Македонија
Претседателски и локални избори во Македонија
Претседателски и локални избори се одржуваат денеска во Македонија, кои се оценуваат како поправен демократски тест за земјата
Претседателски и локални избори се одржуваат денеска во Македонија, кои се оценуваат како поправен демократски тест за земјата по минатогодишните бројни изборни нерегуларности и насилства.
Избирачките места се отворени од 07,00 до 19,00 часот, а право да избираат нов шеф на државата и нови структури на локалната власт имаат 1.792.082 избирачи.
На овие четврти претседателски избори од осамостојување на Македонија, гласачите можат да избираат меѓу еден од седумте кандидати – Имер Селмани од Нова демократија, Мируше Хоџа од ДПА, Нано Ружин од ЛДП, Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, независниот кандидат Љубе Бошкоски, Агрон Буџаку од ДУИ и Љубомир Фрчкоски од СДСМ.
Претседателските избори за прв пат се одржуваат според новите изборни правила.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на 22 март ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи.
Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. Досега цензусот беше 50 отсто.
За локалната власт во 84 општини и во Градот Скопје има 365 кандидати за градоначалници и околу 700 листи со кандидати за членови на општинските совети
Во Скопје ќе се гласа на пет гласачки ливчиња, за кои ќе има пет кутии, а во другите општини на три гласачки ливчиња.
Претседателските и локалните избори ќе ги следат досега најголем број набљудувачи. Од акредитираните 6.981 домашни набљудувачи, најголем број се од Граѓанската асоцијација МОСТ – 4.520, а од 550 странски, најмногу се од ОБСЕ/ОДИХР – 297.
За следење на изборите акредитирани се околу 30 странски новинари.
Државната изборна комисија (ДИК) податоците за текот на одзивот ќе ги соопшти на прес конференции, во 11,00, 14,00 и во 18,00 часот.
Првите изборни резултати можат да се очекуваат до полноќ, а конечните ДИК треба да ги соопшти 24 часа по затворањето на избирачките места.
Изборите се одржуваат под засилени мерки за безбедност со цел да не се повторат нерегуларностите и насилството од минатогодишните парламентарни избори.
Претставниците на меѓународната заедница изминатиов период укажуваа дека одржувањето мирни и демократски избори се меѓу клучните услови од кои зависи евроатланската иднина на Македонија./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: 3 милиони евра спорна документација во Лотарија оставиле Бајрами и Груби, СДС за ден повеќе власт немо одобрувале
СДС и ДУИ своето владеење го покажаа со раководењето на Државна Лотарија каде што Бајрами и Груби ја испокрадоа институцијата и избегаа. Додека едните крадеа, другите мижеа, и обратно. А некогаш и двете структури крадеа заедно, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Таков е и случајот со Лотарија, каде што Бајрами и Груби ја приватизирале институцијата и правеле што сакале, а СДС за да не ја распадне коалицијата, молчеле.
Во последниот извештај на ДЗР, утврдено е дека се исплаќале аванси за “мали добивки” на деловни соработници вредни 14 милиони денари, од кои, за 13 милиони денари документацијата била неуредна или невалидна.
Понатаму, ДЗР утврдил и спорна документација за 36 милиони денари готовински одливи и 7 милиони денари приливи. И за ова, во извештајот се вели дека има изјави дека за тие износи не се примени ниту вратени аванси.
Дополнително, ДЗР преку увид во трговските книги и анализи на податоци од централниот онлајн систем и платформата за интернет игри, утврдила дека се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции во износ од 123 милиони денари“.
Над 180 милиони денари или близу 3 милиони евра спорна, според Петрушевски, невалидна или неуредна документација оставиле Бајрами и Груби во Лотарија, а СДС, како што вели, молчеле и немо го одобрувале овој криминал за да не паднат од власт.
Затоа, додава тој, СДС и ДУИ се минато на политичката сцена и потребни се реформи. „Криминалците мора да одговараат“.
Македонија
(Видео) СДСМ поднесе иницијатива во Уставниот суд против Резолуцијата за мигрантите
Уставниот суд да ја поништи неуставната Резолуцијата и да го заштити Уставот и слободата на говор, побараа повторно од СДСМ.
„Кога Уставниот поредок и основните човекови права се загрозени, потребна е заедничка акција. Денеска СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против неуставната Резолуција на ДПМНЕ-ЗНАМ усвоена во Собранието. Конкретно, за повреда на дел 1 од Уставот, членот 16, кој ги гарантира: слободата на говорот, слободата на јавниот настап, слободата на уверувањето и јавното изразување. И коj забранува цензура во секаква форма“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Како што кажа тој, неуставната Резолуција е директен напад на слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата во целост, преку цензура.
„За која тема од исклучителен јавен интерес? Граѓаните тоа многу добро го знаат, за еден договор со Британија за кој јавноста дозна од британските медиуми, поврзан и со заем од 6 милијарди евра. Оваа тема никако не може да се третира како создавање паника и како закана за јавната стабилност. Не може Резолуција во Собрание да биде против „наративот на опозицијата“ и да се заканува повикувајќи се на кривичен законик, прекршоци и кривични пријави заради искажан збор“, рече Димитријевиќ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Тренчевска, новото лице на Филипче, стариот кадар на Заев
Претседателот во сенка Заев, му ги напиша и состави новите членови на раководството на неговиот чувар на фотелјата Филипче, кој без двоумење ги изгласа со две раце. Едно од така наречените нови лица е Јована Тренчевска, кадар на Заев од Струмица, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Подемите во политичката кариера Тренчевска ги добива токму од Зоран Заев. Таа станува државен секретар во Министерството за труд и социјална политика токму во времето кога Зоран Заев е премиер. Потоа станува и директор во неговата влада на Инспекторатот за труд, како и министер за труд и социјална политика, секако неуспешен.
Јована Тренчевска, граѓаните ја паметат по рекордните зголемувања на пензиите од 180 денари годишно. Јавноста ја памети Тренчевска по тоа што на работа го врати Александар Филев – трговец со дрога во Радовиш како директор на социјалното. Пензионерите ја паметат кога им велеше дека супер им било да живеат со 25.000 денари месечни примања, кога инфлацијата беше вивната до небото. Синдикалците ја паметат по тоа што местеше претседатели на синдикатите, по насока на нејзиниот лидер. Ја паметат и по кочењето на 16 согласности за воспитувачки и негувателки како и 10 согласности за помошно технички персонал во градинките во Бутел и во Куманово“.
Тренчевска минатата година по изборниот пораз на парламентарните избор, додава Манасиевски, си даде оставка од претседател на форумот на жени, каде што рече дека местото го остава на нови, поквалитетни и лица неизвалкани од минатото.
„Тренчевска изгледа има заборавено на ова што го има кажано, и по само една година за да му удоволи на Заев, стана потпретседател на Филипче.
Со ваквите кадри СДС тоне и оди во стечај. Народот не им верува“.

