Македонија
Институтот за судска медицина доби најсовремен апарат
Лабораторијата за скрининг и психоактивни супстанци на Институтот за судска медицина доби најсовремен апарат кој анализите ги врши електронски – на чипови.
Лабораторијата за скрининг и психоактивни супстанци на Институтот за судска медицина доби најсовремен апарат кој анализите ги врши електронски – на чипови.
„Тоа е многу моќен апарат и може да се користи во различни сфери во медицината. Кај нас ќе се користи во сферата на токсикологијата, форензичната, клиничката и ако успееме да се договориме со инспекциските служби, во еколошката. Овој апарат е во апсолутна корелација со апаратурата којашто допрва треба да доаѓа, која што е многу прецизна и скапа и ќе овозможи овој Институт да си го врати приматот и во сферата на токсикологијата во регионот“, рече денеска директорот на Институтот, Алексеј Дума.
Тој додаде дека тендерот за набавка на чипови е завршен и очекува до крајот на идната недела да бидат испорачани. Инаку, како што кажа тој, инсталираниот апарат е веќе во функција со комплет чипови кои ги добиле од производителот.
Како што кажа министерот за образование, Панче Кралев кој денеска го посети Институтот, заедно со премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров, вредноста на оваа лабораторија е над осум милиони денари, а предвидено е опремување на уште 29 лаборатории за медицинските науки.
Инсталирањето на апаратот е дел од владиниот проект за опремување на лаборатории на високообразовните институции.
Поранешниот министер за образование, а сега за здравство Тодоров, во првите денови од своето министерување рече дека на секторот здравство му пристапува од една друга позиција, со друг начин на функционирање.
„Јас не сум доктор и од мене нема да може да очекувате да давам изјави коишто се поврзани со било какви дијагнози или нешто што е причина за ваков или таков лош или добар болнички третман. Она што вака во прв момент го поставувам како приоритет ќе биде квалитетот на услугите, особено мислам на задоволството на пациентите. Тоа е нешто што мора да направиме да функционира одлично, втора работа треба да биде опремата кој што е главен зафат и огромно подобрување во целата здравствена инфраструктура и нејзино користење што треба да придонесе за подобро и поквалитетно здравство и трета приоритетна работа е реконструкцијата на сите здравствени установи“, рече Тодоров./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

