Македонија
Македонија се понуди да биде домаќин на состанок на Северно-атланскиот совет
Министерот за одбрана Фатмир Бесими во понеделникот во Брисел се сретна со заменикот-генерален секретар на НАТО, Александер Вершбоу, како и помошникот генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици, Габор Иклоди.
Во рамките на високите средби во НАТО, министерот Бесими ја потврди континуираната подготвеност за дијалог и соработка со НАТО, потврдувајќи ја на тој начин цврстата стратегиска определба на Македонија за членство во НАТО.
Од страна на високите претставници на НАТО беше поздравен досегашниот придонес на Македонија во меѓународни мировни операции со акцент на изкажаната подготвеност за придонес за поддршка на Авганистан по 2014 година. Исто така, го поздравија достигнувањата во реформскиот процес во одбраната, потенцирајќи го интересот на НАТО за што поскоро надминување на спорот со името и зачленување на Македонија во Алијансата.
Во Брисел се разговараше за можноста Република Македонија да биде домаќин на состанок на Северно-атлантскиот совет во 2013 година.
Инаку Република Македонија официјално го заврши 13-тиот циклус на Акциониот план за членство (МАП). Напредокот и реформите во одбраната на Македонија се позитивно оценети од страна на НАТО.
Во согласност со националните интереси на Македонија, стратешката посветеност и цели, и со цел да се заштити и унапреди мирот и стабилноста во светот и во регионот, активно придонесува во три меѓународни операции предводени од НАТО, ООН и ЕУ со 3 отсто од вооружените сили.
„Ќе продолжиме со нашиот придонес во пост-ИСАФ периодот во Авганистан по 2014 година, во согласност со одлуките на НАТО за потребните операции врз основа на нашите капацитети“, истакна министерот Бесими.
Во врска со имплементација на реформите во одбраната министерот Бесими информираше дека целта е да се постигне 50 отсто распоредливост и интероперативност на силите за цел спектар на мисии и операции предводени од НАТО. Воедно беше потврдено дека одржување на 90 отсто од кадровското екипирање на вооружените сили ќе се остварува исклучиво преку професионалниот состав на АРМ, односно нејзината професионализација од која нема да се отстапи.
Македонија цврсто стои до ставот за задржување целосно професионална армија, е пораката што ја пренесе министерот Бесими во седиштето на НАТО.
Во последната деценија, во согласност со законските барања врз основа на Охридскиот рамковен договор, етничката структура на армијата е подобрена, беше речено во разговорите во НАТО.
Воедно е поднесена и информацијата дека Министерството за одбрана ја усвои Програмата за етнички правична застапеност во АРМ со цел во наредните пет години да се подобри етничката структура на АРМ за истата да ја рефлектира структурата на населението во Република Македонија. Етничката правична застапеност како вредност на Охридскиот рамковен договор што го зајакнува единството на земјата треба дополнително да се унапреди како во квантитет преку зголемување на бројот така и во квалитет преку зголемување на учеството на командните позиции е заеднички заклучок од средбите во Брисел.
Во согласност со идејата за паметна одбрана, Македонија на средбите во седиштето на НАТО во Брисел во разговорите со вториот човек на НАТО и преставниците на САД и Турција ги нуди следниве ресурси како регионални и НАТО здружени капацитети: Регионалниот тренинг центар за комуникации (РТЦК) веќе стана ПзМ Центар; Полигонот за обука Криволак за борбени вежби; Медицинскиот центар за обука и Воената академија. Во 2013 година се вршат подготовки за формирање на Регионален мировен центар во Република Македонија за што е неопходна поддршка од Програмата за мировни науки и безбедност или други НАТО програми.
Македонија како претседавач на Иницијативата на Јадранската повелба во периодот јануари – јули 2013 година, преку министерот Бесими ја истакнува генерална заложба и поддршка на реализацијата на сите иницијативи во НАТО рамки (паметна одбрана, сајбер одбрана, декларирани сили итн.) и избегнување на удвојувања и зголемување на ефикасноста на регионалните иницијативи преку проектите за паметна одбрана.
Се планира во текот на 2013 година да се отпочне регионална обука во врска сајбер одбрана со што уште еднаш ќе се потврди лидерството на Република Македонија и од нејзина страна имплементација на новиот концепт на НАТО.
Првиот човек на Министерството за одбрана на Македонија во Брисел воедно имаше одвоени средби и со амбасадорот на САД во НАТО Иво Далдер и амбасадорот на Република Турција во НАТО Хајдер Берк. Во рамките на овие средби Бесими изрази подготвеност за интензивирање на билатералната соработка со двете пријателски земји, со цел што поскоро зачленување на РМ во НАТО и придонес кон стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко. Беше договорена и динамика на активности со Турција која е контакт амбасада на НАТО за Македонија за периодот 2013-2014 година.
Во попладневните часови Бесими ќе оствари официјална средба со Врховниот Командант на Сојузничките Сили – Европа, адмиралот Џејмс Ставридис. Клучна тема на средбата ќе биде пост – 2014 Авганистан, плановите на Алијансата по завршувањето на ИСАФ мисијата, како и планираниот придонес на Македонија во поддршка на понатамошна демократизација на авганистанското општество. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Демант на Министерството за социјална политика, демографија и млади во врска со ЈУМЦСР Тетово
Министерството за социјална политика, демографија и млади најостро ги демантира наводите изнесени во јавноста за наводно непостапување по случајот во ЈУМЦСР Тетово.
„Ваквите обвинувања се целосно неосновани, неточни и спротивни на фактите.
Инспекторите од Инспекциската служба при Министерството за социјална политика, демографија и млади редовно вршат инспекциски надзори од сите видови (редовни, вонредни и контролни) во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, како субјект на инспекциски надзор.
Во рамки на овие надзори, меѓу другото, континуирано се врши инспекциски надзор над постапките за остварување на правата од парични давања, и тоа: правото на гарантирана минимална помош, правото на социјална сигурност за старите лица и правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.
Во спроведените инспекциски надзори (редовни, вонредни и контролни) континуирано се изрекуваат соодветни инспекциски мерки со цел отстранување на констатираните неправилности. По исцрпување на инспекциските мерки, согласно законските одредби, се преземаат мерки за утврдување одговорност и поведување соодветни постапки против сторителите на утврдените повреди, вклучително и поднесување соодветни пријави до надлежните органи. Притоа, поголем дел од кривичните постапки што се водат пред Јавното обвинителство се иницирани од инспекторите од Инспекциската служба при Министерството, самостојно или во соработка со Јавното обвинителство.
Во однос на постапките за остварување на наведените права од социјална заштита, инспекторите за социјална заштита од Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштитата на децата, во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, во текот на 2024 година спроведоа два (2) вонредни инспекциски надзори по поднесени иницијативи од граѓани и шест (6) контролни надзори за следење на спроведувањето на инспекциските мерки изречени со решенија од 2023 година, при што беа утврдени неправилности во 76 предмети. Во 2024 година беа донесени и решенија со кои се изречени инспекциски мерки за уште седум (7) предмети.
Во текот на 2025 година е спроведен еден (1) редовен инспекциски надзор со утврдени неправилности во шест (6) предмети, еден (1) вонреден надзор со утврдени неправилности во пет (5) предмети, како и шест (6) контролни надзори со кои е вршен надзор над спроведувањето на инспекциските мерки изречени со решенија донесени во 2024 и 2025 година.
Во рамки на сите спроведени инспекциски надзори утврдени се неправилности во вкупно 94 предмети. Согласно спроведените контролни надзори, констатираните неправилности се отстранети во 88 предмети, по што инспекциската постапка е запрена. Исклучок претставува еден надзор спроведен во 2025 година, во кој се утврдени неправилности во шест (6) предмети, за кои контролниот надзор ќе се спроведе по истекот на рокот утврден за спроведување на инспекциските мерки.
Важно е да се напомене дека во случаи кога инспекторите ќе констатираат неоснована исплата на средства, ги известуваат/задолжуваат надлежните институции, да постапат согласно законските прописи, како и да се преземат мерки за утврдување индивидуална одговорност и поведување соодветни дисциплински, прекршочни или кривични постапки против одговорните лица, во согласност со важечката законска регулатива“, се вели во демантот.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.

