Македонија
Милошоски: За Македонија е приоритет да се надмине дискриминацијата
Да се надмине дискриминацијата е траен приоритет за Република Македонија, се нагласува во писмената изјава на шефот на македонската дипломатија Антониo Милошоски, по повод светскиот Ден на човековите права.Овој ден е посветен на заштитниците на човековите права кои дејствуваат и се залагаат за надминувањето и укинувањето на сите видови дискриминација.„Моите мисли се со овие храбри и одважни луѓе насекаде низ светот кои застануваат во одбрана на угнетените, дискриминираните и маргинализираните, затоа што сите имаат подеднакво право да ги уживаат своите човекови права. Да се брани правдата, да се зборува јавно за кршењето на човековите права, да се бара отчетност за владините постапки и дејствувања, некаде значи да се стави сопствениот живот или животите на најблиските во опасност“, се нагласува во писмената изјава на министерот за надворешни работи. Милошоски, притоа додава дека токму за овие големи жртви тој има оддава признание на бранителите на човековите права кои, како што посочува, во остварувањето на нивната благородна мисија не запираат пред никакви пречки. „Нивниот пример не е само инспиративен, туку и обврзувачки за сите нас. Да се застане во одбрана на дискриминираните, е наша должност, затоа што тоа пред се, е должност и обврска кон самите нас како човечки суштества“, вели Милошоски.Македонскиот министер за надворешни работи потсетува и дека земјата за надминување на дискриминацијата во Република Македонија се заложи и во рамките на претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа што заврши на 10-ти ноември годинава. „Негувањето на интеграцијата преку почитување на различностите беше наш приоритет како претседавач со овој одлучувачки орган на Советот на Европа. Но, овој приоритет останува траен приоритет и во нашето секојдневното дејствување, бидејќи интеграцијата на националните малцинства, особено на Ромите, на луѓето со специјални потреби, на жените и на сите маргинализирани групи е неопходна за обезбедување на кохезијата и напредокот на нашите општества. Претставници од невладиниот сектор се вклучени во нашите најактуелни дискусии во врска со човековите права, како и во многубројните настани што се одржаа во Република Македонија за време на претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа“, стои во изјавата на Милошоски кој додава дека соработката на Република Македонија со бранителите на човековите права продолжува со сите ресурси што ги поседува земјата. /крај/со/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

