Македонија
Инаугурација на четвртиот претседател на Македонија
Новоизбраниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов (49) во вторник на свечена седница во парламентот ќе биде инаугуриран за четврти шеф на државата
Новоизбраниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов (49) во вторник на свечена седница во парламентот ќе биде инаугуриран за четврти шеф на државата од осамостојувањето во 1991 година.
Иванов пред зградата на Собранието треба да биде пречекан од претседателот во заминување Бранко Црвенковски и од Гардата на Армијата на Македонија.
Чинот на инаугурацијата ќе почне точно напладне со интонирање на македонската химна, по што новоизбраниот претседател ќе положи заклетва и ќе го одржи првиот говор во парламентот..
На инаугурацијата на претседателот Иванов ќе присуствуваат премиерот Никола Груевски со владиниот кабинет, претставници на МАНУ,. судството и на верските заедници, дипломатскиот кор, како и странски државници
Се очекува на свечениот чин на инаугирирање да присуствуваат претседателите на Албанија, Бамир Топи, на Србија, Борис Тадиќ, на Хрватска Стипе Месиќ и на Црна Гора Филип Вујановиќ.
Нејасно е дали на инаугурацијата ќе присуствува косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, ,откако тој во неделата вечер изјави дека не добил покана, по информациите дека таква покана му била испратена од Скопје.
Некои медиуми, неофицијално, најавија дека дел од парламентарните партии на Албанците во Македонија ќе ја бојкотираат инаугурацијата на Иванов.
По свечената седница на инаугурацијата, шефот на државата во заминување и неговиот наследник, според традицијата, заедно ќе испијат претседателско кафе.
Иванов беше избран за шеф на државата на четвртите претседателски избори, со освоени околу 450,000 гласови.
Новиот претседател ќе има и нови работни простории во Вилата Анекс на Водно, во непосредна близина на резиденцијата во која престојуваа досегашните претседатели со своите семејства.
Ѓорге Иванов е роден 1960 година во Валандово каде завршил основно и средно образование. Во 1982 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје со одбрана на дисертацијата – Демократијата во поделените општества, со посебен осврт на Македонија.
Иванов е четвртиот претседател на Македонија од прогласување на независноста.
За прв претседател беше избран Киро Глигоров, кој функцијата ја извршуваше во два мандати од 1991 до 1999 година.
Меѓу двата мандати врз Глигоров беше извршен атентат во октомври 1995, што го преживеа со тешки повреди во пределот на главата.
Втор претседател на Македонија беше Борис Трајковски, кој функцијата ја извршуваше од крајот на 1999 до 26 февруари 2004 година, кога загина во авионска несреќа во Босна и Херцеговина.
Третиот претседател Бранко Црвенковски, чиј петгодишен мандат, истекува на 12 мај, се очекува да се врати на лидерското место во СДСМ, на редовниот партиски конгрес закажан за 24 мај./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

