевз.
Умјеров објави дека украинскиот тим планира и билатерален состанок со американската делегација, претставена од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник Стив Виткоф. На состанокот ќе се разговара за документ за безбедносни гаранции и „план за просперитет“.
Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последните напади, претседателот Володимир Зеленски објави дека работата на украинската делегација во мировните преговори ќе биде прилагодена.
фото/епа
Свет
ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за одбрана и буџет
Земјите од ЕУ постигнаа договор за заем од 90 милијарди евра за покривање на финансиските и воените потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Брисел има намера да ја изврши првата рата на почетокот на април за да обезбеди континуитет на странската помош за Киев, објави Euronews.
Амбасадорите на земјите-членки се согласија за правните текстови денеска попладне, откако Кипар, кој претседава со Советот, презентираше нова верзија на предлогот.
„Денешната спогодба покажува дека ЕУ продолжува решително да дејствува во поддршка на Украина и нејзиниот народ. Новото финансирање на помошта ќе обезбеди силна отпорност на земјата во услови на руска агресија“, рече кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос.
Во исто време, додаде тој, испраќаме силна порака дека суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право.
Заемот од 90 милијарди евра, кој беше политички договорен на самитот во Брисел, ќе биде финансиран со издавање заеднички долг, а буџетот на ЕУ ќе дејствува како гаранција за инвеститорите. Според договорот, Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат целосно ослободени од сите финансиски обврски, вклучително и годишните плаќања на камати.
Европската комисија проценува дека преостанатите 24 земји-членки ќе мора да платат помеѓу 2 и 3 милијарди евра секоја година за покривање на поврзаните трошоци.
90-те милијарди евра ќе бидат поделени на два главни дела: 30 милијарди евра за буџетска поддршка и 60 милијарди евра за воена помош за купување оружје и муниција. Овој сооднос би можел да се промени ако заврши војната.
Парите ќе бидат исплатени постепено и ќе бидат предмет на строги услови. На пример, сите неуспеси во борбата против корупцијата во Украина би можеле да предизвикаат суспензија на помошта.
Од Украина ќе биде побарано да ги врати 90-те милијарди евра само под услов Русија да ја заврши војната и да се согласи да му ја надомести штетата на Киев. Со оглед на тоа што Москва експлицитно ја исклучи можноста за плаќање репарации, се очекува Брисел да ја одложи отплатата на долгот на неодредено време.
фото/Depositphotos
Свет
Руски напад врз пазар во Украина за време на утринската гужва, најмалку 7 убиени
Во руски напад врз градот Дружкивка во Донецката област што се случи утринава загинаа најмалку седум лица, а осум беа повредени, според првичните информации. Руските сили го нападнаа градот со касетна муниција и воздушни бомби, а пазарот беше директно погоден за време на утринската гужва, пишува „Украинска правда“.
Вадим Филашкин, началник на воената администрација на Донецката област, објави на социјалните мрежи дека руските сили го бомбардираа градот со касетна муниција. Градскиот пазар, каде што имаше голем број луѓе во утринските часови, беше директно погоден.
Филашкин истакна дека конечниот број на жртви во нападот сè уште не е потврден и најави дека ќе даде дополнителни информации за развојот на настаните. Според него, сите надлежни служби се на терен, им помагаат на повредените и работат на отстранување на последиците од нападот.
Градоначалникот додаде дека Русите фрлиле и две воздушни бомби врз Дружкивка. Нападите оштетиле индустриска зона, како и три станбени згради и три семејни куќи. Филашкин повторно го повика локалното население да се евакуира во побезбедни региони.

