Свет
Растат тензиите во Бангкок
Тајландските сили за безбедност во петокот стрелаа со солзавец и гумени куршуми врз антивладините демонстранти, по ноќта исполнета со нереди, во кои загина едно лице, а најмалку 11 се повредени , јавува агенцијата Reuters
Меѓу ранетите е и еден странски новинар, но за сега никој не соопштува детали. Демонстрантите се обидуваат да ги спречат војниците да ги заземат раскрсниците и со тоа да го запечатат елитниот трговско-деловен округ во центарот на Бангкок, кој веќе два месеца служи како утврдено табор на демонстрантите, наречени „црвени кошули“. Тие запалија еден автобус и повеќе автомобилски гуми додека се повлекуваа пред војската, која ја презема контролата врз клучната раскрсница која води до домот на амбасадорот на САД и до уште неколку амбасади, кои се затворени и евакуирани.Во текот на ноќта еден демонстрант беше погоден во окото и починал на самото место. Во петокот изутрина и пребегнатиот генерал на тајландската армија, сега задолжен за безбедноста на „црвените кошули“, Катија Савасдипол, познат како „командант Црвен“, бил погоден од снајпер во главата, додека разговарал со група новинари. Тој го преживеал нападот и заздравува. Судирите започнаа откако во средата дефинитивно пропаднаа обидите за компромис помеѓу актуелниот премиер Абхасит Веџаџива, кој понуди оставка во септември и избори во ноември годинава и „црвените кошули“, кои бараат тој веднаш да си замине. „Ја стегаат јамката околу нас, но ние ќе се бориме до смрт, браќа и сестри“, и’ се обрати на толпата од околу 10.000 демонстранти еден од нивните лидери, Натавут Саикуа. И покрај постојаните предупредувања, силите за безбедност мораат со сила да ја запечатат областа, што предизвика полемики во јавноста дали армијата ќе успее наскоро да ги разбие демонстрантите и колку жртви ќе предизвика судирот. Од 12 март, кога започнаа демонстрациите и најлошата политичка криза во земјата во последните 18 години, до сега загинаа 30 луѓе, а преку 1.400 се повредени. Двомесечните протести и нанесоа огромна штета на тајландската економија, втора по големина во регионот и која на почетокот на годинава се сметаше за најинтересна дестинација за инвеститорите. Најголема штета претрпе туристичката индустрија. „Дури и да успеат да ги разбијат демонстрантите, тоа нема да ја сопре поларизацијата која доведе до сегашната нестабилност. Притисокот од страна на „црвените кошули“ ќе продолжи и политичките насилства ќе останат главен проблем на Тајланд во блиска иднина“ сметаат од фирмата за консултации за политчки ризици „Јуроејжа Груп“ од Банкок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бундесбанк: Германската финансиска стабилност е во опасност
Германската централна банка е загрижена за зголемувањето на нивото на долг во Европа и заканата што произлегува од тоа за германската финансиска стабилност.
Високите коефициенти на јавен долг и БДП во Европа, со тренд на зголемување, претставуваат ризик, смета Бундесбанк, додавајќи дека повисоките јавни трошоци и товарот на каматата ја поткопуваат одржливоста на долгот на поединечните земји.
„Германскиот финансиски систем е длабоко интегриран во европскиот, а со оглед на клучната врска помеѓу државата и банките, ова би можело да претставува значителен ризик за неговата стабилност“, објаснува членот на извршниот одбор на Бундесбанк, Михаел Теурер.
„Германските фискални регулативи неодамна беа изменети и не гарантираат долгорочна одржливост или усогласеност со фискалните регулативи на ЕУ, што може да бара прилагодувања на фискалната политика на среден рок“, додаде претставникот на Бундесбанк.
Меѓу ризиците, централната банка го издвои и ризикот за квалитетот на портфолијата на германските банки во претерано неизвесна средина.
Обемот на нефункционални кредити расте веќе некое време, главно поради проблеми во секторот за комерцијални недвижности. Банките сè повеќе мора да прават прилагодувања на вредноста на нивните кредитни портфолија, иако велат дека неотплатените кредитни обврски сè уште се „во рамките на управлива рамка“.
Проценката на Бундесбанк за влошување на макрофинансиското опкружување оваа година е поткрепена и од трговската и од економската неизвесност и од постојаните геополитички тензии.
Свет
Шефот на ОН ги критикува светските лидери: Милијарди се трошат за заведување на јавноста за климата
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги критикуваше светските лидери за нивниот неуспех да го ограничат затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови.
Научниците потврдија дека светот ќе ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови околу 2030 година, што би можело да доведе до неповратни последици.
„Премногу корпорации остваруваат рекордни профити од климатското уништување, додека милијарди се трошат за лобирање, заведување на јавноста и попречување на напредокот“, рече Гутереш во својот говор.
„Премногу лидери остануваат заробеници на овие лични интереси.“
Земјите низ целиот свет трошат околу 1 трилион долари секоја година за фосилни горива. Лидерите имаат два јасни избори, рече Гутереш: „Можеме да избереме да водиме или да бидеме водени во пропаст.“
Конференцијата COP30 одбележува три децении разговори за глобалната клима. Во тој период, земјите делумно ги намалија проектираните зголемувања на емисиите, но не доволно за да го спречат она што научниците го нарекуваат екстремно глобално затоплување во следните неколку децении.
Светската метеоролошка организација (WMO) во извештајот наведува дека оваа година веројатно ќе биде втора или трета најтопла година досега, со просечни температури во август, по рекордните топлотни бранови во 2023 и 2024 година, 1,42 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
Свет
Руски војник осуден на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник
Украински суд денес осуди руски војник на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник, прв таков случај од почетокот на руската инвазија на Украина.
Суд во југоисточниот град Запорожје го прогласи Дмитриј Курашов (27) за виновен за убиството на Виталиј Ходниук, украински војник кој се предаде на руските сили во јануари 2024 година.
Курашов, кој беше заробен од украинските сили заедно со други руски војници кратко по инцидентот, се изјасни за виновен на суд, иако подоцна им рече на новинарите дека е невин и сака да биде вклучен во размена на заробеници.
Неговата казна има симболично значење за Украина, која вели дека руските сили егзекутирале голем број украински воени заробеници, но осомничените обично се надвор од дофатот на украинската правда. Русија негира дека нејзините војници вршат воени злосторства.
Нападот во кој е убиен Ходниук се случил на 6 јануари 2024 година. Според обвинителите и сведоците, Ходниук се предал невооружен, клекнал, а Курашов го застрелал со митралез. Курашов тврди дека истрелите биле испукани од воен лекар по име „Седој“, кој подоцна починал. Рускиот напад бил краток.
фото: принтскрин

