Свет
Полскиот воен обвинител го преживеа обидот за самоубиство пред новинарите
Воениот обвинител Миколај Пшибил го преживеа обидот за самоубиство со пиштол на конференцијата за новинари во Позњан, соопшти Военото обвинителство наведувајќи дека Пшибил е пренесен во болница и дека неговата
Воениот обвинител Миколај Пшибил го преживеа обидот за самоубиство со пиштол на конференцијата за новинари во Позњан, соопшти Военото обвинителство наведувајќи дека Пшибил е пренесен во болница и дека неговата состојба не е критична.
На конференцијата за новинари, Пшибил објасни зошто военото обвинителство побара следење на мобилните телефони на некои новинари и содржините на нивните СМС пораки за време на истрагата за тоа од каде во војската протекуваат доверливи податоци за трагичната авионска несреќа во пролетта 2010 во Смоленск во која меѓу 96 патници и членови на екипажот загина и претседателот на Полска, Лех Качински.
Сознанието дека военото обвинителство побара да се прислушуваат и следат некои новинари кои известувале за трагедијата во Смоленск и истрагата за падот на претседателскиот „тупољев“, предизвика во Полска голем скандал.
Генералниот обвинител на Полска Анџеј Серемет има намера да и соопшти на јавноста што одлучил да направи со тие обвинители од Позњан кои барале прислушување на новинарите без дозвола од судот.
Пшибил најпрвин на новинарите многу емотивно им објаснувал дека тоа барање било во согласност со прописите и го обвини Серемет и Генералното обвинителство дека се обидуваат да го ликвидираат Военото обвинителство, а медиумите дека допуштиле да бидат вовлечени во валкана кампања.
После тоа ги замолил новинарите да излезат на кратко за да ја проветри просторијата.Кога излегле новинарите слушнале пукање од пиштол, а потоа го нашле Пшибил во локва крв. Повикана е итна помош и е префрлен во болница, а лекарите соопштиле дека не е во критична состојба.
Претседателот на Полска, Бранислав Коморовски и министерот за правда Јарослав Говин побараа од генералното обвинителство итна истрага и објаснување за овој случај./крај/б/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

