Свет
Обвинителството бара МВР да ги открие сите актери во случајот „Процес“
Упадот во дискотеката „Процес“ на поголема група маскирани и вооружени лица и мегаскандалот со запленувањето на армиското оружје, иако помпезно беа најавувани во јавноста, се’ уште немаат судска разрешница.
ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Упадот во дискотеката „Процес“ на поголема група маскирани и вооружени лица и мегаскандалот со запленувањето на армиското оружје, иако помпезно беа најавувани во јавноста, се’ уште немаат судска разрешница. И двата скандала се’ уште се во фаза во кривична истражна постапка и нема конкретни најави дали ќе се прошируваат на нови актери, вмешани во нив. Ставот на Обвинителството е дека се постапува согласно со законот, исклучувајќи ги притоа можностите за каква и да е нивна опструкција или забошотување. Тие од МВР бараат разоткривање на идентитетот на сите актери во упадот во дискотеката „Процес“, чии ликови јасно можеле да се видат на видеоснимките.
Претепувањето на обезбедувањето на „Процес“, за кој како единствени виновници беа посочени педесетина маскирани припадници на Единицата за брзо распоредување, се’ уште е во фаза на кривична истрага. За она што се случи кон средината на декември, кога во преполната дискотека упаднаа маскирани лица кои оставија пустош зад себе, досега се осомничени 20 припадници на ЕБР, кои доброволно се јавија пред истражните органи. Со оглед на тоа што постојат релевантни сознанија дека во дискотеката имало двојно повеќе маскирани лица, се јавува доза на сомневање дека МВР како да не сака докрај да ја истурка целата афера на виделина.
Од Основниот суд Скопје 1 каде што се води постапка за насилство, односно за бруталноста што ја манифестираа маскираните полицајци, потврдуваат дека судијата редовно постапува по предметот.
„Она што засега можам да го кажам е дека колешката која работи на овој случај постапува редовно и за овој месец е предвидено да се изврши распит на предложените сведоци и на оштетените. Точно е дека со предметот се опфатени 20 лица обвинети за насилство, но дали ќе дојде до проширување не можам да кажам, бидејќи Јавното обвинителство и натаму го претресува целиот случај“, вели Седат Реџепагиќ, раководител на Истражното одделение во Основниот суд Скопје 1. Тој вели дека засега не може да изнесува други детали за „Процес“, бидејќи кривичната истрага се’ уште не е комплетирана.
Дека бројот на доброволно пријавените полицајци не одговара со оној за кој говорат сведоците и снимките од камерите најдобро се потврдува и со дополнителните дејства на кои инсистира скопското Јавно обвинителство.
„Ние во Обвинителството ги прегледавме видеоснимките. На некои од нив се гледаат ликови и затоа побаравме од МВР да изврши дополнителни проверки, односно да го утврди нивниот точен идентитет“, вели скопскиот основен јавен обвинител Стерјо Зиков. Ставот на Обвинителството е дека се постапува согласно со законот, исклучувајќи ги притоа можностите за каква и да е опструкција или забошотување на случајот.
И мегаскандалот со запленувањето на армиското оружје е во фаза на кривична истражна постапка. Од Основниот суд Скопје 1 потврдуваат дека истрагата се одвива непречено. Оттаму и потврда дека покрај веќе осомничените, истрагата, барем засега, нема да се проширува и на други лица. Во наредниве денови ќе треба да бидат распитани предвидените сведоци, а потребно е да се реализираат и некои стручни вештачења.
Контингентот армиско оружје кое го заплени МВР, а потоа и го најави како еден од поголемите коруптивни случаи, најверојатно требаше да послужи за политичка дискредитација, бидејќи за целиот товар беа осомничени четворицата бугарски возачи на камионите во кои беа натоварени 300 парчиња митралези и исто толку постаменти, како и 33 минофрлачи. На листата на осомничени се најдоа и проценителите на оружјето, но и покрај тоа Министерството за одбрана и МВР не дадоа одговор на прашањата зошто кога веќе постоеле сомневања за организиран шверц на оружје, односно кога се знаело за пратките од мај, јуни и август минатата година, шверцот не бил спречено на време. Целата приказна поврзана со мегаскандалот заврши со неколку разрешувања во Армијата, со неколку кривични пријави, со незакажување на собраниската Комисија за одбрана и безбедност и со упорно одбивање за проблемот да се проговори на седница на Советот за безбедност. Само една недела по отворањето на двата големи скандала, кои се случија за само еден викенд, министерката Гордана Јанкуловска рече дека Министерство ги расчисти двата случаја и дека со тоа се „покажува определеноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата“. Како што стојат сега работите, случаите се’ уште не се затворени, а борбата против криминалот и корупцијата допрва претстои.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.

