Македонија
Бабановски: Не постои соработничко досие за Ивановски
Иван Бабановски, поранешен оперативен работник во Управата за државна безбедност, тврди дека за досегашниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, не постои досие за соработка со тајните служби.
Тврди дека за Ивановски во времето кога бил ученик во гимназијата во Струмица се водело лично досие поради неговите заложби за обединување на Македонија, што во тоа време се сметало како непријателска дејност.
„Од материјалите што се понудени пред комисијата за лустрација, апсолутно се работи за замена на тези. Се располага и врз основа на тие материјали се одлучувало така како што се одлучувало. Се располага со лично досие кое било секогаш од службите формирано врз основа на сознанија за одредена непријателска дејност на одредена личност или групација. Во целото досие на господинот Трендафил Ивановски не постои ниту еден елемент кој ќе докаже дека бил соработник на службата за државна безбедност, бидејќи не постои неговото соработничко досие“, вели Бабановски.
Тој денеска пред Управниот суд, каде Ивановски покрена тужба против решението на Комисијата за верификација на фактите за негова наводна соработничка активност со тајните служби, се појави во улога на стручен помагач. Бабановски ја образложуваше целокупната постапка за формирање на едно досие, било да се работи за лично, соработничко или пак досие за предмет. Тој објасни дека извештаите на соработникот во тоа време најчесто се доставувале писмено на конспиративни состаноци, а за неговата активност било можно соработникот да пари како награда за сработеното или како средства за покривање на оперативните трошоци. Според Бабановски, соработката со службата можела да помогне при вработување.
Ивановски, откако Комисијата за верификација на фактите донесе одлука дека тој бил соработник на тајните служби, почна постапка пред Управниот суд. Тој тврди дека неговото досие било досие на жртва, а не соработник на тајните служби. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуката за притвор за Груби останува во важност: Кривичниот суд ја одби жалбата
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, ја одби жалбата на одбраната на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба изјавена од одбраната на А.Г., недостапен за органите на прогон, против решението на судија на претходна постапка, донесе одлука со која ја одби жалбата на одбраната и го потврди решението на судија на претходна постапка“, се истакнува во соопштението од судот.
Како што е појаснето во информацијата на 17.12.2024 година Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Јавниот обвинител за определување мерка притвор против две лица, поврзани со истрагата за „Државна лотарија на РСМ“, а по добиено известие од МВР дека истите се недостапни за органите на прогон донесе решение со кое го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена која започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.
Македонија
Тошковски со студентите од Факултетот за безбедност: Вие, вашето знаење и вашите вештини ѝ потребни на Македонија
Министерот за внатрешни работи денес присуствуваше на промоција на дипломирани студенти на Факултетот за безбедност – Скопје, а претходно со преостанатиот дел од студентите го испи традиционалното академско кафе, кое се одржува секоја година со студентите и професорите на Факултетот.
Тошковски им честита на студентите што одлучиле својата животна професија и знаењата да бидат поврзани со безбедноста и ги покани да ги имплементираат во институциите што се грижат за безбедноста на Македонија.
„Би сакал да ви порачам дека сето она знаење што го имате стекнато во рамките на Факултетот за безбедност го имплементиравте токму во Македонија. Вие сте им потребни на македонските институции и на Македонија и би сакал да повикам секого од вас кој има за желба да продолжи да функционира и да ѝ го стави на располагање своето знаење на татковината во институциите што се поврзани и имаат потреба од кадри со ваков вид образование. Ќе има многу огласи во иднина во рамките на МВР и другите институции поврзани со безбедноста и ве повикувам да учествувате во рамките на сите овие огласи со цел да може да ги искористиме вашето знаење и капацитетите во рамките на институциите со цел да создаваме нормална држава со функционални институции. Заедно да се развиваме, да ја развиваме државата во европска со европски вредности какви што сите посакуваме“, им порача министерот Тошковски на студентите.
Тошковски претходно со студентите и професорите на факултетот го испи академското кафе и одговараше на сите прашања од областа на безбедноста, борбата со криминалот и корупцијата, реформите на МВР и безбедносниот систем, а кои ги интересираа студентите и професорите.
Македонија
Јаневска: Нова спортска сала за основците од Црешево
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска го поставија камен-темелникот за изградба на новата спортска сала во основното училиште „Наум Охридски“ во Црешево.
„Учениците ќе добијат модерна и опремена сала, каде ќе можат да ги одржуваат часовите по физичко и здравствено воспитување, кои се многу повеќе од правење вежби и играње кошарка или фудбал за да се добие оценка. Физичката активност е многу важна за нивното здравје, но преку вежбите и спортувањето децата учат и важни животни вештини – како да работат тимски, стекнуваат дисциплина, се учат на издржливост и развиваат чувство за заедница. Некои од нив можат да постигнат и поголеми спортски резултати – впрочем сите славни спортисти почнале од некое основно училиште“, рече Јаневска.
Нагласувајќи дека Министерство за образование и наука во соработка со локалните самоуправи е насочено кон подобрување на инфраструктурните услови за одвивање на воспитно-образовниот процес, Јаневска посочи дека во текот на владиниот мандат, со повеќе буџетски средства за образование, планирана е изградба на нови 30тина училишни спортски сали во различни општини.
Изградбата на салата во Црешево ќе чини 34 милиони денари, а средствата се обезбедени преку јавниот повик на Владата за распределба на средства за општините.
„Нам ни се важни децата, младината и ќе направиме сѐ за да може секое дете да учи и да се развива, затоа што иднината им припаѓа ним“, потенцираше Јаневска, додавајќи дека со заеднички заложби, локалната и централната власт можат да ги подобрат условите во кои се одвива наставата.