Свет
Расте бројот на загинати во Италија, најмалку десет мртви

Најмалку десет лица загинале, а над стотина станбени објекти се уништени, покажуваат последните извештаи за силниот земјотрес со јачина од 6 степени по Рихтер, што во вторникот ја погоди североисточна Италија.
Епицентарот на земјотресот бил повторно во провинцијата Модена, како и пред девет дена кога земјотрес со иста јачина го погоди овој регион. Тогаш загинаа седум луѓе и беше предизвикана голема материјална штета.
Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано ја изрази својата солидарност со жителите од погодениот регион, а премиерот Марио Монти вети дека државата ќе направи сé што е во нејзина моќ за ситуацијата во погодениот регион да се врати во нормала.
Засега се знае дека две лица загинале во местото Сан Феличе сул Панаро, во близина на Модена, едно лице во местото Мирандола, исто така во провинцијата Модена.
Во Милано се евакуирани бројни станбени и деловни згради, а во Болоња луѓето излегле од нивните куќи и од своите работни места од страв да не дојде до нов земјотрес и евентуално уривање на зградите.
Земјотресот се почуствува ширум северна и централна Италија. Во Пиза канцелариите биле евакуирани од претпазливост, а луѓето истрчувале на улица од продавниците и канцелариите во Милано, Болоња и во Долината Аосте, во близина на границата со Франција.
Земјотресот силно се почувствувал во Болоња, каде биле стопирани возовите за Милано, Верона и Модена, соопштија италијанските железници.
И во Венеција завладеала паника, кога поради земјотресот се урнала една статуа којашто полесно повредила случаен минувач.
Земјотресот се почуствува и во Хрватска и Словенија, каде не предизвика материјална штета./крај/тј/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Албанија активни се 14 пожари, горат големи површини

Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу потврди дека во земјата 14 пожари се уште се активни и зафаќаат големи површини.
Во објава на социјалните мрежи, наведува дека во гаснењето на неколкуте големи пожар на југот на земјата, освен противпожарни единици, армиски, полициски сили и доброволци, вклучени се и хрватски и шведски авион „Канадер“.
Венгу додава дека се очекува пристигнување на два хеликоптери од воздухопловните сили на Обединетите Арапски Емирати, уште еден „Канадер“ од Грција и два хеликоптери од европскиот механизам од Чешка и Словачка.
Свет
Израелското преземање на Газа би предизвикало катастрофа, предупредува Советот за безбедност на ОН

Спроведувањето на израелскиот план за преземање контрола врз градот Газа на истоимената палестинска територија, каде што Израел војува речиси две години, се заканува да предизвика нова катастрофа што би се почувствувала во целиот регион, предупреди денеска високиот функционер на ОН Мирослав Јенча.
Јенча, заменик-генерален секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во врска со овој план изјави дека во Појасот Газа се одвива хуманитарна катастрофа од големи размери.
Тој рече дека преземањето контрола врз градот Газа може да предизвика нова катастрофа во целиот Појас, предизвикувајќи понатамошно присилно внатрешно раселување и убивање цивили.
Израелскиот план беше остро осуден од претставникот на Словенија во Советот за безбедност и поранешниот министер за надворешни работи, Самуел Жбогар.
Во говорот во име на Данска, Грција, Франција и Словенија, тој рече дека секој обид за анексија, проширување на воените операции и кршење на меѓународното право дополнително ќе ги изложи на опасност сите цивили во Газа, вклучувајќи ги и преостанатите Израелци, заложници на милитантното исламистичко движење Хамас.
Свет
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени е регистриран денеска во западна Турција во регионот Баликесир, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).
Земјотресот е почувствуван и во Истанбул и низ целиот регион на Мармара и Егејот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликесир.