Македонија
Шестмина приведени за инцидентот во „74-ка“, пукачот сеуште во бегство

Вкупно шесмина се приведени за пукањето што се случи завчера на постојката кај Народна банка, кога едно девјче заврши со куршум во стомакот, а две момчиња беа расечени со нож.
Вкупно шесмина се приведени за пукањето што се случи завчера на постојката кај Народна банка, кога едно девјче заврши со куршум во стомакот, а две момчиња беа расечени со нож.
Лицето кое што пукало кон автобусот и кое го рани девојчето е се уште во бегство. Против седумте напаѓачи, сите од село Горно Количани, е поднесена кривична пријава, а на петмина од приведените им е одреден домашен притвор во траење од 30 дена.
Двете спротиставени групи од Горно и Долно Количани првин се степале на паркингот во трговскиот центар „Веро“. Тепачка имало и кај транспортниот центар додека автобусот бил сеуште паркиран, каде што двете момчиња од Долн Количани биле ранети со нож.
Напаѓачите се разбегале, а патниците меѓу кои биле и повредените се качиле на автобусот и тргнале кон предвидена релација.
Кога автобусот пристигнал и сопрел на постојката кај Народна банка, пред автобусот истрчале повеќе лица, меѓу кои биле и напаѓачите од тепачката кај транспортниот центар и почнале да дивеат и да удираат по автобусот и барале од возачот да ги отвори вратите.
За да ја смири ситуацијата, возачот ја отворил вратата и излегол надвор од автобусот. Едно од лицата фрлило нож низ отворениот прозорец од возачкиот простор кон патниците од предниот дел на автобусот. Друго лице пак вперило пиштол кон отворената предна врата и испукал 2-3 кушуми.
Еден проектил го погодил автоматот за билети, се одбил од него и удрил во средниот дел од левото ветробранско стакло и паднал на подот пред возачкото седиште.
Друг проектил од испуканите куршуми завршил во телото на девојчето кое седело на седиштето непосредно зад возачкото седиште од автобусот. Напаѓачите веднаш се разбегале.
Тројцата повредени биле веднаш пренесени во Градската болница. Еден од нив е пуштен на домашно лекување, а девојчето и другиот повреден се задржани во болница.
Меѓусебната нетрпеливост на жителите од двете села не е новост, во едното село живеат Македонци муслимани и етнички Албанци.крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.