Македонија
Тарчуловски префрлен во германски затвор

Остатокот од 12-годишната затворска казна, Јохан Тарчуловски, кој е единствениот македонски осуденик за воени злосторства од воениот конфликт во 2001-та, ќе ја отслужи во Диез, близу германскиот град Келн
Јохан Тарчуловски утрово е префрлен во германскиот затвор.Информацијата за Макфакс ја потврдија извори блиски до Тарчуловски.Хашкиот трибунал го прогласи Тарчуловски за виновен во јули 2008 година, затоа што командувал и ја планирал полициската акција во селото Љуботен, кога беа убиени тројца цивили етнички Албанци. Трибуналот го прогласи за виновен и за сурово постапување, како и за уништување на куќите и имотот на уште 13 етнички Албанци во истата полициска акција. Во мај 2010 година Трибуналот ги потврди вината и затворската казна на Тарчуловски. Јохан Тарчуловски беше екстрадиран во Хаг во март 2005 година по барање на Трибуналот.По шестгодишниот притвор во Шевенинген, Тарчуловски остатокот од казната ќе го отслужува во Германија.Тој може да бара помилување откако ќе одлежи две третини од казната, односно најрано за три години. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Истрага за убиството во Штип: 21-годишникот купил пиштол во Скопје и со умисла лишил од живот едно лице

Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 5 лица, од кои првоосомничениот како директен извршител на кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик. Останатите четворица се осомничени за – Помагање на сторителот по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Сите осомничени се турски државјани, од кои тројца имале пријавено престојувалиште во Штип, додека извршителот на убиството и еден од помагачите биле без пријавен престој во државава.
Постои осовано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број.
Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип.
Преку мобилни апликации се договориле со жртвата да се сретнат за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив. Но, по 15-минутен разговор во угостителскиот објект, осомничениот влегол во тоалетот и веднаш излегол, па на вратата која го дели отворениот од затворениот дел од кафулето го извадил пиштолот и испукал неколку куршуми во правец на оштетениот, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои подоцна починал.
Истата вечер, останатите четворица осомничени – тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое е запретена казна доживотен затвор.
На точно неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил БМВ со кој управувала осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје. Кај наплатната станица Миладиновци на автопатот Штип-Скопје биле пресретнати и запрени од полициска патрола и се дале во бегство, но биле уапсени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне со појава на нестабилност и краткотраен пороен дожд

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Попладне ќе има локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 24 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Во недела и во понеделник наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.