Македонија
Владата работи на прочистување на Избирачкиот список
По последните укажувања од ОДИХР и ОБСЕ, владата презеде низа активности за прочистување на избирачкиот список и планирано е до 31 октомври годинава да се заврши процесот, рече денеска во Скопје министерот за правда Михајло Маневски
По последните укажувања од ОДИХР и ОБСЕ, владата презеде низа активности за прочистување на избирачкиот список и планирано е до 31 октомври годинава да се заврши процесот, рече денеска во Скопје министерот за правда Михајло Маневски.
Извршена е проверка на можни дупли записи на матичните броеви, на државјани кои починале во странство, податоците за починати лица во болниците во Македонија и проверка на податоците во избирачкиот список.
Врз основа на податоците изготвени од Државниот завод за статистика и МВР направена е проверка и утврдени се 1123 дупли записи.
Проверка е извршена и за државјани на Македонија кои што починале во странство. Од 27 дипломатско конзуларни претставништва и преку МНР добиени се податоци за вкупно 2361 државјанин од 2000 до 2009 година и утврдено е дека 1338 државјани биле евидентирани за починати.
Извршена е и проверка на податоци за починати лица во болничките установи во Македонија во 2006, 2007 и 2008 година и од министерството за здравство добиени се податоци за 8937 починати лица, од кои 6754 се запишани во матичната книга на умрени, а 2183 лица кои имаат пријавено погрешен матичен број не можат да се идентификуваат и се прават дополнителни проверки.
Министерот Маневски рече дека е извршена и проверка на податоци во Избирачкиот список и дека од вкупно 2 046 268 државјани, во избирачкиот список се запишани 1 792 000 избирачи.
Исто така се извршени активности во две пилот општини. По сите проверки утврдено е дека има лица кои се починати а не се избришани од избирачкиот список и затоа владата го задолжила министерството за правда во соработка со МВР да бидат проверени сите матични книги на умрени во сите општини.
На прашањето дали ова значи дека владата се подготвува за предвремени избори, претседателот на ДИК Александар Новаковски одговори дека комисијата е спремна за спроведување на избори без разлика дали тие ќе бидат предвремени или регуларни. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

