Свет
Затајувачите плаќаат данок и ги кодошат соработниците

Отворени се над 100 истражни постапки против затајувачите, а веќе за наредниот месец се очекува да паднат и првите судски пресуди
Државниот јавен обвинител е задоволен од истрагата и расветлувањето на случаите во пирамидата
Отворени се над 100 истражни постапки против затајувачите, а веќе за наредниот месец се очекува да паднат и првите судски пресуди
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
“Не е точно дека спласнала работата околу големите даночни пирамиди. Напротив, голем дел од случаите се расветлуваат, а истрагата околу овој даночен криминал тече многу успешно”. Вака вчера за „Утрински весник” државниот јавен обвинител, Александар Прчевски, ги коментираше тврдењата кои сў погласно можат да се слушнат во јавноста, а се на линија дека на површина нема да испливаат конкретни резултати од овој мегаданочен скандал, кој беше објавен на големи врати пред неколку месеци. Тоа создаде впечаток дека првичниот бум полека стивнува, а јавноста никогаш нема да биде „почестена” со имињата на крупните риби кои ја изигрувале државата.
Според Прчевски, моментално Обвинителството работи на огромен број предмети од даночниот криминал. Сега во фокусот на вниманието е втората пирамидална шема, која беше објавена пред околу еден месец, а донесе 50-ина нови кривични пријави, тешки околу 17 милиони евра.
„Во Обвинителството се работи интензивно на овие предмети. Сега сме во фаза на вештачење на доказните материјали кои ги имаме на располагање против затајувачите. Имаме одлична соработка со другите државни органи надлежни за овој вид криминал”, тврди државниот јавен обвинител.
Неофицијални извори велат дека голем дел од бизнисмените кои сега се под истрага, веќе се третираат или наскоро ќе добијат третман на соработници на правдата. Тоа значи дека кога биле фатени во тесно, а со цел да ја спасат сопствената глава, на даночните затајувачи воопшто не им пречело да ги кодошат своите доскорешни компањони, оние со кои до пред неколку месеци заедно ја „краделе” државната каса. Токму тоа во голема мера ја олеснувало истрагата, односно се добивале информации за откривање нови играчи вплеткани во даночниот криминал.
Прчевски е задоволен од она што досега го сработиле државните институции. Иако не се поведени обвиненија, отворени се над 100 истраги, за кои во моментов течат истражните постапки.
Државниот јавен обвинител е оптимист дека веќе наредниот месец ќе „падне” и првата судска пресуда против некои од оние што прикривале данок.
Како успех во битката против даночниот криминал, Прчевски го наведува фактот државата досега успеала да наплати дури 90 отсто од затаените даноци, од кои средствата веќе се слеале во националната каса. Тоа значи дека речиси сите оние што биле фатени во овој скандал веднаш потрчале да си го платат данокот. Инаку, од досега објавените официјални податоци од државните органи, првата пирамида тежеше околу три милиони евра, додека втората, пак, на која се работи моментално, изнесуваше многу повеќе, односно околу 17 милиони евра.
Сепак, јавниот обвинител ни вчера не сакаше да открие барем дел од имињата што ќе одговараат за даночно затајување. Тие ќе се знаат кога ќе бидат изречени судските пресуди против сторителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вулин до фон дер Лајен: Побрзо ќе ја прифатите Турција во ЕУ отколку Србија да ја предаде Русија

Александар Вулин, кој во минатото извршуваше голем број важни функции во Србија, ги коментираше изјавите дадени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Белград.
„Очекувам Европската Унија целосно да се усогласи со политиката на Србија, вклучително и повлекување на признавањето на таканареченото Косово, како и итно повлекување на сите одлуки што го кршат Дејтонскиот договор и ги намалуваат овластувањата на Република Српска. Госпоѓо фон дер Лајен, никој не нè праша дали сакаме да се впуштиме во авантурата за приклучување кон Европската Унија, но ви гарантирам дека ќе најдеме начин да ја прашаме Србија што мисли за продолжување на авантурата. И да не заборавам, попрво вие ќе ја примите Турција во Европската Унија отколку Србија да ја предаде Русија“, рече Вулин, пренесува „Телеграф“.
Фон дер Лајен разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград. На заедничката прес-конференција таа рече дека очекува Србија „да го започне својот пат кон Европската Унија двапати побрзо“.
„Нашите позиции се јасни и вклучуваат слобода, а не репресија, вклучително и право на мирно собирање, партнерство, а не потчинување, дипломатија, а не агресија“, нагласи фон дер Лајен, оценувајќи дека „сега е вистинското време Србија да преземе чекори кон пристапување“.
„Вреди да се вложи овој напор бидејќи се приближувате до целта. Потребно е да се забрзаат реформите во владеењето на правото, електронските медиуми, изборните закони и хармонизацијата со надворешната политика на Европската Унија“, изјави таа, истакнувајќи дека овие реформи бараат упорност, трпение, учество на сите сегменти од општеството и политичкиот спектар.
Свет
ОН: Израелската армија продолжува да убива цивили

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека израелската армија продолжува да убива цивили во областите околу линиите каде што силите се прераспоредија во Газа.
Според ОН, најмалку 15 Палестинци се убиени во близина на израелските позиции во Појасот Газа.
Израелската армија сè уште контролира околу 53 проценти од територијата на Газа откако се повлече на првичните линии договорени според прекинот на огнот.
Вчера, израелската армија соопшти дека отворила оган врз неколку осомничени откако здравствените власти во Газа објавија дека најмалку шест Палестинци се убиени во два одделни инциденти.
Израелските одбранбени сили соопштија дека отвориле оган кога осомничените ја преминале линијата на повлекување и се приближиле до силите во северна Газа.
„Од суштинско значење е прекинот на огнот да се одржи и да доведе до враќање и целосно спроведување на палестинското право на самоопределување“, рече Аџит Сунгеј, раководител на канцеларијата за човекови права на ОН.
„Подеднакво е важно сите напори за реконструкција, вклучително и воспоставувањето јавен ред и цивилен живот, да бидат во согласност со меѓународното право и заштитата на човековите права на Палестинците“, додаде тој.
Министерството за здравство на Газа потврди дека ги примило телата на 45 Палестинци што Израел ги предаде на Црвениот крст вчера, со што вкупниот број на предадени тела се искачи на 90.
Фото: ЕПА
Свет
Министерот за одбрана на САД: Мирот се постигнува со сила, а не со зборови, зголемете ја помошта за Украина

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, денес ги повика сојузниците од НАТО да ги зголемат трошоците за американско оружје за Украина по извештајот што покажа нагло намалување на воената поддршка за Киев во јули и во август.
„Мирот го постигнувате кога сте силни. Не кога користите силни зборови или покажувате со прст, туку кога имате силни и реални способности што вашите противници ги почитуваат“, им рече тој на новинарите пред состанокот со колегите од НАТО во седиштето на алијансата во Брисел.
Хегсет ги замоли сојузниците да ги зголемат инвестициите во програмата PURL (Приоритетна листа на барања за Украина).
„Нашето очекување денес е повеќе земји да донираат повеќе, да купат повеќе за да ја снабдуваат Украина за да го доведат тој конфликт до мирен крај“.
Обезбедени 2 милијарди долари
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека очекува дополнителни ветувања истакнувајќи дека 2 милијарди долари веќе се обезбедени преку механизмот.
Сепак, овој износ е помал од 3,5 милијарди долари, што украинскиот претседател Володимир Зеленски се надеваше дека ќе ги обезбеди до октомври.
Шведска, Естонија и Финска ги ветија своите придонеси во средата, но земјите како Шпанија, Италија, Франција и Велика Британија се соочија со критики за нивната воздржаност.
Украина останува во голема мера зависна од американското оружје додека се подготвува за уште една зима на конфликт со Русија.
Килскиот институт за светска економија објави во вторникот дека воената помош за Украина се намалила за 43 проценти во јули и август во споредба со првата половина од годината.
Фото: принтскрин