Македонија
Помали партиципации за студентите од оваа година
Од оваа година на 63-те факултети на петте високообразовани институции во Скопје, Битола, Штип, Тетово и во Охрид ќе можат да се запишат повеќе бруцоши по пониски суми за партиципација.
Ова денеска на конференција за новинари го изјави министерот за образование Никола Тодоров. Според него оваа учебна година на факултетите има над 26 илјади слободни места, а највисоката партиципација ќе изнесува 400 евра.
Минатата академска година на универзитетите имаше 23.558 места за запишување на бруцоши, а оваа година квотите се зголемуваат и ќе има 26 илјади 881 слободно место.
„На вчерашната седница на Владата на Република Македонија беше донесена одлука за намалување на сумите за самофинансирањето. Во редовната квота сумата која што ќе треба да ја платат студентите ќе биде 200 евра годишно, а во квотата со самофинансирање највисоката сума ќе биде 400 евра, освен за оние факултети кои што доставија пониски цени за самофинансирање од тие што ги утврди Владата“, истакна на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Никола Тодоров.
Тој додаде дека сумата за студирање на дисперзираните студии во редовна државна квота ќе изнесува 100 евра.
Тодоров посочи дека Министерството за образование и наука направило анализа за висината на партиципацијата која што ја плаќаат студентите во ЕУ и било констатирано дека во Македонија се плаќа една од највисоките партиципации во Европа и тоа било еден од клучните фактори за донесувањето на ваквата одлука на Владата.
Досега највисока партиципација за самофинансирање беше на медицинскиот факултет во износ од 1200 евра, а од оваа година со новата одлука на владата студентите кои ќе се запишат во квотата со самофинансирање ќе плаќаат по 400 евра годишно.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ оваа академска година ќе се запишат 6336 во редовна, 3973 со кофинансирање, 1619 вонредни или вкупно има 11 928 слободни места.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола во редовна квота има место за 2290 студенти, 1342 во квотата за кофинансирање, или вкупно 4275 слободни места.
На државниот универзитет во Тетово можност ќе имаат да се запишат 2890 студенти во редовна квота и 1095 со кофинансирање
На Универзитетот „Гоце Делчев во Штип во редовна квота има 4041 места, во квотата со самофинансирање 892 и 980 места за вонредни студенти.
Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид има место за 200 редовни студенти и 100 со кофинансирање./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

