Свет
Блер -Британски избор за претседател на Европа
Поранешниот британски премиер, Тони Блер прв пат е именуван како кандидат на британската Влада за претседател на Европскиот совет
Поранешниот британски премиер, Тони Блер прв пат е именуван како кандидат на британската Влада за претседател на Европскиот совет.
Потврдувајќи дека Велика Британија го поддржува Блер, Баронесата Кинок, министерка за Европа рече дека силината на карактерот го прави идеалната личност за највисоката функција според Лисабонскиот договор.
Изборот за оваа функција, шефовите на влади од ЕУ треба да го донесат на самитот кон крајот на октомври, доколку Лисабонскиот договор помине на вториот референдум во Ирска.
„Се уште не велам дека има било каква потврда или изјава од Тони, но, тој е сигурно ставот на Владата. Сигурна сум дека не би го направиле ова, доколку претходно не го прашале“, изјави Кинок.
Според Тајмс, новата функција-улога, често скратено именувана како Претседател на Европа, треба да ги организира и претседава со состаноците на 27-лидери на ЕУ./крај/т/ег/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фајненшл Тајмс: НАТО не може да ја заштити Источна Европа
НАТО има помалку од пет отсто од капацитетите за противвоздушна одбрана потребни за заштита на Источна и Централна Европа во случај на интензивен напад, пишува Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неколку извори запознаени со доверливите одбранбени планови на алијансата, направени во 2023 година, пренесува Спутник.
„Воздушната одбрана е една од најголемите празнини што ги имаме. Тоа не можеме да го негираме“, изјави неименуван дипломат на НАТО.
„Способноста на алијансата да издржи ракетни и воздушни напади беше суштински дел од планот за одбрана на Источна Европа од инвазија“, вели друг извор.
„И сега го немаме тоа“, додаде тој.
Во написот се вели дека и на Велика Британија ѝ оди лошо во оваа област. Според „Фајненшл тајмс“, шесте разурнувачи дизајнирани за противвоздушна одбрана имаат недостатоци во дизајнот, а шесте модерни системи за воздушна одбрана „Скај Сабер“ имаат дострел од само 40 километри, а два од нив се наоѓаат во странство.
Регион
Српски медиуми: Еден од осомничените за убиството на малата Данка повеќе нема да се брани со молчење
Срѓан Јанковиќ, осомничениот за убиството на двегодишната Данка Илиќ, повеќе нема да се брани со молчење, туку реши да зборува за случајот со девојчето чиешто тело се’ уште не е пронајдено два месеци по нејзиното исчезнување, дознава „Блиц“.
Според неофицијалните информации на српскиот портал, тој размислувал дали ќе даде исказ во Вишото јавно обвинителство во Зајечар и на крајот решил да го прекине молкот.
За потсетување, двегодишното девојче од Данска исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор во Србија, а полицијата 10 дена по претресот ги уапси Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ од Бор. Се сомневаат дека девојчето го удриле со автомобил, го ставиле телото во багажникот и го однеле на депонија.
Полицијата ги приведе таткото и братот на Дејан Драгијевиќ. Таткото по два месеци излезе од притвор, а истрагата за случајот е во сенка на насилната смрт на братот на Дејан Драгијевиќ – Далибор. Имено, тој починал во притвор, а од МУП соопштија дека му се слошило. Но, според извештајот од обдукцијата, кој го објави српскиот портал „Радар“, тој наводно бил претепан во затвор.
Новинарите од порталот „Србија Данас“ ја посетија мајката на девојчето. Таа не сакаше да го коментира ослободувањето на таткото на Дејан Драгијевиќ од притвор.
„Сум слушнала различни приказни, дека е виновен и дека не е, а од полицијата немам информации“.
Рекла дека била шокирана и разочарана од приказните на нејзините соседи од Бор. Велат дека се шири лагата дека заминала во Германија.
„Не отидов никаде, тука сум. Луѓето ми се јавуваа во два часот по полноќ и ме малтретираа и ми се закануваа. Морав да го сменам бројот неколку пати“, рекла таа.
Телото на двегодишната Данка се уште не е пронајдено.
Европа
Макрон разговараше со претседателот на Палестина:„Решението за две држави не треба да се одложува“
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека систематското одложување во спроведувањето на решението за две држави за Израел и Палестина треба да заврши.
„Макрон ја потврди посветеноста на Франција да работи, со своите европски и арапски партнери, на заедничката визија за мир што нуди гаранции за безбедност на Палестинците и Израелците“, се вели во соопштението на Елисејската палата по телефонскиот разговор меѓу францускиот претседател и неговиот колега Махмуд Абас.
„Овој процес треба да ја вклучи перспективата за признавање на палестинска држава со практична структура“, се вели во соопштението.
Макрон ја истакна потребата од реформирање и зајакнување на палестинската самоуправа за да може да ги извршува своите одговорности на палестинските територии, вклучувајќи го и Појасот Газа, за доброто на палестинскиот народ, пренесува француската новинска агенција АФП. Тој повторно го осуди неодамнешниот израелски напад во Рафах во кој, според локалните власти, загинаа 45 лица.
Разговорот меѓу францускиот и палестинскиот претседател дојде откако Норвешка, Шпанија и Ирска официјално ја признаа Палестина.
Вчера и Макрон изрази наклоност за француското признавање на Палестина, но додаде дека тоа треба да се случи во вистинско време.