Свет
Русија: нови масовни протести заради изборни измами
Русија во сабота се подготвува за уште еден масовен протест во срцето на престолнината на гласачите кои се бесни поради наводните изборни нерегуларности во корист на победничката партија „Обединета Русија“ на премиерот Владимир Путин.
Русија во сабота се подготвува за уште еден масовен протест во срцето на престолнината на гласачите кои се бесни поради наводните изборни нерегуларности во корист на победничката партија „Обединета Русија“ на премиерот Владимир Путин. Десетици илјади луѓе на блоговите и на социјалните мрежи ги повикуваат Московјани, но и жителите на други градови, што помасовно да излезат на демонстрациите, на кои се очекува да говорат многу познати личности, како последниот советски претседател Михаил Горбачов, активистот против корупцијата Алексеј Навални, па се до рок-музичарот Јуриј Шевчук и романописецот Борис Акунин. Закажаните демонстрации се втори во последните две недели и следуваат по масовните демонстрации на 10 декември, кои беа најголем протестен собир во Русија по распадот на СССР.Главната поплака на руските демонстранти е дека парламентарните избори кои се одржаа на 4 декември и некои победи „Обединета Русија“ се опоганети со измами и треба повторно да се одржат. Лидерите на демонстрантите бараат и смена на раководните функционери во изборните тела, како и намалување на административните бариери за да можат повеќе опозициски партии да учествуваат во идните изборни циклуси. Лидерот на оваа партија и актуелен премиер на Русија, Владимир Путин, претседателот Дмитри Медведев и други високи руски функционери ветија дека наводите за изборни измами ќе бидат истражени и сите нерегуларности казнети. До сега се покренати 54 кривични пријави за изборни нерегуларности. Тие, сепак, го намалија влијанието на нерегуларностите врз конечниот резултат и воопшто не го земаа предвид барањето за повторно гласање. Путин, исто така, ги обвини САД за поттикнување на овие протести. Сепак, иако не покажаа никаков интерес за повторно одржување на изборите, раководниот двоец на Русија во изминативе неколку денови, како што се доближува денот на демонстрациите, почна да испраќа се посилни сигнали за подготвеност за спроведување на радикални реформи во политичкиот систем на земјата.Во своето проштално обраќање до нацијата во четвртокот, Медведев предложи темелни промени на тековниот политички систем, кои би вклучувале директно, народно гласање на гувернерите на регионите и поедноставување на критериумите, со што на политичките партии би им се овозможило полесно да се регистрираат и да учествуваат во политичкиот живот на земјата.„Нашата демократија станува се позрела“ истакна Медведев, кој си заминува од функцијата по претседателските избори во март догодина. Само еден ден по неговиот говор, заменик-шефот на кабинетот на претседателот Владимир Сурков, кој се смета за „сива еминенција“ на Кремљ во времето на претседателствувањето и на Путин и на Медведев, во една своја изјава политичкиот систем го опиша како „корумпиран“, „глупав“, кој дури ни самите политичари не го почитуваат искрено. „Најдобриот дел од нашето општество, или да подобро речено, најпродуктивниот, заслужува повеќе почит“, рече Сурков. Некои опозициски лидери ги отфрлија овие сигнали од Кремљ како обид да се сврти вниманието на јавноста од изборните измами и тие да се поделат, со што повторно опозицијата би станала премногу слаба да му се спротивстави на Путин и на неговите соработници. Други пак, и дома и во странство, ги поздравија како многу битен чекор кон демократизација на земјата и побараа што побргу да бидат спроведени во пракса. Овие демонстрации, сметаат познавачите, ќе бидат уште еден многу силен тест на популарноста на Путин, кој се кандидираше за уште еден претседателски мандат. Тој беше претседател на Русија во два мандата, од 2000 до 2008 година, но уставот му забрани да се кандидира за уште еден, последователен мандат, па тој местата ги замени со Медведев, кој сега најверојатно повторно ќе се врати на премиерската функција. /крај/риа/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Населението на Кина се намалува четврта година по ред
Населението на Кина се намали четврта година по ред во 2025 година, при што стапката на наталитет падна на рекордно ниско ниво и покрај низата владини стимулации. Според владините податоци, населението на земјата се намали за 3,39 милиони на 1,4 милијарди на крајот на 2025 година, што е побрз пад од претходната година.
Стапката на наталитет падна на 5,63 на 1.000 жители, најниско откако Комунистичката партија дојде на власт во 1949 година – додека стапката на смртност се зголеми на 8,04 на 1.000 жители, највисоко од 1968 година, пишува BBC.
Соочен со стареење на населението и забавување на економијата, Пекинг се обидува да ги охрабри младите луѓе да стапат во брак и да имаат деца. Долгогодишната политика за едно дете беше укината во 2016 година и заменета со ограничување од две деца. Кога ова не доведе до одржливо зголемување на раѓањата, владата објави во 2021 година дека ќе дозволи до три деца по пар.
Кина неодамна им понуди на родителите 3.600 јуани (375 фунти; 500 долари) за секое дете под три години. Некои провинции нудат и свои бонуси за новороденчиња, вклучувајќи дополнителни плаќања и продолжено породилно отсуство.
Некои од овие стимулации предизвикаа контроверзии, како што е новиот данок од 13% на контрацептивни средства – вклучувајќи кондоми и апчиња – што предизвика загриженост за несакани бремености и стапки на ХИВ.
Експертите на Обединетите нации проценуваат дека населението на Кина ќе продолжи да се намалува, при што нацијата ќе изгуби повеќе од половина од сегашното население до 2100 година. Намалувањето на населението има економски и социјални последици за втората по големина економија во светот.
Како што повеќе млади луѓе се оддалечуваат од своите родители, бројот на постари лица кои се оставени сами да се грижат за себе или да се потпираат на владини бенефиции расте. Но, пензискиот фонд се суши, според државната Кинеска академија за општествени науки, а на земјата ѝ снемува време да собере доволно пари за да се грижи за растечкото постаро население.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп ѝ се заканува на Европа поради Гренланд; Германија и Франција: Ја достигнавме границата
Европа нема да биде уценувана и ќе одговори јасно и обединето на царините со кои се закануваат САД поради поддршката на Данска по прашањето за Гренланд, изјавија денес министрите за финансии на Германија и Франција.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата објави нови царини за увоз од осум европски земји, сојузници на САД во НАТО, сè додека на САД не им биде дозволено да го купат Гренланд.
„Германија и Франција се согласуваат: нема да дозволиме да бидеме уценувани“, изјави германскиот министер за финансии Ларс Клингбеил од неговото министерство, каде што беше домаќин на својот француски колега.
„Уцените меѓу сојузниците, уцените меѓу пријателите, се целосно неприфатливи“, изјави францускиот министер Роланд Лескир.
Лидерите на Европската унија ќе разговараат за одговорот на Вашингтон на итен состанок во Брисел во четврток. Една опција е пакет царини за увоз од САД во вредност од 93 милијарди евра што би можеле автоматски да стапат во сила на 6 февруари по шестмесечна суспензија.
„Ние Европејците мора да бидеме јасни: го достигнавме лимитот“, предупреди Клингбеил.
„Нашата рака е испружена, но не планираме да бидеме уценувани“.
Друга опција е Европскиот инструмент за борба против принуда, механизмот на ЕУ против економски закани наречен „економска базука“.
Тој би можел да го ограничи пристапот на САД до европските јавни тендери или да ја ограничи трговијата во секторите каде што САД имаат суфицит, како што е дигиталниот.
Лескур рече дека инструментот е наменет како средство за одвраќање, но дека треба да се разгледа во сегашните околности. „Франција сака да ја проучи таа можност, надевајќи се, се разбира, дека ќе го надмине одвраќањето“, нагласи тој.
фото/Depositphotos
Свет
Данска ќе испрати значителен број војници во Гренланд
Поголем број дански борбени војници, опишани како „значаен придонес“, треба да пристигнат во Кангерлусуак, Гренланд, вечерва. Оваа информација ја потврдија данските вооружени сили на данската телевизија ТВ 2.
Како што објави ТВ 2, командантот на данските копнени сили, Питер Бојсен, исто така ќе пристигне во Гренланд со оваа група.
Пристигнатите војници треба да учествуваат во зајакнувањето на контингентот на данските сили што моментално се распоредени во Гренланд.
Порано, командантот на Арктичката команда, Серен Андерсен, изјави дека околу 100 дански војници веќе пристигнале во Нуук, додека сличен број се распоредени во Кангерлусуак.
Таму тие треба да започнат воена вежба наречена „Арктичка издржливост“, која е забрзана и интензивирана по неодамнешните закани од американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано изјавува дека сака да го анектира Гренланд кон САД.

