Регион
За турскиот премиер Ердоган курдскиот прекин на огнот е „позитивна работа"
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го поздрави како „позитивен настан” прекинот на огнот кој во четвртокот го објави Абдуах Оџалан, затворениот историски лидер на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), но додаде и дека е важно да се видат применувањата на таа одлука.
„Јас тој повик го сметам позитивен. Но, секако, важно е да се примени таа одлука. Важно ќе биде како тоа ќе се применува”, изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за медиумите во текот на неговата посета на Холандија.
„Сакам да видам како ќе ја дочекаат објавата на Оџалан, и тоа што поскоро. Секако, од моментот кога ќе биде применета, атмосферата во Турција ќе се промени. ЈАс во тоа верувам”, изјави Ердоган.
Според него, доколку бунтовниците од Работничката партија на Курдистан (PKK) се повлечат од територијата на Турција во нивните бази во северен Ирак, како што бараше Оџалан, тогаш нема да има потреба од операции на турската армија против нив и таквите акции ќе престанат.
Абдула Оџалан, затворениот историски лидер на забранетата во Турција Работничка партија на Курдистан (PKK), како што се очекуваше им нареди на своите соборци во четвртокот (21-ви март) прекин на огнот да се повлечат од турската територија во нивните бази во планините на северен Ирак, како потег кој произлегува од договорите со турските власти за прекин на речиси тридецениските судири во кои животите ги загубија околу 40 илјади луѓе.
Неколку стотици илјади луѓе се собраа во Дијарбекир по повод Новруз, курдската Нова година, и за да го сослушаат повикот на Абдула Оџалан за прекин на огнот што го прочитал еден курдски активист.
Челникот на курдската Партија на мирот и демократијата Салахатин Демиртас, пратеник во парламентот на Турција, во понеделникот го посети Абдулах Оџалан во затворот на островот Имрали, а по средбата ја пренесе неговата порака која гласи „Сакаме што поскоро да го решиме проблемот на оружјето, повеќе да не се губи време ниту животи”. Оџалан со тоа ја побара поддршката на парламентот и политичките партии за да се постигне траен мир.
„Соопштението коешто го подготвувам ќе претставува историски повик. Ќе содржи задоволувачки информации за воената и политичката димензија на решението”, најави Оџалан.
Абдулах Оџалан затворениот челник на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) во затворот на острови Имрали во Мраморното Море јужно од Истанбул, се наоѓа во изолација откако беше уапсен и грабнат од припадниците на турските тајни служби во Кенија во февруари 1999 година. Во јуни истата година, тој беше осуден на смрт за тероризам и предавство и затворен на островот Имрали во Мраморно Море. Казната подоцна под притисок на меѓународната заедница беше заменета со доживотен затвор без право на помилување.
Меѓутоа, Оџалан од октомври 2012 година води преговори чијашто цел е ставање крај на 28-годишните судири меѓу турските безбедносни сили и курдските бунтовници во кои загинаа повеќе од 40 илјади луѓе.
„Нека стивне оружјето и нека завладее политиката, Дојдовме до фазата кога нашите вооружени сили треба да се повлечат… Тоа не е крај. Тоа е почеток на новиот период”, прочитал курдскиот политичар.
Засега нема реакции од страна на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Кој според турските медиуми се изложувал на големи ризици откако беше избран првпат во 2002 година, обидувајќи се да ги надвладее табуата вкоренети во конзервативниот естаблишмент проширувајќи ги за Курдите културните и јазичните права. Пред две години тој ги поддржал тајните преговори со PKK во Осло.
Работничката партија на Курдистан, која Турција , САД и Европската унија ја сметаат терористичка организација, ја започна својата борба во 1984 година барајќи независна курдска држава во југоисточна Турција.
Меѓутоа, последните години и нејзините ставови станаа поумерени и бара политичка автономија и пошироки културни во областите во кои курдскиот јазик и формално долги години е забранет.
Официјална Анкара во октомври 2012 година ги започна преговорите со Оџалан поради надминување на судирите, бидејќи летото беше одбележано со масовни апсења на курдски активисти и засилени герилски акции на припадниците на PKK.
„Настаните стратешки се променети. Курдското ослободително движење преминува од вооружена борба во културна и PKK тоа го прифаќа”, Ертуѓрул Кукру, пратеник во турскиот парламент од прокурдската партија BDP.
Турските аналитичари велат дека Оџалан очигледно го задржал својот авторитет над своите борци во Турција и во планините на северен Ирак каде се очекува сега да се соберат. Меѓутоа, и натаму постои опасност од поделба во поглед на одредбите од некој иден евентуален договор.
Турската власт очекува дека постигнувањето договор со курдските бунтовници ќе тргне голем товар од плеќите на Анкара, иако застапниците на тврдата линија не него гледаат со длабока скепса, бидејќи стравуваат дека Курдите ќе продолжат да се борат за независност што ќе ја поткопува турската држава.
Примирјата и претходно беа договарани и кршени, меѓутоа првпат сега и Оџалан и некој турски премиер отворено зборуваат за разговори за сеопфатно решение. Во четири наврати од почетокот на курдската револуција во 1994 година, Абдулах Оџалан прогласуваше еднострани прекини на огнот, меѓутоа тие не помогнаа да се постигне трајно решение.
Повлекувањето на курдските милитанти од турската територија би требало да заврши на 15-ти август. Наведениот датум зависи од тоа дали Турција ќе ги усвои реформите со коишто ќе гарантира поголеми права за курдското малцинство, коешто според процените го има околу 15 милиони, што претставува 20 отсто од вкупното населени на Турција коешто брои 76 милиони луѓе./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Шест лица пронајдени мртви во Бугарија, истрагата ја разгледува и можноста за култ
Бугарските власти истражуваат смрт на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, откако на почетокот на февруари беа пронајдени три тела во колиба во Петрохан, а неколку дена подоцна уште три во кампер во близина на врвот Околчица.
На брифинг во Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, полицијата соопшти дека според досегашните податоци, тројцата мажи – Ивајло Иванов, Дечо Василев и Пламен Статев – ја запалиле колибата во Петрохан, по што извршиле самоубиство.
До нивните тела биле пронајдени два пиштола и една пушка. Форензичките анализи покажале дека на оружјето има само ДНК од починатите лица. Прострелните рани биле нанесени од непосредна близина, а според судско-медицинските вештачења, повредите биле во домет на сопствената рака.
Полицијата прикажа и три видеоснимки од 1 февруари. На првата се гледа разделба меѓу шестмината, на втората се слушаат зборови на простување, а на третата се прикажува моментот на палење на колибата.
Во одделен случај, на 8 февруари, во кампер во близина на Околчица беа пронајдени телата на Ивајло Калушев, Николај Златков и 15-годишно момче. Во возилото биле пронајдени револвер и пиштол, а според полицијата, на телата немало знаци на борба.
Обвинителството соопшти дека двете главни верзии што се разгледуваат се убиство со последователно самоубиство или самоубиство.
Досега се нарачани 18 форензички вештачења, сослушани се 15 сведоци, а анализирани се и електронски уреди и видеоснимки. Истражителите ја следеле и патеката на камперот преку безбедносни камери во повеќе населени места.
Според полицијата, во колибата се практикувале духовни активности, вклучително и тибетски будизам, а се разгледува и можноста случајот да има карактеристики на затворена заедница или култ.
Истрагата продолжува.
Регион
Вучиќ не открива дали ќе биде кандидат за премиер: „Не е време да се зборува за тоа“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека одлуката дали ќе биде кандидат за премиер треба да биде негова, како и одлука на народот кој, како што нагласи, сака промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос и промени какви што, според него, наметнуваат блокадерите.
Вучиќ ги замоли сопартијците да не зборуваат за тоа дали тој ќе биде кандидат за премиер на претстојните избори и да не шпекулираат на таа тема.
„Не е ни време ни место. Прво, тоа мора да биде моја одлука – дали се чувствувам доволно способен и дали го сакам тоа, а потоа мора да биде одлука на народот. А народот сака промени, само не сака промени какви што му наметнуваат блокадерите, туку промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос“, изјави Вучиќ во Претседателството на Србија, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се знае дали тој ќе биде кандидат за премиер на парламентарните избори.
Вучиќ рече дека е тешко да не се посака промена на некој што, како што наведе, е 14 години на власт, и дека тука не мисли само на политичките неистомисленици, туку и на оние што го поддржуваат.
„Мене ми останува само да кажам колку грешев и колку работи пропуштив да направам. Секој ден се каам што понекогаш сум се опуштил и можеби не сум работел онолку колку што требаше за да постигнеме уште подобри резултати“, рече Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Тој оцени дека на следните избори ќе победи оној што ќе ги убеди граѓаните дека е способен истовремено да донесе и стабилност и промени.
„Што се однесува до премиерот, ги молам сите луѓе да не зборуваат за тоа. Едноставно е, во овој момент не сакам да кажам не, затоа што секогаш оставам некаква можност“, изјави Вучиќ.
Тој наведе дека има илјада забелешки на сопствена сметка, но дека се постигнати резултати кои денес се земаат здраво за готово и повеќе не се ценат затоа што луѓето се навикнале на нив.
Истакна дека за првпат во историјата Србија има стабилен курс на динарот, а дека поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, кој се споменува како име на студентско-блокадерската листа, го уништил динарот и му ја намалил вредноста за 50 отсто.
Вучиќ додаде дека денес Србија има и најниска стапка на јавен долг во однос на бруто-домашниот производ во модерната историја.
Регион
Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура
Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.
Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.
„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.
Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.
Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.
Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.
фото/ЕПА

