Свет
Нови антијапонски протести во Кина
Илјадници Кинези во вторникот повторно излегоа на протести против Јапонија во неколку градови, што предизвика јапонските компании во Кина привремено да ги суспендираат своите операции во земјата.
Антијапонските протести се испровоцирани од територијалниот спор на двете земји во Источното Кинеско Море, а траеја целиот викенд, и очекувано се засилија во вторникот на денот кога Кина ја одбележува годишнината од почетокот на јапонската инвазија врез Манџурија во 1931 година.
Тензиите дополнително беа подигнати со истоварувањето на двајца јапонски активисти на спорниот архипелаг во вторникот. Кинеското министерство за надворешни работи таквиот потег го нарече „тешка провокација и нарушување на кинескиот суверенитет“, пренесува AFP.
Територијалниот спор драматично ескалираше во петокот кога Кина испрати шест извидувачки бродови до групата ненаселени острови во Источното Кинеско Море, што ги подигна тензиите меѓу двете земји на највисоко ниво од 2010 години.
Тоа беше одговор на Кина, којашто има слични територијални спорови со другите соседи, по одлуката на јапонската влада да ги откупи островите коишто Јапонија ги нарекува Сенкаку, а во Кина – Дјаојујидао, од приватниот јапонски сопственик и покрај кинеското предупредување да не го прави тоа.
Во Пекинг во вторникот повеќе од илјада демонстранти се приближиле кон амбасадата на Јапонија, којашто е обезбедувана со шест полициски кордони и метални препреки високи по два метра. Демонстрантите јапонската дипломатска мисија ја гаѓале со пластични шишиња со вода и со јајца.
„Збриштете се јапонски“, „Јапонците надвор од Дјаојујидао“, „Бојкотирајте ги јапонските производи“, беа написите на транспарентите што ги носеа демонстрантите, а, исто така, носеле и портрети на комунистичкиот лидер Мао Це Тунг, основач на Народна Република Кина.
Во Шангај повеќе од три илјади лица се собрале пред јапонскиот конзулат,а протести има и во други градови. Протесните собири имаат логистичка поддршка од кинеските државни медиуми, пренесува Reuters.
Стотици јапонски фабрики, погони, продавници и ресторани во Кина се затворени во вторникот за да ги заштитат своите вработени, сеќавајќи се на уништувањето на јапонските имоти во текот на протестите во саботата и неделата. Меѓу другите своите погони ги затворија „Honda“, „Toyota“, „Panasonic“, „Hitachi“, „Mazda“ и „Mitsubishi“.
Американскиот министер за одбрана Леон Панета кој од посетата во Јапонија во понеделникот допатува во посета на Кина, ги повика двете страни на воздржаност и зачувување на мирот.
На 10-ти септември, јапонската влада донесе официјално решение за национализирање на трите од вкупно петте спорни острови Сенкаку за кои се спори со Кина, од приватните сопственици на малиот архипелаг. Според јапонските медиуми, договорот за преземање на трите острови на архипелагот – Уоцуриџима, Китакоџима и Минамикоџима.
Пекинг претходно објави дека не го смета овој договор за валиден, потсетувајќи ја Јапонија дека островите историски и’ припаѓаат на Кина. Кинеското министерство за надворешни работи купувањето на островите од страна на јапонската влада го смета за нарушување на територијалниот суверенитет на Кина и предупреди дека доколку Јапонија не се откаже од таквата акција, би можела да се соочи со „сериозни последици“.
На крајот од август јапонската агенција Kyodo пишуваше дека јапонската влада води заткулисни игри за откуп на петте острови од приватните поседници. За државниот закуп за островите семејството Курихара, плаќаше вкупно 24 милиони јени (околу 314 илјади долари) годишно. Од април оваа година властите на јапонската престолнина Токио преговараа за купување на островите од сопствениците со пари од буџетот на округот на главниот град, што предизвика бран незадоволство кај централната влада. Според идејата за купување на островите, градоначалникот на јапонската престолнина Токио собра 1,3 милијарди јени (16 милиони долари).
На крајот од јули, централната јапонска власт, исто така, направиjа понуда за сопствениците на островите, и изразила подготвеност да се купат островите наместо тоа да го стори јапонската престолнина за 26 милиони долари. Во овој случај, државата понуди очигледно повисока цена за островите отколку токиските градски власти. Сепак, сопствениците на островите изјавија дека не може да го загубат достоинството и да ја одбијат понудата на градоначалникот на Токио кој прв ја објави подготвеноста за нивното купување.
Во меѓувреме, според извори на агенцијата, од неодамна семејството Курихара заземало малку помека позиција по ова прашање. Така, агенцијата пишува дека започнале тајни преговори со сопствениците на островите кои ги предводи заменик-генералниот секретар на јапонската влада, Хиројуки Нагахама по налог на јапонскиот премиер Јошихико Нода.
Како што пишува агенцијата, претставници на централната власт одржале неколку официјални средби со сопствениците на островите, откако претходно во август семејството Курихара одби да се сретне со претставниците на регионот Токио, изразувајќи несогласувања околу цената на трансакцијата.
Покрај ова, централната јапонска влада одговори со официјално одбивање на барањето на градоначалникот на Токио Шинтаро Исихари за посета на група експерти на островите Сенкако за кои се спорат Јапонија и Кина, коишто би спровеле топографско истражување на областа.
Од своја страна, пак, токиските градски власти соопштија дека имаат намера да спроведат истражување на области во морето, доколку не добијат дозвола да се истоварат на островите.
Петте острови Сенкаку (Дјаојујидао) претставуваат спорна територија меѓу Јапонија и Кина. Токио и Пекинг не можат да ја одредат насоката на границата меѓу ексклузивните економски зони околу островите. Јапонија инсистира на исцртување на линијата на поделба во средината на водното пространство, додека Кина бара линијата на раздвојувањето да се помести поблиску до јапонскиот брег.
Јапонија тврди дека островите се нејзина територија од 1895 година, додека во Пекинг потсетуваат дека на јапонските географски мапи од 1783 и 1785 година островите Дјаојујидао се означени како кинеска територија. По Втората светска војна островите биле под контрола на САД и ѝ биле предадени во владеење на Јапонија во 1972 година. На Тајван и во континентална Кина сметаат дека Јапонија ги поседува островите незаконски. Јапонија, од своја страна, тврди дека Кина и Тајван почнале да претендираат на островите во 1970-те години, кога станало јасно дека во оваа област има ресурси од многу минерали.
Спорот околу сопственоста на островите кулминираше во 2012 година. Во август годинава активисти до двете земји се стоварија на островите, што имаше силна поддршка и од граѓаните од двете страни. Досега конфликтот беше надминуван по дипломатски пат./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маск: САД 1.000 посто ќе банкротираат без вештачка интелигенција и роботи
Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, предупреди дека експлозијата на американскиот јавен долг може да доведе до финансиски колапс на САД доколку вештачката интелигенција и роботиката не ја трансформираат економијата, јавува „Форбс“
Во интервју за подкастерот Дваркеш Пател, Маск изјави дека без масовна примена на ВИ и роботи, САД „1000% ќе банкротираат“. Тој посочи дека јавниот долг достигнал 38,5 билиони долари, а каматите изнесуваат околу еден билион долари годишно, што веќе го надминува воениот буџет.
Маск објасни дека неговата поддршка за кратење на државната потрошувачка, додека го водел Одделот за ефикасност на владата (DOGE), имала цел да се забави „неодржливата фискална траекторија“ и да се добие време додека новите технологии го поттикнат економскиот раст.
Тој предупреди дека масовната автоматизација може да доведе и до силна дефлација, бидејќи производството на добра и услуги би растело побрзо од паричната маса.
Сепак, експертите посочуваат дека САД имаат предности – доларот е светска резервна валута, а Министерството за финансии може да се задолжува по релативно ниски каматни стапки. Комитетот за одговорен федерален буџет предупреди дека, иако е невозможно да се предвиди точен момент, некаква фискална криза е речиси неизбежна доколку не се промени насоката на фискалната политика.
Свет
Соработничката на Епстин бара помилување од Трамп за да сведочи пред Конгресот
Партнерката на американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, Гилен Максвел, е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доколку ѝ биде одобрено помилување или намалување на казната од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот адвокат, Дејвид Маркус.
Претходно, Максвел одби да сведочи, повикувајќи се на уставното право да молчи и одбивајќи да одговара на прашањата на членовите на комитетот.
„Ако овој комитет и американската јавност навистина сакаат да ја слушнат нефилтрираната вистина за тоа што се случило, постои едноставен пат. Госпоѓа Максвел е подготвена да зборува целосно и искрено ако претседателот Трамп ѝ одобри помилување“, напиша Маркус на социјалната мрежа Икс.
Како причина за одбивањето да сведочи, одбраната наведе дека е во тек постапка за преиспитување на законитоста на пресудата, тврдејќи дека осудителната пресуда се темели на „фундаментално неправедно судење“.
Во соопштението се наведува и дека дел од поротниците за време на изборот на поротата дале неточни изјави за да бидат избрани, како и дека администрацијата наводно ветила имунитет, кој потоа бил прекршен – нешто што, според адвокатот, го потврдуваат новообјавените документи.
„Само таа може да даде целосен приказ на настаните. Вистината е важна, дури и ако на некого не му се допаѓа“, наведува Маркус, додавајќи дека ниту Трамп ниту поранешниот претседател Бил Клинтон „не учествувале во никакви незаконски дејствија“ и дека Максвел може да објасни зошто.
Претседавачот на Комитетот за надзор, републиканецот Џејмс Комер, ја оцени одлуката на Максвел да се повика на правото на молчење како „многу разочарувачка“, истакнувајќи дека пратениците имале бројни прашања за кривичните дела и можните соучесници.
Демократите во комитетот ја обвинија Максвел дека се обидува да „купи помилување“ со одбивањето да сведочи.
Според Си-Ен-Ен, Трамп досега не ја исклучил можноста да ѝ одобри помилување или намалување на казната.
Трамп и Клинтон, чии имиња се појавуваат во документите објавени од американското Министерство за правда, негираа било каква вмешаност во незаконски активности поврзани со Епстин.
Гилен Максвел во 2021 година беше прогласена за виновна за улогата во сексуалното злоупотребување малолетнички организирано од Епстин и беше осудена на 20 години затвор.
Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.
Регион
(Видео) Шест лица пронајдени мртви во Бугарија, истрагата ја разгледува и можноста за култ
Бугарските власти истражуваат смрт на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, откако на почетокот на февруари беа пронајдени три тела во колиба во Петрохан, а неколку дена подоцна уште три во кампер во близина на врвот Околчица.
На брифинг во Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, полицијата соопшти дека според досегашните податоци, тројцата мажи – Ивајло Иванов, Дечо Василев и Пламен Статев – ја запалиле колибата во Петрохан, по што извршиле самоубиство.
До нивните тела биле пронајдени два пиштола и една пушка. Форензичките анализи покажале дека на оружјето има само ДНК од починатите лица. Прострелните рани биле нанесени од непосредна близина, а според судско-медицинските вештачења, повредите биле во домет на сопствената рака.
Полицијата прикажа и три видеоснимки од 1 февруари. На првата се гледа разделба меѓу шестмината, на втората се слушаат зборови на простување, а на третата се прикажува моментот на палење на колибата.
Во одделен случај, на 8 февруари, во кампер во близина на Околчица беа пронајдени телата на Ивајло Калушев, Николај Златков и 15-годишно момче. Во возилото биле пронајдени револвер и пиштол, а според полицијата, на телата немало знаци на борба.
Обвинителството соопшти дека двете главни верзии што се разгледуваат се убиство со последователно самоубиство или самоубиство.
Досега се нарачани 18 форензички вештачења, сослушани се 15 сведоци, а анализирани се и електронски уреди и видеоснимки. Истражителите ја следеле и патеката на камперот преку безбедносни камери во повеќе населени места.
Според полицијата, во колибата се практикувале духовни активности, вклучително и тибетски будизам, а се разгледува и можноста случајот да има карактеристики на затворена заедница или култ.
Истрагата продолжува.

